Артилерци во Сибир организираа изненадување за 94-годишен ветеран на Втората светска војна

Припадниците на 41 армија на копнените сили на Централниот воен округ на Русија му приредија изненадување на 94-годишниот артилерец Михаил Васиљевич Асанов по повод подготовките за прославата на 75-годишнината од Победата, пренесува инстаграм-каналот shoygu.news.

На полигонот „Јургински“ во Кемеровската област и нему 75 години подоцна му ја покажаа „воената другарка”: легендарното советско лесно противтенковско самоодно орудие ЗИС-30. Михаил Асанов толку се израдува на средбата со оружјето на Победата со кое војувал, што ја бакна хаубицата и им раскажа на војниците за своите доживувања од војната.

Потоа припадниците на артилеријата на Централниот воен округ му покажаа на ветеранот и модерно оружје - хаубицата „Мста-Б“. Ветеранот не одолеа и заедно со младите војници истрела неколку проектили. 94-годишниот артилерец успешно го изведе наведувањето, а по гаѓањето, му рапортираше на началникот на бригадата дека целта е погодена.

„На 9 мај 1945 година истрелавме плотуни во чест на Победата токму од овие топови ЗИС-30. Денес, руската армија е сигурен штит на нашата Татковина. И, нека денешните генерации, како и нивните татковци и дедовци, го чуваат мирот во нашата родна земја“, рече Асанов.

Михаил Васиљевич Асанов е во војска од 16-годишна возраст, каде  поминува обука за помлади заповедници. Во мај 1944 година е испратен на 3 белоруски фронт, борбеното крштење го доживува во борбите кај Витебск, а потоа учествува во тешките битки за ослободување на Белорусија, Литванија и во јуришот на Кенингсберг. Двапати е ранет. Одликуван е со Орденот на славата од 3 ред, Орденот на Татковинската војна и два медала „За храброст“. По демобилизацијата живее во градот Јурга, каде работи во заводот за машиноградба.

 

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња