Почитувани граѓани на Русија! Драги пријатели!
Наскоро ќе настапи 2020 година. На прагот сме на третата деценија на 21 век. Живееме во бурни, динамични и контроверзни времиња, но и понатаму можеме и треба да правиме сè за да Русија успешно се развива, за да може сè во нашите животи да се менува само на подобро. Сега со возбуда чекаме часовникот да чукне полноќ, веруваме и се надеваме дека сите наши желби несомнено ќе се остварат.
Нашите лични планови и соништа се неразделни од Русија. Нејзината сегашност и иднина и иднината на нашите деца зависи од напорите и придонесите на секој од нас. Само со заеднички сили ќе ги решиме задачите со кои се соочува општеството и земјата денес. Нашето единство е темелот за постигнување на сите највозвишени цели. Тие вредности ги наследивме од нашите предци, од јуначкото, нескршливо поколение на победниците. Во годината што доаѓа ќе прославиме 75 години Победа во Втората светска војна. Од сé срце им ги честитам новогодишните празници на воините на фронтот и трудбениците во заднината, на луѓето од постарите генерации, сите кои поминаа низ крајно тешки искушенија заради нас, заради иднината на нашата татковина. Длабоко ви се поклонувам!
Драги пријатели!
Секогаш се подготвуваме однапред за дочекот на Новата година, и покрај многуте работи, и сметаме дека од сé најважни се топлината во човечките односи и пријателското однесување. Тежнееме за другите да направиме нешто важно и корисно, да им помогнеме на оние на кои им е потребна нашата поддршка, да ги израдуваме со подароци и внимание. Вистинската магија на новогодишниот празник се манифестира токму во таквите искрени импулси, во чистотата на нашите мисли, во несебичната дарежливост. Овој празник ги открива кај луѓето нивните најдобри црти, го трансформира светот, исполнувајќи го со радост и насмевки. Светлите новогодишни чувства и чудесните впечатоци живеат во нас уште од детството, и ни се враќаат секоја Нова Година, кога ги гушкаме своите сакани, нашите родители, подготвуваме изненадувања за децата и внуците, заедно со нив ја китиме елката, ги вадиме украсите од кутијата - лампионите и стаклените венчиња. Тие понекогаш стари, но сакани семејни играчки им ја даруваат својата топлина и на новите, помладите генерации.
Секако, секое семејство има свои сопствени новогодишни обичаи, но сите нé обединува атмосферата на добрината и вниманието кон нашиот ближен. Нека среќата на меѓусебното разбирање засекогаш се насели во вашиот дом, нека ви помогне да ги надминете сите тешкотии, нека ги обедини сите генерации. Нека родителите бидат здрави и секогаш да го чувствуваат вашето внимание, а секое дете да чувствува дека тоа е најсаканото.
Пријатели!
Новата година е веќе пред врата. Да си посакаме едни на други и на нашата татковина мир, благосостојба и просперитет.
Среќен празник! Среќна Нова 2020 година!
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче