Неверојатно „лековити средства“ на руските видари

Тамаш Конок; Pixabay
Што се лекувало со исушени пчелини матици? Што е тоа „жив оган“ и како се користел? Што било толку одвратно што од тоа дури и болестите бегале? Руските селани го знаеле одговорот!

На руските селани не им се давала професионална медицинска помош сè до 19 век кога се појавиле првите болници во Русија. Но, тие и понатаму често ја користеле помошта на локалните видари и врачари кои лекувале со билки, со вражање и применувале неверојатни методи на лекување. Селаните верувале дека болестите потекнуваат од злите дуси, па се подразбирало дека ги лекуваат врачарите, а не лекарите, зашто последниве не знаеле ништо за „духовното царство“ каде живеат овие болести.

Зaтоа руските селани ги користеле следните методи (ВНИМАНИЕ: Ако сакате да ги пробате, направете го тоа на своја одговорност!):

1. Масло од црвена тула – кај преломи

Важело за најдобар лек кај прелом на коските. Добро исушена тула од задниот дел на печката се ситнела во аван и се загревала во тава. Изладениот прашок се мешал со билно масло, се загревало до точка на вриење и се цедело низ ткаенина. Така се добивал мелем кој се нанесувал на скршена коска.

2. Исушени пчелини матици, живи жаби и смола од уши – против отровни гризнувања

Доколку се случело некој да биде каснат од бесно куче, требало да се најде матица, да се убие, да се исуши и да се иситни, односно да се направи прав. Половината од добиениот прав се јаде, а другата половина се става на раната. Ако некого касне змија-отровница делот околу гризнатото се мачкал со смола од уши, а целото тело се мачкало со свеж катран. Друг начин на лекување било да се прават облоги од живи жаби кои се ставале на раната.

Урина – кај изгореници и рани

Урината се користела кај изгореници и рани. Се сметало дека најлековита е детската урина. Кај ноќното слепило (nyctalopia) со нив би се плакнеле очите, а во случај на водена болест се ставала на нога. Детската урина ја пиел тој кој имал големи модринки и подливи.

4. Измет – за лекување на сè и сешто

Во традиционалните култури на народите од целиот свет присутна била употребата на изметот како лековито средство. Следбениците на Фројд тврдеа дека изметот (човечки или животински) отсекогаш имал магично својство.

Исушен и иситнет човечки измет се користел против разрокост. Се сметало дека исушениот измет на врапче помага кај осип и кај брадавици. А, од изметот од крава или од куче се правела катаплазма (густа каша која се користела како облога кај отоци) за болки во забите и непцата.

Бањите од шталско ѓубриво исто така биле метод за лекување со измет. Еве како оваа процедура ја има опишано еден руски лекар од Орел: „Голема каца се полни со овесни трици, коњско ѓубриво, сол и со зовриена вода. Потоа болниот се става внатре и се покрива со јорган, така што само главата ќе ми биде откриена. По 3-4 часа болниот се извлекува од кацата и се преместува на топла плоча, топло се облекува и пие чаша вотка во која има отстоено лута пиперка“. На овој начин се лекувани и болните деца. Лекарот пишува: „Често се има случувано мало дете да потоне во кацата со ѓубриво. Тогаш видарите велеле дека го однеле злите дуси“.

5. Нешто слечено од покојник – болеста да се исплаши

Селаните верувале дека болестите потекнуваат од злите дуси и затоа мислеле дека е доволно да се исплашат демоните и да се избркаат со нешто одвратно. За таа цел се користеле највалканите и најгрдите нешта, главно од мртви луѓе или од животни.

Еден етнограф од Псковската област во Русија присуствувал на лекување на селанец кој за таа цел користел делови од мртва крава. „Боледуваше од туберкулоза на белите дробови. По совет на врачарите го замота сето свое тело во кожа од неодамна угината крава, така што одвај можеше да дише додека врачарот околу него вршеше обред на исцелување и му баеше“. Етнографот не наведува дали на овој начин селанецот закрепнал.

Селаните верувале дека лековито својство има дури и земјата земена од гроб. За лекување треска земјата од гробот требала да се земе кришум. Таа се зашивала во платнена вреќичка и се ставала на болниот околу врат.

6. „Жив оган“ – против треска и инфекции

Словените верувале во лековитата моќ на огнот. Ова верување потекнува уште од паганските времиња. Според верувањето, најдобриот оган се нарекувал „жив оган“ (исто така и „благословен оган“ или „свет оган“), а тој можел да се добие само со триење на дрва.

Доколку имало масовни епидемии (колера, стомачен тифус и слично) селаните во своите села вршеле масовен обред: се собирале во центарот на селото, довлекувале два големи суви трупци и ги триеле еден од друг (едниот трупец лежел на земја, а другиот озгора со рачки како кај пила). Огнот ќе се појавел по 8-9 часа непрекинато триење (екипи селани работеле наизменично). Иверката, гранките и свеќите запалени со овој оган се разнесувале по куќите. Овој оган се користел и за лекување треска (настинка). Целото семејство би прескокнувало преку огнот запален од жив оган. Со „живиот оган“ се лекувале и некои инфективни заболувања (како еризипел) или воспаленија.

7. Дождовница – против бременост и слепило

Најлековита била утринската роса или првите капки утрински дожд кои се собирале од листовите на билките од дворовите. Видарите верувале дека капењето во оваа вода може да ја спречи бременоста.

Миењето со вода од првата пролетна бура ќе излекува барем некоја болест. Селаните верувале дека шумската роса лекува слепило. Најдобро било да се собира пред изгрејсонце, а уште подобро пред изгрејсонцето наспроти Иванден.

И секако, се верувало дека водата од „светите“ бунари и извори има натприродни својства, но под еден важен услов: на патот до бунарот болниот не смее со никој да разговара, ниту да одговара на какви било прашања, зашто на тој начин злиот дух го доведува во искушение, трудејќи се да го зазборува и да му пречи.

***

Колку и да звучат чудно овие „рецепти“, мошне често тие „успевале“ зашто автосугестијата има голема моќ. Многу современи медицински истражувања потврдуваат дека често пациентите закрепнувале кога им се давале лекови со плацебо ефект наместо вистински лекови. Автосугестијата е веројатно причината поради која овие неверојатни средства навистина биле лековити.

Згора на тоа, руските селани имале мошне силен имунитет. Тие живееле во природа и јаделе природна храна (поинаква и немале).

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња