Научниците се обидуваат да утврдат каде е снимено видеото со белата мечка на чие крзно некој со боја напишал „Т-34“, изјави за руските медиуми вишиот научен соработник на Лабораторијата за екологија на цицачите на Далекоисточното одделение на Руската академија на науки Анатолиј Кочнев.
Во понеделникот соработникот на Светската фондација за природа (WWF) на Чукотка Сергеј Каври објави видео на кое се гледа како оди по должината на патот бела мечка на чиј бок со црна боја е испишано Т-34. Видеото го коментира и Кочнев, кој се обидува да утврди каде е направена снимката.
„Засега не знаеме каде е направена снимката. Ги знам таквите места на Чукотка. Оваа година имаше проблеми со мечките на Нова Земја, можеби таму презеле мерки за оваа зима: лов, имобилизација, а со оглед на тоа дека таму научниците не се занимаваат со тоа, можеби имало некои „шегобијци“. На „Фејсбук“ на оваа тема му укажав на соработникот на Институтот за екологија и еволуција „Северцов“ на РАН и резерватот „Островот Врангел“ на Чукотка. Можеби тоа се случило таму“.
Според него, ако е тоа обична боја, брзо ќе се измие.
„Во 60-тите години на минатиот век научниците на островот Врангел се обидоа да ги обележуваат со боја белите мечки, пишуваа броеви на нив. Но, мечките ќе го избришеа тоа: кога мразот се топи и тие пливаат, тоа се брише. Но, на почеток, додека не се избрише, на мечката ќе ѝ биде тешко да лови“, рече тој.
Кочнев посочи дека се поставува прашањето за односот спрема мечките. „Оваа снимка првично ја сподели ловец од Чукотка. Чукчите сакаат да ги ловат белите мечки, но заштитниците на природата се против тоа, ги нарекуваат ловокрадци итн. А, всушност, ловците имаат далеку поголема почит спрема животните отколку оние кои пишуваат по мечката. Таквиот однос само им нанесува штета на животните“, рече тој.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче