Публиката врескајќи бега од руски циркус додека мечка го патосира својот тренер (ВИДЕО)

Henry, P./Arco Images GmbH/Global Look Press
Посетителите на еден руски циркус беа шокирани кога дресираната кафеава мечка излезе од контрола, го зграпчи тренерот и го сруши на земја. Преплашената публика почна да бега во паника.

Драматични кадри се појавија на интернет по нападот што се случи во средата, 23 октомври, во Олонец на северозападот на Русија. На снимката се гледа моментот кога тренерот губи контрола над животното. Набргу откако како дел од својот настап истурка градинарска количка преку бината, мечката одеднаш го нападна тренерот и го закова на земја.

Бидејќи немаше ограда меѓу публиката и сцената, по моментот на шок, луѓето побрзаа да си ги соберат децата и да избегаат.

Асистентот се обиде да му помогне на тренерот, шутирајќи ја мечката со надеж дека ќе го запре нападот, но изгледа дека тоа ни најмалку не ја збуни мечката. Беше запрена дури со помош на електричен шок, рече еден сведок на настанот.

За среќа, ниту тренерот, ниту мечката, ниту некој од присутните не се сериозно повредени, делумно благодарение на тоа што животното носеше корпа на муцката.

Директорот на циркусот изјави за „Газета.ру“ дека иако ниту тренерот ниту животното не се повредени, мечката повеќе нема да биде дел од нивната програма. Тој дури делумно и ја обвини публиката за инцидентот, која, според него, ги прекршила правилата користејќи блицови при фотографирањето на претставата.

Едгард Запашни, руски циркуски мајстор и сегашен директор на Големиот московски државен циркус, објаснува дека ваквите напади се случуваат и дека човечката грешка е обично една од причините.

„Животното е животно. Тие напаѓаат и секогаш ќе напаѓаат. Тоа е нормално“, рече Запашни. „Но, зад секој напад сигурно стои некоја грешка од страна на личноста, што значи дека тој не видел нешто, не успеал да ја предвиди намерата на мечката, немал време да реагира и да го спречи нападот“.

„Веројатно ќе се анализира како дошло до грешката и тренерот самиот ќе извлече заклучоци, но со сигурност знам дека ниту мечката ниту тренерот не се повредени во овој напад“, додаде тој.

Запашни исто така истакнува дека мечката изгледала „добро, крупно“ и „ угоено“, што значи дека била добро хранета и здрава.

Покрената е кривична истрага по повод инцидентот за да се утврди дали циркусот пружал „небезбедна услуга“. Инаку, циркуските претстави со живи животни во Русија се дозволени дури и без ограда меѓу публиката и сцената, сè додека животното носи корпа на муцката.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња