На прагот на зимата: Како изгледа централното греење во Русија?

Getty Images
„Ден на топли радијатори“ е денот што Русите го очекуваат со најголемо нетрпение.

Секоја есен на руските социјални мрежи започнува стихијна трка за тоа кој прв ќе постави фотографија на мачка на радијатор. Оваа сцена е толку популарна што Русите веќе почнаа да креваат споменици со мачки на радијатор, како на пример во Перм и Саратов.

Споменик мачка на радијатор во Саратов.

Така милион граѓани на Русија ја „повикуваат“ топлината во своите станови. Зошто луѓето ги фотографираат мачките, ќе се запраша некој. Зарем не е полесно едноставно да се вклучи греењето? Не е! Централното греење во Русија е приказна за себе.

Зградите во руските градови во најголем број имаат централно греење, односно топла вода што тече низ цевки и ги загрева радијаторите во становите. За температурата на водата во цевките одговорна е локалната котларница или термоелектрана која ги опслужува станбените населби или цел реон. Греењето започнува ако просечната температура на воздухот надвор пет дена непрекинато е пониска од 8 степени според Целзиус.

Во европскиот дел на Русија грејната сезона обично трае од октомври до мај, но често се случува ненадејно да залади, а греењето сѐ уште да не е започнато. На пример, во 2019 година на Урал и во Поволжје во септември падна снег.

Во Москва на 19 септември нагло залади, температурата се спушти на +5 степени Целзиусови, а многумина жители на главниот град на Русија сѐ уште чекаа кога радијаторите во нивните станови ќе станат топли. Јулија Петушкова живее во населбата Бељаево на западот од Москва и се смрзнуваше: „На работа е ладно, надвор е ладно, дома е ладно. Излегуваш од ладно и по ладно одиш во ладно. Започнаа да греат на 25 септември, но во станот сѐ уште е ладно, иако може да се спие ако се покриеш со два јоргани, а не со три како претходно“.

„Што бидна, вклучија ли греење?“

Дарја Соколова од Царицино на југот од Москва имаше уште помалку среќа. Во нејзината зграда греењето официјално беше вклучено на 24 септември, но не во сите станови. „Притисокот не е доволен тако што кај мене топлата вода сѐ уште не е стасана. Тоа навистина не е убаво. Ветија дека ќе вклучат греење“, вели таа.

„Дојди да ти ја покажам собата за уживање“

Луѓе, отворете прозорец!

Но, тука не е крајот на незгодите. Како што можеби се сеќавате, температурата во Русија нагло се менува. По вчерашните мразови, денес може да настапи неочекувано затоплување. Тоа значи дека во вашиот стан ќе се „варите“ зашто греењето е веќе вклучено. Температурата на водата во радијаторите се регулира од еден центар во котларницата, и не може самостојно да се зголеми или да се намали.

А, кога ќе започне греењето во руските згради, тогаш се грее „домаќински“. Во големите градови, на пример, температурата на водата се пресметува автоматски во зависност од временските услови. Во помалите котларници тоа се прави рачно. Во секој случај, во текот на грејната сезона, според државниот стандард, температурата во становите не смее да биде помала од 18 степени Целзиусови, а во бањите да не биде помала од 25 степени. Во собите највисоката температура треба да изнесува 24 степени.

„Чувството кога твојата зграда е прва на ред за вклучување на греењето“

Поради тоа многумина Русија назима шетаат низ дома во маици со куси ракави и не ги затвораат прозорците. Секако, тоа има и свои предности зашто во станот секогаш има свеж зимски воздух.

За волја на вистината, во Русија има и згради со автономно греење и тоа не исклучиво во приватниот сектор. Некои нови станбени згради имаат сопствени котларници кои многу побргу ја загреваат водата, а температурата може да се прилагодува.

Колку плаќаат Русите за греење?

Русите плаќаат за греење во текот на целата година, а цената варира во зависност од температурата на воздухот и од регионот. На пример, жителите на студената Камчатка за греење назима плаќаат 7.000 рубли (100 американски долари) месечно, а во Северна Осетија, на југот од земјата, само 3.000 рубли (40 американски долари). Налето становите исто така делумно се греат, односно се грее само радијаторот во бањата, а за тоа секој месец се плаќа од 500 до 1.000 рубли (од 8 до 16 американски долари). Цената е обично иста за целата зграда. Индивидуална е само ако станот има броило (во Русија тоа не е задолжително).

Чија е идејата?

Радијаторите се откриени во Русија, и тоа уште во средината на 19 век. Ги има измислено индустријалецот со пруско потекло Франц Сан Гали. Тој правел радијатори во својата фабрика во Санкт Петербург и ги продавал ширум светот.

На пример, во 1917 година во поголемиот број згради греењето во становите било на дрва, но во големите руски градови имало и згради со централно греење. Централизираната топлификација е воведена дури во 1924 година, а кога во текот на шеесеттите години од минатиот век започнала масовна изградба на станбени населби со „Хрушчови кутии“ (рус. „хрущёвки“), Русите практично заборавиле како изгледа студената зима.

Покрај тоа, во текот на осумдесеттите години од минатиот век руските инженери размислувале за греење на станбените згради со помош на нуклеарна енергија, но овие проекти беа запрени по трагедијата во Чернобил. Денес руските котларници како гориво користат природен гас.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња