Свадба на 16 националности: Масовна венчавка во Дербент сруши два светски рекорда

Портал на град Дербент

Големата дагестанска свадба, одржана на 29 септември во Дербент, истовремено собори два светски рекорда и на тој начин влезе во Гинисовата книга на рекорди, пренесува „Росијскаја газета“. Овој настан е забележан како „најмногунационална свадба“ и како „венчавка со најголем број гости“.

Во свадбената свеченост учествуваа 30 парови со претставници од 16 националности. Токму поради оваа причина, настанот конкурираше да биде забележан во Гинисовата книга на рекорди, бидејќи, според организаторите, таквата прекрасна повеќенационална свадба досега не била одржана. Во церемонијата учествуваа повеќе од десет илјади луѓе.

Најмлади младенци беа 19-годишниот Ајдинбек Ајдинбеков и Камила Гезалова, додека Гаџимурад Курбанов и неговата сопруга Ајша на стадионот „Нарин-Кала” прославија 60 години заеднички живот.

„Со огромно задоволство пред десет илјади гости можам да соопштам: Големата дагестанска свадба постави два рекорда”, соопшти рускиот претставник за пријавување рекорди за Гинисовата книга на рекорди Алексеј Свистунов.

Семејствата на младоженците и невестите на церемонијата во народни носии претставија еден од главните дагестански свадбени обичаи: жените во раце носеа огледала со црвени врвки. Овој предмет од дамнина се смета за заштитник на дагестанската невеста во новиот дом. И роднините им принесуваа на младенците симболи на семејно огниште, успех и благосостојба: послужавник со слатки, ѓумови со шеќерна вода и разни јадења.

Свадбената церемонија траеше 3 часа и 40 минути и заврши со огномет.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња