Дали големината на Русија претставува проблем?

Наталија Носова
Кога живеете во земја како што е Русија, географијата станува најважен аспект од животот. Како поштата влијаела врз руската политика? Зошто на Русија отсекогаш ѝ биле потребни барем 50 чесни губернатори? И зошто Русите ретко живеат надвор од заедница?

Дали Русија е европска земја во вистинската смисла на зборот? Секако дека е. И не само благодарение на Петар Први, ами од првиот момент на појавувањето на руската култура и од тоа како таа индиректно влијаела на развојот на Европа, запирајќи го продорот на монголскиот Бату хан на Запад.

Монголите во 1241 година дошле до Унгарија и биле на чекор до напад на Римската империја. Но, армијата на Бату хан во тоа време веќе била расфрлана низ целата територија на Русија, и ослабена со огромните далечини. Русија, така да се каже, ѝ ја одзела силата, а нешто подоцна тоа ќе го повтори со Наполеон и со нацистичка Германија.

Но, од друга страна, може да се каже дека токму димензиите се руски проблем, кој е толку сериозен што монголските освојувачи всушност не го сакале, зашто не знаеле како ќе управуваат со сите тие раштркани градови. На руските кнезови им биле потребни околу 200 години по ослободувањето од Монголите за да го изведат тоа.

Димензиите како проклетство

Токму географијата направила во Русија да биде изводлива само онаа форма на владеење што ја имаме и денес. Управувањето од центар секогаш било тешка задача поради големите дистанци меѓу кнежевствата. Како изгледало тоа?

Во 15-16 век помеѓу две поштенски одделенија имало оддалеченост од 45 до 110 километри. Кога се испраќале писма од Москва во Европа, биле потребни месеци за да дојдат до границата. Регуларна поштенска служба која можел да ја користи секој граѓанин се појавила дури во 19 век.

Во првата четвртина од 19 век патувањето од Москва до Санкт Петербург траело најмалку два дена, и околу шест дена кога се одело со бавна поштенска кола. Коњите минувале од 110 до 160 километри на ден со брзина од 12 до 15 километри на час, а тоа бара и повремен одмор. Во тоа време земјата веќе ја имало заземено територијата од Хабаровск до европските граници. Во 1805 година на грофот Фјодор Толстој му била потребна една година за да се врати од Далечниот Исток во Санкт Петербург!

Каква врска има тоа со управувањето со државата? Во ситуација кога указот од центарот патува до оддалечените краишта на земјата една година, морате да имате сигурни претставници кои ќе ја претставуваат власта и кои ќе управуваат со тие региони. Сепак, можеме да замислиме дека овие луѓе се чувствувале прилично слободно и постапувале во зависност од сопствените морални принципи.

Малку чесни губернатори

Николај Карамзин

Историчарот и државен службеник Николај Карамзин сметал дека губернаторот е основа за успешното владеење: „Поставете 50 чесни губернатори и ќе имате прогрес“, велел тој. Споредувајќи ја руската држава со странските системи, не треба да се заборави и на димензиите на земјата. Русија е 26 пати поголема од Франција,, 47 пати поголема од Германија, а Франција и Германија се сметаат за големи држави.

Некои сметаат дека е некако некултурно да се споредуваат земјите според големината, но има смисла да се помисли на тоа колку е тешко да се управува со толку голема територија. На пример, големи реформи се практично невозможни. Кметството во Русија е укинато во 1861 година... но само на хартија. Требало да поминат 20 години додека новиот закон да стаса до Иркутск во Сибир.

Големината на територијата и дистанциите се поврзани и со криминалот. Во Русија е лесно некој да исчезне, да се скрие. И денес постојат места каде нема да сретнете жива душа на неколку стотини километри. Со воз можете да ја минете целата земја за една недела. Тоа е рај за криминалците. Затоа оние што ги почитуваат законите се трудат да живеат меѓу луѓе или покрај нив. Осамени имоти и куќи во Русија се исклучок, а не правило.

На руските селани исто така би им било тешко да живеат одделено од група, па затоа рускиот дух на заедништво е толку изразен. Излегува дека географијата е вистинска причина за чувство на единство, па и за централизација на власта. Русите длабоко во себе се ориентирани на група и сакаат заеднички живот и пријателска соработка.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња