Рускиот авион МС-21 го реализира првиот меѓународен лет на релација Москва-Истанбул

Global Look Press

Рускиот средномагистрален авион МС-21 успешно го изврши својот прв меѓународен лет од подмосковскиот град Жуковски за турската престолнина Истанбул, јавуваат руските медиуми.

Рускиот патнички авион од нова генерација денеска слета во 13:26 часот по локално време на аеродромот „Ататурк“ во Истанбул, каде за прв пат ќе биде претставен на некоја странска изложба. Инаку, на фестивалот на авијацијата, вселената и технологијата под називот „Технофест“, кој се отвора утре, ќе учествуваат и руските летала SSJ-100, авионот-амфибија Бе-200 и повеќенаменскиот ловец Су-35.

Екипажот на авионот МС-21, кој за три и пол часа помина 2500 километри, беше пречекан од руска делегација и новинари.

„Впечатоците се одлични, сите системи функционираат беспрекорно, немавме никакви потешкотии во текот на летот“, изјави копилотот Олег Мотовин. Капетанот Василиј Севастјанов додаде дека нема никакви забелешки за авионот и дека првиот пат дел од летот бил извршен над море.

Авионот МС-21, кој може да прими од 150 до 211 патници, го направи првиот лет во 2017 година, а првпат беше јавно претставен на авио-салонот МАКС во Подмосковје кон крајот на минатиот месец. Неговиот лет го следеа претседателите на Русија и Турција Владимир Путин и Реџеп Таип Ердоган. Инаку, Турција е заинтересирана за заедничко производство на авионите SSJ 100 и МС-21.

Почетокот на сериското производство на првиот руски средномагистрален авион е планиран за 2021 година. Најсериозен купувач е „Аерофлот“, кој нарача педесет примероци.

Корпорацијата „Иркут“, која го произведува леталото, потпиша на салонот МАКС преддоговор за испорака на десет авиони на првиот странски нарачател на МС-21 - казахстанската авиокомпанија  Bek Air.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња