Внимавајте на ужасните руски обичаи!

Навивачи во Москва на Светското првенство во фудбал во 2018 година

Навивачи во Москва на Светското првенство во фудбал во 2018 година

Александар Шчербак/TASS
Имате ли желба да пробате сѐ што сакаат Русите? Најпрво прочитајте го овој текст и добро размислете. Можеби сепак ќе се премислите.

1. Пиење вотка

Ви се чини дека ние Русите пиеме вотка секој ден. Можеби некој тоа и го прави, но поголемиот дел од нас не сака вотка и веќе одамна пиеме пиво или вино, а на некои дури им е помилоо и смутито.

Дали баш мора да пиете вотка? Русите ја пијат кога ќе се собере поголемо друштво, и тогаш сите вреват, постојано се прават здравици за сѐ живо – за вашето здравје, за здравјето на вашите домашни, за здравјето на вашите домашни миленичиња... Наздравуваат со желба да ја најдете личноста на својот живот, да се пронајдете себеси, смислата на постоењето... Од тие силни здравици можеби нема ни да стасате да испиете чашка вотка!

Но, добро, ако сте сепак сте се напиле, што се случува понатаму? Ви се разнишува координацијата на движењето, повеќе не сте стопан на самиот себе, можете ненадејно да почнете да танцувате или да запеете караоке... А, следното утре ќе ви биде срам кога ќе се сетите на сето тоа. Освен тоа, Русите сакаат да снимаат со камера керефеки на пијаните пријатели, така што можете да станете ѕвезда на Јутјуб или барем на пријателски муабет на Уотсап. Потребно ли ви е тоа?

А, што уште ве чека? Повеќе не се контролирате што зборувате, и на сите во друштвото им изјавувате љубов или им се колнете на љубов до гроба. Тие ви возвраќаат со иста мера. Ве фалат и ве воздигнуваат до небо, и така постепено навлегуваат длабоко во вашата душа и ги дознаваат вашите најскриени тајни! Да не е тоа малку многу за една обична „журка“?

И на крајот, со витката оди мезе, морате многу да изедете и да се прејадете. Салати со мајонез, солена харинга, кисели краставички... Секако дека е вкусно, но потоа ќе ве мачи киселина и совеста. Ни тоа не е добро.

2. Одење во парна бања („руска бања“)

Одењето во „руска бања“ е варварски обичај! Еден куп пријатели се собираат во парната бања, сите од некаква причина се соблекуваат едни пред други и одат во просторија загреана на 100 степени Целзиусови за заедно да се мачат. Само да знаете, ова не е финска сауна, тука сите викаат: „Додај уште врела пареа!“

Некој можеби (а, можеби и повеќемина) ќе го тргнат и пешкирот кој им е замотан, па како од мајка родени ќе мавтаат со него „за да ја растераат пареата“. Дали е тоа она што го сакате?

Потоа ќе ви понудат некој да ве шиба со метличка од брезови гранки. Нечовечката болка и страдањата што ќе ги претрпите сигурно не вредат за она кусо получасовно блаженство кое следува кога ќе излезете од парната бања. Имајте го предвид и следново: некои сакаат во „руска бања“ да се намачкаат со мед. Тоа е веќе сериозна работа. Наводно, медот дејствува како пилинг и кожата потоа станува како на бебе, но какво е чувството кога сте потопени и кога на вас се лепи дабово или брезово лисје. И потоа сето тоа треба да се измие. Врвна забава, нема што...

Кулминацијата следува кога сите од бањата, црвени како ракови, истрчуваат од парната бања и се фрлаат во снег. Мислите дека тоа е некакво доживување? Се лажете! Па, дури и да е, така можете да настинете, па потоа Русите ќе ве принудуваат да испиете цистерна чај, а можеби дури и пиво. И не дај Боже тие, такви мокри и покриени со чаршави, од некаде да извадат сушена риба, па да „замезите“ со нив на лице место! Само обидете се да не ја пробате рибата! А, кога ќе ја пробате, ништо повеќе нема да биде како претходно, верувајте.

3. Одење во руска дача

Тешко е да се објасни зошто современите хомо сапиенси секој петок навечер свесно минуваат неколку часа во бесконечна колона автомобили кои ползат (или малку стојат, малку ползат), или стенкаат во електричниот воз во кој нема каде да падне игла од толпата.

Веројатно и животните тогаш велат: „Да бегаме, има човек во шумата“. Сите овие луѓе се упатуваат во неугледната природа, што подалеку од комфорниот мегаполис. Наместо во слободното време да ја почувствувате магијата на цивилизацијата во некој префинет ресторан, вие ќе се потите на сонце и ќе печете месо на оган како некој пештерски човек! Какво е тоа задоволство?

Не залажувајте се, нема таму цело време да уживате во природните убавини и да гледате во природата, шумичката и потоците. Не, таму следува и обилна консумација вотка (видете ја точката број 1), а потоа повторно „руска бања“ (видете ја точката број 2), а по сето тоа неуморните руси ќе ве разбудат во мугри за да одите во шумата. И гајле им е што не сте се наспале и што сте мамурни...

Зошто се оди во шумата, се прашувате? Одете да ги нахраните комарците со својата крв и да берете печурки. Не плашете се, вашите пријатели знаат да разликуваат печурки што се јадат од отровните. Барем така велат... А, тогаш уште ќе ви тутнат во раката некакви сомнителни шумски бобинки и ќе ви кажат слободно да ги јадете. И додека вие со недоумица мислите што ќе правите со тие бобинки, тие гласно се смеат и прават шеги на ваша сметка, велејќи: „Се јаде тоа, но само еднаш“.

Кога ќе се вратите од шумата изморени планирате да се испружите во кревет? Ха-ха! Веднаш од врата започнува чистењето на печурките, па потоа треба да се сварат и да се испржат со компири... Облеката ви ги впива тие чудни миризби за што подобро да запаметите дека сте биле „на руска дача“.

4. Патување со воз

Сонувате за патување по Транссибирската железница? Послушајте нѐ – оставете ја таа работа! Знаете ли како изгледа труцкање во воз кое трае седум долги дена и седум долги ноќи? Не знаете? И подобро да не знаете. Прелетајте преку Русија како човек за осум часа, и тоа е тоа.

Проблемот не е само во труцкањето. Ќе морате да се запознаете со сопатниците. Тие веднаш ја вадат својата храна – пиле од алуминиумска фолија или варени јајца, па сето тоа ви го нудат и вам. Тогаш од соседниот вагон ќе дојде некој лик со гитара и со вино и не ви дава да спиете, упорно дрнка по жиците и пее некои свои песни... А, згора на тоа ви нуди и вино. Немате каде, сето тоа морате да го трпите.

Полека станувате нервозни како што времето поминува, а труцкањето не престанува. Постојано доаѓа домаќинката на вагонот и нешто се мота околу вас. Па, не сте вие мали за таа да ви става чај? И тоа во некои праисториски чаши со праисториски држачи. Зарем Советите не умееле да направат нормална шолја со рачка?!

По цел ден возот тропоти, а вие не знаете што ќе правите. Сопатниците или спијат или ви додеваат со своите бескрајни „доживувања од војска“. Гледајте малку низ прозорецот, имате што да видите: ливада или шума. Се гледаат и дрвени куќички и понекаде некаква црквичка, но сето тоа е направено под ист калап. Монотонија, здодевност, даун...

Мислите дека навечер убаво ќе спиете? Ама, не, внимателно ќе го слушате тропањето на тркалата...

5. Уживање во магијата на руската зима

Зимата воопшто не е пријатно годишно време. Не е јасно зошто странците сакаат да дојдат во Москва токму за новогодишните празници. Да им смрзнат коските, па потоа со мака да закрепнуваат со помош на варено вино? Или да направат снешко во Москва?

Или можеби сакаат да „пивнат“ по некоја снежна топка. Внимавајте, нема да ве гаѓаат деца, ами возрасни! Замислете, возрасните Руси се гаѓаат со топки од снег! И гаѓаат во глава!

А, да не зборуваме за егзотиката како што е патувањето низ градовите на Златниот прстен. Таму не може да се сместите во нормален хотел, ами во дрвена куќичка направена набрзина. Таму не патувате како во цивилизиран свет, ами се возите на санка што ја влечат коњи.

А, што да се каже за лизгалиштата? Русите ќе ги наденат лизгалките и итаат околу вас, не гледајќи пред себе, ами зеваат во светликавите новогодишни украси. А, вие само гледате да не паднете...

Покрај сето тоа, морате да облечете сѐ што имате. Ако наминете некаде на пијалак (а, ќе наминете), тогаш морате сето тоа да го соблечете, па потоа повторно да го облечете.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња