Путин на бајк-шоуто на „Ноќните волци“ во Севастопол пристигна со мотоцикл „Урал“ (ВИДЕО)

Reuters

Претседателот на Русија Владимир Путин пристигна на меѓународното бајкерско шоу „Сенката на Вавилон“, што се одржува во Севастопол, зад воланот на мотоцикл „Урал“. На манифестацијата што 11 пат го организира на Крим познатото здружение за мотоциклист „Ноќни волци“ Путин ги довезе раководителот на Крим Сергеј Аксонов и вршителот на должноста губернатор на Севастопол, Михаил Развожаев, кои седеа во приколката покрај претседателот, односно зад него.

Во придружба на водачот на „Ноќните волци“ Александар Залдостанов, познат по прекарот „Хирург“, претседателот со мотоциклот дојде до бината, од каде што им се обрати на учесниците на манифестацијата.

„Многу ми е мило што повторно ве гледам и што ја продолжувате традицијата започната пред десет години. Ви ја честитам десетгодишнината на манифестацијата и ви посакувам сѐ најдобро“, рече Путин.

Шефот на руската држава рече дека ваквите настани ги обединуваат љубителите на техниката и сите оние што ја сакаат Русија. Тој ги пофали учесниците на бајкерскиот фестивал затоа што им даваат на младите пример како треба да се однесуваат спрема својата татковина. Во име на бајкерите Залдостанов му се заблагодари на претседателот за поддршката. Членовите на клубот му го подарија на претседателот филмот „Руски реактор“, снимен на едно од претходните изданија на манифестацијата на полуостровот, а во суштина е своевидна хроника на Русија во периодот од Октомвриската револуција до денес. Лидерот на „Ноќните волци“ му подари на Путин и плетена капа каква што носат бајкерите.

Бајк-шоуто „Сенката на Вавилон“ на мотоклубот „Ноќни волци“ е единаесетта манифестација на мотоциклисти одржана на Кримскиот полуостров. Првиот собир беше организиран во подножјето на ридот Гасфорд во близина на Севастопол 2009 година. Оваа година фестивалот „Сенката на Вавилон“ традиционално е составен од каскадерски, пиротехнички и музички програми.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња