Ова е вистинска инвазија: Норвешки весник повикува на убивање руски лососи

Александар Архипов/Russian Look/Global Look Press
Како што е познато, под водата границите не се гледаат. „Рускиот лосос“ или горбуша час оди во Норвешка, час ја напушта, но изгледа оваа година инвазијата на руската риба достигнува рекордни размери. Убивајте ги, повикуваат норвешките стручњаци. Но, што всушност имаат тие против првокласниот вид риба од соседната земја? Како што објаснува весникот „Дагбладет“, оваа „напаст“ од норвешките реки го потиснува локалниот вид.

Кога во педесеттите години од минатиот век Советскиот Сојуз за првпат ја насели горбушата во реките на Колскиот полуостров, се претпоставуваше дека оваа риба ќе стане ресурс. Наместо тоа, рибата од семејството лососи со потекло од Тихиот океан стана напаст не само во Русија, ами и во многу делови на Северна Европа, пишува норвешкиот весник.

Жителите од северниот округ на Норвешка Финмарк велат дека ширењето на горбушата е вистинска „инвазија“.

„Овие риби ги преплавија нашите реки. Утринава уловив дваесеттина лососи“, вели жителот на Киркенес Ејстејн Хансен за Дагбладет.

Тој учествува во работата на Здружението на ловци и риболовци Сор-Варангер, кој има ставено замка за лососот на реката Карпелва на 20 километри источно од Киркенес, недалеку од руско-норвешката граница. Токму тука минува линијата на фронтот на норвешката борба против руската „инвазија“.

Локалното здружение на ловци и риболовци во договор со раководството на округот следи четири реки на истокот од Финмарк. Една од нив е Карпелва. Здружението се плаши дека оваа година ќе дојдат многу повеќе горбуши и дека рибата од семејството лососи која се наоѓа на црната листа ќе го урне својот историски рекорд кој беше забележан во 2017 година.

Пред нас е огромна работа, зашто овој вид кај нас е крајно непожелен“, вели Хансен.

Неговиот став го поддржуваат и стручњаците. Ева Турстад, истражувач од Норвешкиот научно-истражувачки институт за природни науки и професор на Универзитетот Тромсе, има негативен став кон ширењето на „рускиот лосос“ во Норвешка.

„Тие едноставно би можеле да го потиснат нашиот лосос и да станат проблем“, вели Турстад.

Според неа, животниот циклус на горбушата трае точно две години и секоја единка умира по мрестењето. Овој лосос може мошне брзо да се размножи, така што постои ризик и по смртта да предизвикува непријатности.

„Проблемот е во тоа што по есента умира и се распаша во реките. Реките така добиваат дополнителни хранливи материи, но кога ги има премногу, тоа веќе не е добро“, објаснува Турстад.

Затоа горбушата се наоѓа на таканаречената црна листа неавтохтони видови кои го загрозуваат норвешкиот биодиверзитет. А, мислењето на научниците и на властите се поклопува.

„Убивајте ги“, апелира Турстад.

Уште во шеесеттите години од минатиот век рибарите периодично ловеа големи количества „руски лосос“ во своите води, но популацијата што СССР ја пушташе во северните реки во текот на педесеттите години од минатиот век веројатно не успеала да се аклиматизира, вели Турстад. Кога во 1978 година советските научници престанаа да се занимаваат со внесување странски видови, горбушата исто така исчезна.

Но, потоа Советскиот Сојуз одлучи да ја користи горбушата од реките кои се влеваат во северниот дел на Тихиот океан. Оваа горбуша одлично се прилагоди на условите во реките од Белото море, на Колскиот полуостров и често се наоѓаше во некои делови од Финмарк.

Иако Русите уште во 2000 година престанаа во реките да пуштаат нови горбуши, нивниот улов на северозападот во Русија само се зголеми. По 2000 година во Русија секоја година се лови во просек двапати повеќе горбуша во споредба со претходните години, вели Турстад.

Во 2017 година горбушата е пронајдена во над стотина реки ширум Норвешка. Според податоците на Норвешкиот научно-истражувачки институт за природни науки, вкупно се уловени 6.390 единки „руски лосос“.

Над илјада горбуши се уловени во само една река во Финмарк. Горбушата се наоѓа и на други места, на пример на југот од Норвешка, во Данска и во Велика Британија.

Во 2017 година норвешките научници беа изненадени кога открија колку се проширила популацијата на оваа риба.

„А, оваа година проблемот е уште поголем од 2017. Во реките во кои претходно стасале сега ги има уште повеќе, а ова е почеток на сезоната“, вели Руне Муладал, биолог и стручњак за слатководни видови, раководител на компанијата „Природни услуги на Северот“.

Тој се плаши дека сегашната инвазија би можела да биде уште помасовна од рекордната 2017 година. „Можеме да очекуваме дека во текот на следните две недели бројот уште повеќе ќе се зголеми и може да се случи во многу реки горбуша да има повеќе од обичниот локален лосос, особено на северот“, вели Муладал.

Ова стравување што го поддржуваат и научниците, се сведува на тоа дека горбушата би можела да го потисне атлантскиот лосос, морската пастрмка и езерската златовчица од нивното вообичаено место на живеење.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња