„Мечката ме закопуваше и ме џвакаше“: Сведоштво на Русинка која преживеала средба со мечка

Жорж Санц/ZUMAPRESS.com/Global Look Press

Средбата со „господарот на тајгата“ во дивина може да биде фатална. Две жени од Русија кои го доживеале ова ни раскажаа како извлекле жива глава. Нивните сведоштва се пострашни и од трилер.

Марина Фокина од Сајаногорск (Република Хакасија) е храбра жена. За неа најубав одмор е оној во шума со неколку пријатели. А, буквално на 200 километри од нејзината куќа се наоѓа резерватот Јергаки, еден од најпопуларните во регионот. Марина веќе 25 години го посетува овој парк на природата, уште од средно училиште. Тој ден, 12 јуни 2015 година, тргнала во шумата со својот петгодишен син, со сестра си, со братучедот и со една 72-годишна пријателка. Ноќе, додека сите спиеле, во шаторот им влегла млада мечка, која почувствувала мирис на храна. Марина прва ѝ се нашла на патот.

„Најпрво си помислив: сигурно некој урива некое дрво“, вели Марина. „Тогаш низ главата ми мина: волк. Но, излезе дека е мечка. И почна да ме гризе“. Било многу болно, но Марина најмногу се исплашила за децата. Видела како мечката со шепа тргнува кон нејзиниот син. „Тогаш ми се пристори дека мечката му ја одгриза ногата и ме обзеде бес! Решив да ја убијам проклетничката“, вели таа. Се сетила дека надвор оставила секира за цепење дрва. Некако се извлекла од шаторот и со скршена рака го фатила оружјето. Во состојба на шок силата ѝ доаѓала сама по себе. Но, ѕверот забележал и ја грабнал за нога. Во тој момент нејзината сестра, децата и другарката истрчале од шаторот, а мечката повеќе не била заинтересирана за никој, зашто таа само сакала да дојде до резервите од храна. Туристите успеале да се извлечат од шумата и да повикаат спасители. А, Марина смета дека доколку таа тргнала кон неа со секира, тоа само ќе ја разбеснело мечката и веројатно ќе ја изгубела главата.

Марина Фокина

Лицето ѝ го составувале од делови

„Претходно мечки имавме видено само оддалеку. Знаев дека се таму, но ми се чинеше дека тоа никогаш нема да има врска со мене“, објаснува Марина. „Дури подоцна ловочуварот ми објасни дека токму во тој период започнува сезоната на парење и дека мажјаците едноставно полудуваат. А, ни со својата храна сме им дошле под носот и мечката сакала само да се заслади со нашата храна“. А, мечките имаат мошне добро развиено чувство за мирис.

Некои од основните правила за туристите гласат: храна не се држи во шаторот и задолжително преку ноќ се остава оган да гори. Но, таа ноќ паѓал дожд и тие решиле да ја внесат храната во шатор за да не се намокри. Токму тоа била кобната грешка, признава Марина.

Мечката на нејзиниот син му нанела поплитки рани на бедрото и на ногата, а на старата пријателка речиси ѝ го симнал скалпот и таа сè уште нема закрепнато од шокот. Марина имала уште помалку среќа. Лекарите во Абакан, престолнината на републиката, буквално морале да ѝ го составуваат лицето од делови. Вилицата ѝ висела. Забите на мечката буквално минале на милиметар од нејзиниот мозок и од очните нерви.

„Кога стасав во болница, лекарите не веруваа дека ќе преживеам. А, веќе следниот ден почнав сама да станувам, па дури и да правам вежби. Воопшто не ни претпоставував дека ситуацијата е толку сериозна. Дури подоцна сфатив дека ништо нема да биде како порано“. Марина денес има 38 години. Имала неколку пластични операции. Особено ѝ се оштетени нервните завршетоци на левиот дел од лицето, окото ѝ трепка двапати поретко одошто претходно. А, неодамна повторно отишла на истата таа полјана во шумата и таму заврзала лента. „Сите нека знаат дека рускиот дух не може да го скрши никаква мечка“, се смее таа.

Марина Фокина

„Ја гледав како ме џвака и се молев“

Но, додека во шумата е очекувано да се појави мечка, во градот неговото појавување е сосема непредвидливо. Наталија Пастернак од Тинда (Далечен Исток) претходно имала видено мечка само во зоолошка градина и на циркус. На 11 мај 2015 година оваа 54-годишна жена со својата пријателка, 82-годишната Валентина Городецка, и со кучето тргнала на периферијата од градот за да собира брезов сок. Другарките се разделиле зашто на таа полјана ја знаеле секоја грмушка, со оглед на тоа дека оделе таму веќе 15 години. Присуството на диво животно го почувствувало кучето. Тоа била мечка стара околу четири години, која, веројатно, по зимскиот сон барала храна.

„Кучето остро залаја и сфатив дека се ближи опасност“, вели Наталија. Потоа видела како меѓу дрвјата се појавува мечка и како се движи кон неа. Сакала да избега, но се сетила на другарката, запрела и ѝ викнала да бега. „Мислам дека тоа беше грешка, зашто мојот крик ја исплаши мечката и таа скокна на мене. Почувствував дека тоа е крајот“.

Откако го слушнала очајниот крик на својата другарка, дотрчала Валентина. Најпрво помислила дека ги нападнале кучиња-талкачи, но кога видела како над крвавата Наталија се бори мечка, побрзала да викне помош. Но, мечката ја забележала и ја закачила со шепата по грбот. Трагата од нејзините канџи се гледа до денешен ден. За среќа, Валентина сепак успеала да избега и да повика помош.

Наталија Пастернак

Мечката за тоа време се вратила кај својот плен: таа речиси ја закопала Наталија, но, кога Валентина ја исплашила, решила ловот да го пренесе на поскришно место. Наталија очајнички се бранела: се фаќала за грмушки, за дрвја, повремено губела свест од болки. „Знаев дека ќе умрам, но не сакав туку-така да се предадам“, се сеќава таа. „Таа ме закопа, а јас гледам и слушам како ме џвака. Додека ме кинеше, јас се молев“.

Ловците стасале по 40 минути. Мечката се обидела да ги нападне, но тие успеале да ја погодат. Наталија ја нашле благодарение на кучето кое почнало да лае штом ги видело луѓето. Веројатно преживеала само зашто мечката не ѝ ја закопала главата, па можела да дише.

„Мечките наминуваат и во градините“

Мечката во целост ѝ го распарал скалпот, а нозете ѝ ги изгризала речиси до коски. „Черепот ми беше оголен, сиот во крв и во прав“, се сеќава Наталија. „Лекарите подоцна ми рекоа дека не знаеле како да почнат, од што да почнат. Се сеќавам како ми ја сечеа облеката, а медицинската сестра рече: на неа нема место кое не е повредено“. По операцијата со авион била префрлена во Благовешченск, каде ѝ симнувале ремени кожа и ја крпеле онаму каде не било доволно. Наталија тука минала два месеци и денес закрепнува, не само физички, ами и психички.

Наталија Пастернак

По овој настан дознала дека во последните години во градот и други луѓе виделе мечки. „Велат дека наминуваат во градините, во дворовите, но никој ништо не презема“, огорчена е Наталија. Во Тинда природата е прекрасна: рекички, шума. Во советските времиња родителите на Наталија доаѓале тука во рамките на изградбата на Бајкалско-амурската железничка магистрала. Подоцна се вратиле во Днепропетровски, а таа решила да остане тука, Неодамна конечно добила и стан за кој чекала 20 години. „Претходно беа други времиња. Шетавме во длабочините на шумата, собиравме печурки и бобинки, никогаш не се плашевме“, вели таа. На периферијата од градот Наталија повеќе не оди.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња