Плагијат на векот? Ѕвезди на советската музика ја „препеаја“ „Боже, чувај ја од зло“ на Toше

скриншот ЗЕМЛЯНЕ YouTube
Дали и вам ви се чини дека овие две песни се многу слични?

Ако не сте слушнале за советската рок група „Земљане“ (т.е. Земјани) и нивниот најголем (всушност единствен) хит „Трава у дома“ (Трева покрај куќа), тоа значи дека не сте ја слушнале химната на руската космонаутика со која се испраќа секој нов екипаж на МВС до вселенскиот брод. Згора на тоа, песната не е ни компонирана од „Земљане“, туку се смета дека доби на значење дури кога се најде на нивниот репертоар.

Ви го кажуваме сето ова, бидејќи новата композиција на овој бенд „Боже“ неверојатно потсетува на познатиот хит на македонската музичка легенда Тоше Проески. За волја на вистината, треба да се каже дека се работи за поновиот состав на „Земљане“ кој со бендот од 80-тите ги има само заедничкиот назив и авторските права на сите нивни стари песни. Долги години убаво заработуваа со свирки на ретро-концерти, а кога решија да го обноват репертоарот, се најдоа во центарот, ни помалку или повеќе, на меѓународен скандал.

Илјадници Македонци, како и луѓе од поранешна Југославија, па дури и од Русија, пишуваат во коментарите под спотот дека песната на Тоше е „украдена“. И, навистина, звучи неверојатно слично: од првиот до последниот такт, од збор до збор, додека во описот на официјалниот јутјуб-канал на групата „Земљане“ стои дека автор на текстот е некојси Владимир Кисељов, а автор на музиката исто така за нас непознатиот Владимир Трушин.

Ќе забележите секако дека спотот има речиси 200000 прегледи, три илјади лајкови, што би рекле ние дислајкови, повеќе од илјада негативни коментари и само „Јутјуб“ знае колку пријави за кражба на авторски права. Што би се рекло, Македончето крена глава! Ова се само некои од коментарите:

„Ова не смееше да се случи! Крадци, напишете своја песна!“

„Ми беше пријател, а вас ве пријавив на семејството и сопствениците на правата на неговите песни!“

„Никој не може да ја испее оваа песна како Тоше! Тоа беше глас на ангел!“

„Автор Владимир Трушин! Ха-ха-ха! Не сум слушнал ништо посмешно денес!“

Ни потажно, би додале ние.

Продуцентите на „Земљане“, ниту самите музичари, досега никако не реагираа на илјадниците обвинувања и смирено ги читаат коментарите под оваа и другите свои објави на социјалните мрежи. Нека им е на совест.

А на легендата Тоше, вечна му слава!

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња