„Се викам Саша. Немам дел од дебелото црево и затоа сум предмет на омраза“

Pixabay, sasha_govorit/Instagram
Дваесет и четиригодишната Саша Куделина живее со вградена колостома (кеса за празнење на цревата), води блог и објавува фотографии во дводелен костим за капење. Реакцијата на корисниците на руските социјални мрежи во поголем дел се негативни.

Било топло, сончево лето 2015 година. Реткост за Санкт Петербург. Саша Куделина полнела 20 години, ги полагала испитите, работела во хотел како администратор во ноќна смена. Сè требало да биде како кај сите останати: факултетска диплома, журки, момчиња, постепено растење... Но, се случило нешто непредвидено.

„Не знаев што е тоа. Чувствував остри болки во стомакот и во крстот. Кога ми стануваше полесно трчав во тоалетот. И така по 20 пати на ден. Секој пат со ректално крвавење“.

Дијагнозата била улцерозен колитис. Четири години подоцна по хируршки пат ѝ бил отстранет дел од дебелото црево. Тоа се најтешките четири години во нејзиниот живот. Кога лекувањето не помага, хируршката интервенција е крајна мерка.

А, потоа Саша почнала да го води блогот Sasha_govorit, во кој зборува за животот пред и по операцијата. Таа објавува фотографии на кои се гледа вградената колостома и додава дека дијагнозата не е смртна пресуда.

Но, кога некои руски медиуми ја пренесоа нејзината приказна наишла и на друга, за неа неочекувана реакција. „На мојот профил на Инстаграм не гледам негативни коментари, но на новинските портали односот кон мене е изразено хејтерски. Луѓето пишуваат 'зошто сум должен да го гледам ова', 'зошто да ги плашите децата'. Најчест коментар е дека на луѓето кои се наоѓаат покрај мене им е непријатно“.

„Седнав на земја и почнав да врескам на сиот глас“

„Речиси не бев свесна што се случува со мене. Знаев само дека е тоа некоја непријатна болест. Кога ја дознав дијагнозата, си помислив 'добро, де, ќе живеам'. Не ни знаев дека ќе дојде до ампутација на дел од дебелото црево и дека јас, млада девојка, ќе живеам со колостома“, вели Саша за Russia Beyond.

„Се сеќавам како да беше вчера: 9 јули, понеделник. Излегувам од болница. Сè е добро, не крвавам многу. Планирам на 15 јули со другарите да го гледам финалето на светското првенство во фудбал. Денот е сончев, јас сум во тенок светол фустан и во сандали. Кога почувствував болка во стомакот бев во метро со мојот другар. На ескалаторот веќе бев во полусвесна состојба. Излегувам на улица во центарот на градот и влетувам во првиот ресторан за брза храна, трчам по скалите во тоалет, но сфаќам дека сум задоцнила. Целата сум во солзи, крв ми се слева по нозете и никако не можам да ја запрам. Пред тоалетот има долга редица и само две кабини. Минав преку ред и за затворив вратата зад себе. Седнав и почнав да врескам на цел глас зашто не знаев што да правам. Сето тоа го виде чистачката и ми даде едно пакување салфети. Го соблеков фустанот и почнав да го перам.

Такви случаи имаше повеќе. Затоа и не треба да ве чуди што по сето тоа и по ампутацијата на дел од дебелото црево перспективата да го проживеам животот со колостома и не изгледа толку страшно. Тоа не беше тешка одлука. Веќе ми беше сеедно“,

И не е толку страшно

Саша веднаш се помирила. Тоа го прифатиле и нејзините родители и пријателите. Проблем имале сите останати. Далечните роднини и познаниците ѝ велеле: „Како ќе живееш без орган? Ќе се унакажеш“. „Претпоставуваа дека никому нема да му бидам потребна и дека нема да можам да раѓам“.

„Односот кон луѓето со колостома во Русија е тежок, зашто тоа не го гледаат често, сè е скриено под облеката. Тие сметаат дека е непристојно да се покажува колостомата. Јас, на пример, сè уште не сум морално подготвена да се појавам во костим за капење на руска плажа. Луѓето едноставно не знаат како функционира сето тоа. Тие мислат дека ќе видат како нешто излегува од моето тело. Или дека смрдам. Но, луѓето со лош вид не се срамат да носат очила. Зошто јас да се срамам да носам дводелен костим за капење?“

Четири години со улцерозен колитис Саша од време на време патувала. Што не е воопшто лесно. Поголемиот број лекари во Русија нема да го советуваат тоа. „Кога некој лекар ќе слушне дека во таква состојба сум отишла на море, ми вели дека со таква дијагноза не се оди ни на викенд на село. Да, за жал, луѓето реагираат како на црвена крпа кога ќе слушнат дека патувам, кога ќе ја видат насмевката на моето лице и дека сум и симпатична девојка“.

Саша не сака да си ги поставува прашањата што ги мачат многумина со тешки заболувања – „Зошто јас?“ Го избегнува ова прашање како деструктивна мисла. Поголемиот број луѓе со вградена колостома тешко се навикнуваат на новиот живот. „Почнав да водам блог за да им помогнам на оние кои допрва ќе почнат или кои веќе живеат вака. Тоа, секако, не е никаква пропаганда за колектомија. Само сакам да кажам дека никој ми го нема одземено правото да се радувам и дека тоа не е страшно.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња