Зошто руските девојки се симнуваат во метро боси? (ФОТО)

Сергеј Бобиљов/TASS
Фотографиите на босоногите девојки во метро предизвикаа бум на социјалните мрежи. Дали станува збор за флешмоб како оној „Во метро без панталони“ или е обид за „поврзување со земјата“?

Во јули на руските социјални мрежи се појавија фотографии на босоноги девојки во московското и во новосибирското метро. Појавата веднаш беше окарактеризирана како нов флешмоб „Босоноги во метро“ во духот на сличниот флешмоб „Во метро без панталони“ кој секоја година се одржува на Запад.

Луѓето кои се навикнати да одат во обувки главно негативно реагираа на фотографиите. Ова се некои од попристојните коментари: „Во метро поради тоа што е валкано би било подобро да се носат ракавици, а тие одат боси“, „Какви живописни црни петици“, „Сте ја виделе ли цената на обувките? Не може тоа секој да си го дозволи“.

Дури и прес-службата на Новосибирското метро реагираше на оваа појава, зашто официјално е забрането луѓето во метро да влегуваат боси, макар што казна не е предвидена.

„Игнорирањето на правилата за безбедност може да доведе до повреди“, вели вработен во метро, а пренесува „Комскомољскаја правда“. „На пример, ако одите по ескалатор без обувки постои можност да се повредите на металните делови. Без обувки поголем е и ризикот да се лизнете на мокра подлога. Во вагон некој може да ви стапне на боса нога, а тоа е мошне непријатно“.

Но, по проверката излезе дека тоа не е никаков флешмоб, ами за тоа дека неколку стотини луѓе ширум Русија сакаат да одат по улица, па дури и во метро, боси. Се потрудивме да дознаеме зошто го прават тоа.

Зошто?

Како што велат „босоногите“ (познати по англискиот збор „берфутери“), за нив одењето боси е задоволство, а не мака, и затоа не треба да бидат лишени од таквата можност. Една од учесничките во акцијата во Новосибирск Евгенија вели дека за неа е тоа како „кога ќе извади чепови од уши“: „Добивам толкаво количество информации кое претходно не сум ги добивала. Информациите ги примам со дополнителни рецептори“.

Другите љубители на одењето боси исто така велат дека обувките го лишува организмот од многу природни реакции и ги слабее стапалата. Тие не се плашат да одат боси дури ни зиме, што го зајакнува нивниот организам.

Тешко е да се утврди колку вакви луѓе има, но станува збор за отприлика неколку стотини луѓе ширум Русија. Групата „Босоног Новосибирск“ на социјалната мрежа ВКонтакте има над 900 следбеници, а во Москва, како што објави телевизискиот канал „Москва 24“, има околу стотина босоноги.

Според податоците на други медиуми, љубители на одењето боси има и во Чељабинск, Перм, Владимир, Оренбург и во Санкт Петербург.

Московјанката Полина Смерч, која е дел од „босоногите“, вели дека одењето по градот бос не е страшно: „Најважно е да гледате под нозете. Ми се допаѓаат чувствата кои се различни. Чувствуваш како живееш заедно со градот, повеќе си отворен“.

69-годишниот светски патник Владимир Несин исто така го сака овој стил на одење. Тој пеш и без обувки има поминато над 146 земји во светот. „Обувките ми пречат, во нив се чувствувам неудобно, како да сум во окови. А, кога одам бос, чувствувам поврзаност со земјата. Тоа е многу добро и за здравјето. Неодамна пресметав дека за 22 години пеш сум поминал дури 142 илјади километри“, вели тој во интервју за РГ.

Опасно е или не е?

Лекарите се скептични кога станува збор за оваа појава. Главниот независен стручњак на Секретаријатот за здравствена заштита за примарна медицинско-санитарна помош на возрасното население на главниот град Андреј Тјажељников смета дека одењето бос може да доведе до сериозни повреди, изгореници од загреаниот асфалт и до инфекции.

„Во мешаница некој едноставно може да ве нагази на ногата која не е заштитена со обувка. Особена опасност од одењето бос претставува за дијабетичарите. Станува збор за тоа дека раните на нозете кај овие болни многу тешко зацелуваат. Посебно прашање претставуваат заразите, зашто улиците не се дезинфицираат. Освен тоа, кога врне дожд, на тротоарот можат да дојдат отпадни води. Затоа одењето бос по градот им носи на луѓето повеќе штета од корист“, смета тој.

Тој исто така истакна дека е мошне корисно да се оди бос по песок и по трева. Тоа е добра вежба за мускулите на стапалата, така се стимулираат нервните завршетоци и крвните садови, што е добро за општото зајакнување на организмот.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња