Само што не проговорил: Чудно „однесување“ на мумија во Сибир

Даши-Доржо Итигелов

Даши-Доржо Итигелов

Википедија
Будистичкиот подвижник од Бурјатија Даши-Доржо Итигелов починал пред 90 години, а неговото тело е мумифицирано. Според редот на нештата тој заминал во нирвана, замолувајќи да го ексхумираат по 30 години. Но, со мумијата се случуваат чудни нешта.

Пред 90 години лама Даши-Доржо Итигелов седнал во поза на лотос, ги собрал учениците, замолил да се молат за него и „заминал во нирвана“, односно умрел. „Посетете го и погледнете го моето тело по 30 години, а по 75 години извадете го од земја“, рекол тој пред тоа.

Во таа седечка положба Даши-Доржо Итигелов е преместен во ковчег од кедрово дрво и е посипан со сол, како што барал во завештанието. Експертиза на телото на Даши-Доржо Итигелов последен пат е направена во 2005 година, по што будистичките монаси стриктно забраниле какво било проверување, па дури и фотографирање.

Речиси цело едно столетие неговото тело час добива, час губи на тежина, испушта влага и не се распаѓа.

Најпознатиот руски будист

Даши-Доржо Итигелов е роден во 1852 година на територијата на Бурјатија (субјект на Руската Федерација, 4.426 километри источно од Москва) во областа Улзи Добо. Не се знае кои биле неговите родители. Се знае само дека момчето рано останало без нив. Поради тоа со текот на времето меѓу монасите се проширила приказна за неговото наводно божествено потекло: наводно Даши-Доржо Итигелов се појавил на светот како петгодишно момче, како што тоа го прават божествените битија – будите и бодисатвите (идните буди).

Кога останал сираче, Итигелов почнал да работи како овчар, и, според раскажувањата на монасите, го привлекувале надгробни споменици и ритуални предмети. Ја терал стоката на гробишта и таму си играл со покојниците, симнувајќи им ја косата и велејќи им: „Кога би ме слушале мене, не би лежеле тука мртви“. Во тоа време бурјатските народи не користеле ковчези и по правило не ги закопувале покојниците во земја, ами ги оставале на птици среде дрвја или во планина. Еднаш Итигелов дошол меѓу луѓето со стап на кој бил ставен човечки череп. „Ова момче ќе стане голем учител. Нему му е судено да ја прелаже смртта“, рекол тогаш за него еден лама.

Во монашките легенди за овој човек се раскажуваат многу неверојатно нешта (на пример дека водата пред него се раздвоила). Со сигурност е познато дека Итигелов од 15 години заминал во будистички манастир оддалечен 300 километри од неговото родно место и 23 години во него се издигал. Во него предавал, дошол на чело на тој манастир, и бил удостоен со лична посета од страна на императорот Николај Втори. Непосредни пред Првата светска војна станал главен будист на Источен Сибир.

Кога била воспоставена атеистичката советска власт Итигелов ги советувал ламите да ја напуштат земјата, предвидувајќи масовни апсења. Тој самиот не ја напуштил земјата, тврдејќи дека него „нема да стасаат да го уапсат“. Според документите, починал во 1927 година кога наполнил 75 години.

„Се мислело дека тоа е трик на бурјатските будисти“

Неговото тело било извадено по 28, а не по 30 години. Таа година во Бурјатија имало силен ураган, па народот решил да се обрати за помош кај него. Кога била отворена кутијата, неговите зглобови, наводно, биле подвижни, кожата останала еластична, а во пределот на срцето се чувствувала топлина. Му ја замениле облеката и повторно го закопале. Истото било направено и во 1973 година.

Како што било и завештено од Итигелов, во 2002 година со сандакот го извадиле од земјата и го пренеле во Иволгинскиот дацан (будистички манастир во близина на Улан-Уде). Монасите цела ноќ не го отворале поклопецот, само се молеле и палеле оган. Утрото дошол експерт од судска медицина и сандакот бил отворен. Имал сол до рамена, а главата, како што велат сведоците, му била како да е жив. „Сите најпрво мислеле дека тоа е некој трик на бурјатските будисти, А, сега така не мислат. Внатрешните органи му биле зачувани. Очите му биле зачувани. Неодамна дојде еден експерти и рече дека Итигелов има тело на човек кој умрел пред неколку часа“, раскажува Јанжима Васиљева, директор на Институтот Пандито Хамбо на лама Итигелов.

Дворецот на Хамбо-лама Итигелов

Никој не ставил стетоскоп на градите на Итигелов. Монасите дозволиле на експертиза да се однесат 2 милиграми мостра – коса, делови од кожата и од ноктите. „Инфрацрвената спектрофотометрија покажа дека фракциите со белковини имаат карактеристики на жив организам. За споредба зедовме слични примероци од нашите соработници... Мирис на труп не е почувствуван дури ни кога се отворал саркофагот, а не се чувствува ни сега“, вели тогашниот началник на Одделението за идентификација на личности при Рускиот центар за судско-медицинска експертиза., Виктор Звјагин.

Сето тоа, секако, не дава никаков повод да се тврди дека ламата е жив. Анализата на кожата покажа дека во телото има 40 пати повеќе бром одошто е нормално, а температурата на телото е пониска од 20 степени, што е апсолутен знак за смрт.

Монасите, секако, го тврдат спротивното (со исклучок на Далај-мала кој не го коментира случајот), како и илјадници будистички поклоници кои го посетуваат телото на Итигелов. Покрај тоа, откако е извадено од саркофагот, телото секоја година добива по 2 килограми тежина. За шест години станало 10 килограми потешко. Понекогаш на телото се забележува излишна влага која потсетува на пот.

Овие појави научниците ги објаснија на следниов начин. Во мешунките има многу бром со што може да се намали чувствителноста на организмот и да се ограничат стимулативните импулси однадвор, а речиси и да не влијае на деловите од мозокот кои се задолжени за дишењето и за крвотокот.

Научниците претпоставуваат дека Итигелов во текот на животот намерно јадел многу мешунки, а потоа со помош на самохипноза ги исклучил функциите на својот организам задолжени за размена на енергија. Со други зборови, влегол во длабока медитација, а потоа во анабиоза, по што настанала смрт. Солта и исушеното ткиво можат да го апсорбираат испарувањето на водата и да влијаат на тежината на телото на отворено.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња