Како руски воeн авион може да прелета преку САД?

Getty Images; Legion media; Алексеј Куденко/Sputnik
Американскиот печат прави шеги на сметка на руските планови да учествуваат на парадата на 4 јули. Но, пред само две години руски воен авион прелета над Капитол Хил и Пентагон. И се врати дома цел.

Претседателот Доналд Трамп во средата како „неверојатно интересна вест“ најави дека на парадата на 4 јули, која тој одамна ја планира, ќе учествуваат и руски ловци Су-24 кои ќе прелетаат над Вашингтон, саркастично пишува американскиот автор Енди Боровиц во својата хумористична рубрика во магазинот „Њујоркер“ (New Yorker).

Во овој случај, сатирата воопшто не е далеку од реалноста. Имено, во август 2017 година, руски воен авион фактички прелета над главниот град на САД, фотографирајќи ги Капитол Хил и Пентагон. 

Тој настан ја шокираше американската јавност, но сето тоа беше во рамките на Договорот за отворено небо, потпишан и ратификуван од 34 земји, вклучувајќи ги Русија и САД.

Договор за отворена шпионажа

Договорот за отворено небо им овозможува на земјите-потписнички да испраќаат воени авиони за набљудување во земјите на другите потписнички и да летаат над нивните територии. Се разбира, за возврат и самите мораат да им дадат на другите земји таква можност на својата територија.

Тој договор првпат беше предложен 1955 година, во екот на Студената војна, со цел да се подигне нивото на транспарентност меѓу САД и Советскиот Сојуз. Тогаш предлогот беше одбиен. САД и Русија (како наследничка на Советскиот Сојуз) го ратификуваа договорот дури во 2002 година.

„Оттогаш двете земји извршија над 1200 меѓусебни набљудувачки летови“, истакна Виктор Литовкин, воен аналитичар на агенцијата ТАСС.

Тој објасни дека секоја земја однапред ја одредува траекторијата на летот над воените бази и воените објекти на друга земји, но, исто така, доставува список со комплетната фотографска и видео-опрема што ќе ја користи во текот на тој лет.

„Потоа двете земји преговараат за деталите на летот, и по неколку месеци, конечно се случува тоа „чудо“. Летовите секогаш се транспарентни. Сите знаат што може да очекува од другата страна“, рече експертот.

Проблематични факти

„Денес Русија и САД се најдоа во ќорсокак по прашањето на овој договор, бидејќи благодарение на драматичниот технолошки развој од почетокот на 2000-тите, современата оптика и електроника овозможуваат добивање на многу поостри и поквалитетни фотографии и подетални информации за воените бази и активностите“, истакна професорот на Академијата за воени науки Вадим Козјулин.

Ту-214ОН

Според него, САД не ѝ дозволуваат на Русија да го користи својот најнов авион Ту-204 со опрема за набљудување ниту сакаат да ги опремат своите авиони за набљудување со најновите фотографски и видео-уреди.

„За добивање на потребните информации ним не им е потребно набљудување од воздух. Тие ги добиваат со помош на сателитите кои летаат околу целиот свет. Ако постават во своите авиони подобра опрема и истото ѝ го овозможат на Русија, тогаш Москва ќе има и подобри информации, а Американците, се разбира, тоа не го сакаат“, додаде експертот.

И покрај тоа, Договорот за отворено небо може да ги поттикне потписничките да ги прошират зоните на набљудување во иднина. На пример, тој овозможува летови над еколошки загрозени подрачја, како и мониторинг на териториите и дејствијата во зоните на мировните операции на ОБСЕ.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња