Дали Русија е и муслиманска земја?

Муслиман на утринска молитва во Москва во чест на Курбан бајрам (Еид ал-Адха), празник на жртвувањето

Муслиман на утринска молитва во Москва во чест на Курбан бајрам (Еид ал-Адха), празник на жртвувањето

AFP
Тоа на прв поглед не е очигледно, меѓутоа исламот е една од најважните религии во Русија, каде што има најмногу приврзаници по православното христијанство.

„Според процените на стручњаците чии компетенции не се доведуваат во прашање, за 15 години околу 30% од населението во Русија ќе бидат муслимани“, рече тој.

Според последните анкети на Фондот „Јавно мислење“ сега има околу 7% муслимани (што е околу 10 милиони луѓе), но определени муслимански организации ги критикуваат ваквите процени тврдејќи дека бројот на муслимански верници во нив намерно се намалува. Со оглед на ваквата бројка, прогнозата за пораст од 30% кај многумина предизвикува збунетост. Од друга страна, еден свештеник на православната црква го поддржа мислењето на Гајнутдин.

Од птичја перспектива. Муслимани на молитва на улиците околу московската Соборна џамија за време на празникот Курбан Бајрам.

„Отприлика е така. Муслиманите раѓаат повеќе деца одошто православните... Чечените и Ингушите [претежно муслимански народи од Северен Кавказ] имаат во просек осум деца во семејството“, вели Дмитриј Смирнов, шеф на Патријаршиската комисија за семејства, мајки и деца. „Русите ќе исчезнат во 2050 година. Тука ќе живеат сосема други народи: Чечени, Ингуши и Арапи“, предвидува тој.

Но, научниците не го поддржуваат апокалиптичното мислење на Дмитриј Смирнов во врска со ова прашање. Борис Денисов, демограф од Московскиот државен институт за телевизискиот канал 360 вели: „Оваа прогноза е смешна. Русите не раѓаат од истата причина поради која не раѓаат другите народи. До 2050 година ќе се сменат и Чечените и Ингушите, и тие ќе раѓаат помалку. Тоа е глобална тенденција“.

Како и да е, муслиманите што живеат во Русија не се некакви непожелни дојденци чија цел е да го потиснат локалното население. Хронолошки гледано, исламот се појавил на териториите на неколку региони во Русија отприлика во исто време кога и христијанството.

Бурна историја на исламот

Верник на молитва во џамија во Казањ

Дербент се наоѓа во Дагестан (1.900 километри јужно од Москва). Ова е најјужниот град во Русија и е еден од најстарите. Основан е во 6 век пред нашата ера и е прв муслимански град на територијата на современа Русија. Арапите го зазеле Дербент во 8 век и веднаш од него направиле центар на исламот на Северен Кавказ. Тоа се случило пред да дојдат Русите кои во тоа време живееле далеку на северот и го примиле православието во 988 година.

Тогаш Русија го носела називот Рус (Русь) и морала да коегзистира со своите муслимански соседи што секогаш не било едноставно. Златната орда, државата што ја основале потомците на Џингис хан, принудиле поголем број руски кнежевства да ѝ плаќаат данок од шеесеттите години на 13 до осумдесеттите години на 15 век. Исламизирана е во 14 век. Подоцна, кога првите цареви ја обединувале Русија, тие војувале против муслиманските држави кои настанале по распаѓањето на Златната орда. Тогаш Русија ги стекнала своите први муслимански жители.

Имено, царот Иван Четврти во 1552 година го зазел Казањ, престолнината на Татарите, кои денес се најбројниот муслимански народ во Руската Федерација. Од 16 до 18 век Русија освојувала претежно муслимански територии – по должината на Волга, на Кавказ, на Крим и подоцна во Средна Азија. Властите често настапувале прилично остро.

Иван Грозни го зазема Казањ, 2 октомври 1552 година

„Руските губернатори заедно со православните јерарси биле цврсти во одлуката да го искоренат исламот, урнале многу џамии и погубиле многу оџи“, пишува сајтот „Кавкаски јазол“(„Кавказский Узел“). Точно е дека во тој период секоја власт дејствувала на ист начин и се обидувала да ја наметне својата религија на новите територии.

Така Екатерина Велика во текот на осумдесеттите години од 18 век основала официјален државен орган за рамноправна комуникација со муслиманите во Руската империја, и им дозволила да станат законски дел од општеството. Муслиманите минале низ истите фази како и неправославните христијански верски заедници низ Русија, односно низ кус период на верска слобода по револуцијата од 1905 година. Подоцна во советскиот период од 1924 до 1991 година прогонувани се претставниците на сите религии. Во новоформираната Руска Федерација односот кој сите религии е прилично либерален.

Разновиден и умерен

За разлика од христијаните, муслиманите во Русија немаат централна управа. Тоа е општа одлика на оваа религија каде секој доволно образован човек кој ги познава Коранот и Суната (летопис за животот на пророкот Мухамед) може да стане проповедник и да основа сопствена школа.

„Руските муслимани се делат на три групи. Едната се Татарите и Башкирците. Сите тие живеат во регионите на Поволжје и на Урал. Втората група ја сочинуваат муслиманите од Северен Кавказ, а третата се муслиманските малцинства ширум Русија, вклучувајќи ги и мигрантите од Средна Азија, од Азербејџан и од Северен Кавказ“, вели Алексеј Малашенко, научен раководител на Центарот за дијалог меѓу цивилизациите. „Овие групи меѓусебно се разликуваат и етнички, и културно, па дури и во верска смисла“.

Муслимани на молитва во џамијата Кул-Шариф на празникот Ураза-Бајрам (Еид ал-Фитр) во Казањскиот кремљ.

Сепак, сиве овие групи го користат рускиот јазик како јазик за комуникација, често и во џамиите (покрај традиционалниот арапски). Заедничкиот јазик е мост помеѓу различните исламски групи и ги обединува во посебен „руски ислам“ во рамките на кој имаат неколку заеднички црти.

Според Игор Загарин, експерт за прашањата за религија и доцент на Руската академија за народно стопанство и државна администрација (РАНХиГС) при претседателот на РФ, руските муслимани главно се придржуваат на сунитскиот огранок на исламот и претежно го интерпретираат поумерено од крајноконзервативците како што се, на пример, жителите на Саудиска Арабија.

Повеќевековната коегзистенција со немуслиманското мнозинство влијаела врз тоа исламот во Русија да стане сосема толерантен. Тоа е и разбирливо во претежно православна земја, каде покрај муслиманите има и домашни автохтони будисти (Калмици и Бурјати), како и претставници на други религии. Ова е земја во која сите верници се упатени еден за друг и се навикнати на заеднички живот.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња