На почетокот на април дваесет најдобри припадници на ФСБ и на СОБР од блискиот реон се собраа во планините на Дагестан. На специјалците им беше зацртана маршрута и поставена задача да уништат определени цели во движење, од засолниште, или од оклопни возила. Целта на овој настан беше да се утврди најдобрата и најефикасна единица во регионот.
По брифингот со инструкторите, дел од учесниците се раштркаа кон своите возила за да се опремат со реденици со муниција за митралезите (сите специјалци дојдоа на настанот со своите службени автомобили, во чии багажници имаше митралези Калашников и околу 500 парчиња муниција со калибар од 7.62х54 милиметри. Секако, обичните граѓани во Русија не можат да шетаат наоколу со митралез во багажникот, но доколку сте оперативец на ФСБ во регионот кој е во војна против терористите, тогаш можете).
За тоа време еден од офицерите ја објаснува разликата помеѓу урбаните банди и терористите во планините на Блискиот Исток. „Бандитите се плашат од смртта. Екстремистите не се плашат. Тоа е фундаменталната разлика кога ги ловите луѓето што немаат што да изгубат и за кои смртта е само почеток на нов, и тоа подобар живот. Тие се прилично добро обработени од страна на психолог-професионалец. Тие навистина искрено веруваат дека водат џихад, односно 'света војна', така што убиваат жени, деца и 'неверници'. Во тоа е разликата“.
По десет минути се зачу пукање од пушка. Излезе дека тоа е знак за почеток на засилен марш за уништување на „терористи“ на пункт. Борците се кријат зад првото засолниште на кое ќе наидат, ги креваат своите цевки и испукуваат педесет куршуми кон „непријателот“.
Скок кон друго засолниште. На патот се наоѓаат двајца „терористи“. Растојанието е 75 метри. Рафал. Сите цели се уништени. Скок на следниот ѕид со митралез во раката. Непријателот сега е на оддалеченост од триесет метри. Митралезот е заменет со пиштол Јаригин. Триесет и два куршуми од лежечка положба, со стоење и клекнат. Инструкторот вели „готово“. Спринт кон следната точка. Четворица „непријатели“ на оддалеченост од 200 метри. Буката од митралезите се слева во една непрекината мелодија. „Ајде понатаму. Побрзо, побрзо!“
Оперативецот скока во оклопно возило во движење. При полна брзина го отвора капакот и испукува нов реденик од стариот автомат кон „непријателот“. На крајот на натпреварот, возилото ќе биде дадено во старо железо.
Крај. Непријателот е поразен. Преморениот човек се тетерави на полигонот. Веќе во пресрет му доаѓаат другарите и браќата по оружје, како и момчињата што ги донеле на полигонот да ги видат специјалците.
Резултатот е таков што за најдобар припадник на специјалните единици на ФСБ е прогласен еден од Чеченската Република. Зад него се оперативците од на ФСБ и на СОБР од Република Дагестан.
Последните десет дена овие луѓе ги минале во околните планини, борејќи се против радикалните исламисти. Според официјалните податоци на Министерството за внатрешни работи, благодарение на нивниот ангажман во Дагестан, таму речиси и да нема повеќе терористи. „Сега во Дагестан речиси нема активни ќелии на милитанти. На листата останаа само осум терористи“, соопшти регионалниот министер за внатрешни работи Абдурашид Магомедов за време на проширениот колегиум на руското МВР во 2018 година.
Според самите оперативци, огнените пресметки станаа реткост, иако и понатаму редовно се испраќаат на задача и патрола во планините, и тоа во термин од по неколку недели, со цел да се обезбеди сигурност на регионот.
Истовремено главното тежиште на работата сега се префрла на борбата против пропагандата на терористичката идеологија. „Во Дагестан обидите за оживување на ќелиите на меѓународните терористички организации со помош на милитантите кои се враќаат од Дагестан од Блискиот Исток продолжуваат“, рече регионалниот министер за внатрешни работи Абдурашид Магомедов.
Службениците на силите за безбедност ги банираат радикалните исламистички групи на социјалните мрежи и ги апсат оние што се занимаваат со регрутирање, го следат нивното движење и ги елиминираат „терористите-повратници“ како и радикалните идеолози...
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче