Марија Бутина осудена во САД: Што треба да се знае за нејзиното движење?

Марија Бутина позира на стрелиште во Москва.

Марија Бутина позира на стрелиште во Москва.

AP
Бутина ја поддржаа влијателни руски политичари, но обичните граѓани на Русија немаа воопшто разбирање и така заврши во затвор во САД.

Полицијата во САД на 15 јули 2018 година во Вашингтон ја уапсија 29-годишната руска студентка со обвинение дека таа во интерес на Русија се инфилтрирала во организации кои имаат влијание врз американската политика. Набргу потоа целиот свет слушна за Марија Бутина.

На 26 април таа беше прогласена за виновна за завера против интересите на САД во корист на Русија и осудена е на 18 месеци затвор од кои веќе девет ги мина зад решетки.

На скицата од судењето прикажана е Марија Бутина со својот адвокат Роберт Дрискол пред окружниот суд во четвртокот на 13 декември 2018 година.

Приказната за нејзиното молскавично искачување нагоре и за драматичниот пад започнува многу пред заминувањето во Вашингтон, на универзитетот во провинцијата на Русија, 3.000 километри од Москва.

Корените на „рускиот NRA“

Кога студентите на Алтајскиот државен универзитет во Барнаул решија малку да вежбаат говорништво и водење дискусии, никој не можеше да претпостави дека по само неколку години нивната секција од пет члена ќе прерасне во прилично големо движење за правото на граѓаните на Русија да поседуваат огнено оружје. Тоа е руски еквивалент на американската организација National Rifle Association (NRA).

„Нас нè обединија заедничките интереси. Организиравме дебати. Определени предавачи тогаш беа на стажирање во Америка и ние таму 'собравме' многу американски либералистички идеи. Барнаулското друшвенце беше проткаено со сфаќањата на класичната либералност: пазарна економија, приватна сопственост и право на поседување оружје“, раскажува Иван Зоркин, еден од учесниците на дебатниот клуб.

Многу бргу сите останати теми беа потиснати во втор план, а правото на поседување оружје во Русија сосема ги плени учесниците на овој неофицијален клуб на студенти. Нивен главен инспиратор беше студентката Марија Бутина.

Таа веќе имаше политички амбиции, се сеќаваат познаниците на Марија. Бутина во 2010 година учествуваше во прелиминарните избори на „Младата гарда“, младинска општествено-политичка организација која дејствува во рамките на владејачката партија „Единствена Русија“. И веќе тогаш својата предизборна платформа ја заснова токму на правото на граѓаните на Русија да поседуваат оружје.

Кога во 2011 година во Барнаул допатуваа делегати на „Единствена Русија“ од Москва, Бутина успеа да дојде во видното поле на политичката елита.

„Нашата програма им се допадна“, се сеќава на нејзините зборови Зоркин, кој ѝ помагал во организирањето на прелиминарните избори на партијата. „Марија беше повикана на разговор во Москва“.

Набргу потоа 23-годишната Бутина го продаде својот мал бизнис со мебел во Барнаул, се пресели во Москва и официјално ја регистрираше организацијата „Право на оружје“.

Русија под оружје

Москва не ѝ ги отвори на Марија вратите ширум. Бутина со парите добиени од продажбата на својата фирма изнајми деловен простор во близина на Савјоловската железничка станица и почна да лобира за правото на граѓаните на Русија да поседуваат оружје.

„[Излезе дека] луѓето воопшто не знаат дека поседувањето оружје е дозволено [во Русија]“, ја цитира Бутина магазинот GQ.

Бутина во прилично тешки услови правеше сè за да добие поддршка од влијателни луѓе.

„Маша ги обедини мажите и ги поттикна да се мрднат од мртва точка. Таа многу прашања решаваше полесно зашто е женско. На возрасните сериозни мажи им се допадна тоа што една млада жена се обраќа со таков повод и што толку добро се разбира во конкретното прашање““, вели Вјачеслав Ванеев, кого членовите на движењето денес го третираат како „неофицијален лидер“.

Успехот на движењето „Право на оружје“ во раните фази сите членови на ова друштво, вклучително и Ванеев, ѝ го припишуваат лично на Бутина и на нејзината страст кон оружјето. Таа доста брзо сфатила дека меѓу влијателните луѓе во Русија има многу такви на кои идеологијата на нејзиното движење не им е туѓа.

Помошникот на Марија Бутина и координатор на движењето во Алтијскиот крај Иван Зоркин без двоумење ги набројува приврзаниците на движењето, а меѓу нив е и лидерот на Либеарално-демократската партија Владимир Жириновски, глумецот Иван Охлобистин, телевизискиот водител Владимир Соловјов, политичарот Александар Торшин и други влијателни личности.

„Маша придоби многу пратеници на Државната дума. Во сите фракции имаше и приврзаници и противници“, вели Зоркин.

Движењето почна да ги проширува своите цели штом стана јасно дека добива сè поголема поддршка во Москва. Здружението „Право на оружје“ започна да претендира на учество во определени аспекти на политичкиот живот на Русија.

Во времето на својот процут движењето имаше три основни насоки на дејствување. На прво место беа митинзите за легализација на оружјето, на второ преиспитување на правото на самоодбрана во врховниот суд, и на трето залагањето на секој работоспособен граѓанин на Русија да му се дозволи да поседува пиштол.

Накусо, движењето правеше сè „за вооружениот човек да може полесно да дише во Русија“, вели Зоркин.

И покрај поддршката на определени влијателни луѓе, „Право на оружје“ имаше и сериозен противник – обичните граѓани на Русија.

Сакате ли кај нас да биде како во Америка?

На оригиналниот амблем на движењето е прикажан пиштол на италијанската фирма Берета.

„Стоиме со ова знаме, и ни приоѓаат 'момчињата од крајот', почнуваат да нè 'чепкаат' дека сме Американци, дека сме за Американците или дека сакаме кај нас да биде како во Америка [односно да постои проблемот на масовни убиства како во САД]. Има ли смисла со нив нешто да се објаснува?“, негодува Зоркин.

Бутина успеа да придобие определени луѓе во Москва, но можеше само да сонува за основање на големо движење кое би ги опфатило широките народни маси. Излезе дека на обичните граѓани во Русија воопшто не им е блиска темата за легализација на пиштолите.

Кога движењето беше на својот врв на популарноста во него имаше помеѓу пет и дваесет илјади членови, но мнозинството не беа заинтересирани за заштита на човековите права и измена во законодавството. Многумина едноставно сакаа во слободно време да одат на стрелиште и да се дружат со другите љубители на оружје.

„Немавме строго пропишана обврска за активно учество во дејствувањето [поврзано за заштитата на човековите права или политиката]. Тоа беше само збир на истомисленици, а не членови и раководство“, објаснува Александар Симонцев, поранешен член на движењето во Хабаровск.

Тоа што членовите немаа никаква обврска ги привлекуваше љубителите на оружје да стапат во „рускиот NRA“, но многумина се плашеа од конечната цел на ова движење. „Ние не бевме интересни за луѓето кои поседуваат оружје, но се против ширењето [на правото на поседување оружје]“, вели Зоркин.

Американски NRA

NRA како највлијателна организација за поседување оружје ѝ беше потребна на Бутина и на нејзината екипа со цел нејзиното движење да не згасне на самиот почеток.

Вашингтон, Колумбија, САД. Марија Бутина на суд призна дека како агент дејствувала во САД во интерес на Русија.

„Торшин ни беше врската“, истакнува Ванеев. Сенаторот и банкар Александар Торшин беше алката која ги поврзуваше Бутина со американската организација NRA.

„Торшин тогаш веќе беше доживотен член на NRA и одеше на сите нивни собири“, раскажува Ванеев. Бутина успеа да му се наметне на Торшин како помошничка и да отпатува со него во Америка на состанок со членовите на NRA.

Таа во 2016 година се пресели во САД со помош на студентска виза, но веќе по две години против неа во Америка беше поведена истрага. Во декември 2018 година Бутина се согласи на соработка со истражните органи и призна дека дејствувала како руски агент на американската територија без прописна регистрација во Министерството за правда. Поддржувачите на Марија во Русија тврдат дека нејзините контакти со NRA имале друга цел:

„Целта на нашата организација се состоеше во тоа таа да стане рентабилна. NRA нè интересираше како организација која стана рентабилна. Како тие успеаја да го постигнат тоа? Како можеме да го искористиме нивното искуство?“, објаснува Ванеев.

Американската истрага, меѓутоа, имаше поинакво видување. Во јули 2018 година полицијата на САД ја уапси Бутина, која тогаш веќе беше успеала да се запише на американски универзитет и да стекне значајни врски во NRA и во Републиканската партија, па дури и да стапи во интимни односи со конзервативниот американски стручњак за политички технологии Пол Ериксон.

Денес Бутина е осудена на 18 месеци затвор. Од нив веќе девет месеци помина во истражниот затвор. Тоа значи дека ќе биде депортирана во Русија на почетокот на 2020 година.

По апсењето на Марија Бутина во Америка руското движење „Право на оружје“ престана да постои како правно лице, но во Хабаровск, Казањ, Перм и во Санкт Петербург останаа групи кои, за волја на вистината, не организираат политички акции, но се лојални на идеалите на американскиот либерализам, особено на правото на поседување оружје.

Најпреданите приврзаници на Марија воопшто не се загрижени поради моменталното затишје.

„Таа е личност која не е скршена. Кога ќе се врати во Русија ѝ препорачуваме да се занимава со политика. Со нејзините врски и таквата бесплатна реклама [таа во Русија има иднина]“, заклучува Ванеев.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња