Зошто Русите толку гинат на патиштата?

Getty Images
Секоја година илјадници луѓе гинат во сообраќајни несреќи. Кој е виновен за тоа? Како Русија може да ја исправи ваквата катастрофална ситуација?

Секој ден на патиштата во Русија гинат околу 50 луѓе. Гинат и возачи и пешаци, и деца и возрасни. Властите признаваат дека проблемот е сериозен и со години преземаат мерки за зголемување на безбедноста, но без видлив успех. Според податоците што ги изнесува Руската државна инспекција за безбедност во сообраќајот (ГИБДД), во 2018 година во сообраќајни несреќи загинале 18.214 лица, а 214.853 биле повредени, додека во 2017 година загинале 19.088, а повредени биле 215.375 луѓе.

Поединци сметаат дека речиси ништо не може да се направи за да се измени оваа ужасна ситуација, но дали е навистина така?

Дали станува збор за рускиот менталитет?

Русите одамна сметаат дека невнимателното возење е карактеристично за нивниот национален менталитет, и дека странците се некако поодговорни зад воланот за разлика од Русите кои сакаат да ги кршат правилата. Ова, меѓутоа, не е сосема точно, смета Александар Шумски, раководител на порталот Probok.net, проект кој работи на подобрување на сообраќајниот систем во Русија.

Не постои некаков специјален менталитет на возење, ами само збир на навики кои произлегуваат од опкружувањето и амбиентот, односно од квалитетот на сообраќајната инфраструктура, организацијата на сообраќајот и од општото културно ниво на општеството.

„Кога Русите ќе се најдат во Германија, тие повеќе го почитуваат законот, и тоа не поради големите парични казни, ами поради тоа што тамошната култура не им дозволува да се издвојуваат“, објаснува Шумски. „Истото важи и во обратна насока: ако Германец се најде во руски контекст, тој по извесно време почнува да се однесува како што се однесуваат Русите, односно да ги крши правилата и така натаму, зашто опкружувањето го поттикнува на тоа“.

Во суштина, луѓето од целиот свет се исти: преминуваат улица, ја надминуваат брзината, вртат кога и каде им одговара, дури и ако со тоа се кршат правилата.

Како се котира Русија?

Смртност на 100.000 граѓани

  • Русија – 15.85
  • Германија – 3.54
  • Франција – 4.86
  • Велика Британија – 2.58
  • САД – 10.04
  • Индија – 22.51
  • Белгија – 6.61
  • Бангладеш – 15.56
  • Кина – 17.50

Извор: https://www.worldlifeexpectancy.com/cause-of-death/road-traffic-accidents/by-country/

Во што е тогаш проблемот?

Клучниот фактор кој во Русија предизвикува толку сообраќајни незгоди е застарениот пристап на организација на сообраќајот, смета Шумски. На пример, во случај на судир стандардната руска процедура изискува возачите и возилата да останат на лице место за сообраќајната полиција да може точно да ја опише несреќата и штетата. Тоа значи дека автомобилите извесно време остануваат на патот, па дури и на автопат, што понекогаш доведува до уште поголеми сообраќајни незгоди со летален исход.

Сегашните правила се осмислени пред повеќе од 100 години, уште во советска доба, кога во сообраќајот имало многу помалку метеж од денес. Овие стандардни процедури едноставно повеќе не функционираат.

Следниот проблем е во тоа што понекогаш се преземаат несоодветни мерки. Како на пример можат да послужат најновите напори на државата поврзани со поставување стотина камери на руските патишта. И Државните и приватните камери сега ги снимаат табличките на автомобилите кои ја надминуваат дозволената брзина. Брзото возење често предизвикува судири, но камерите не можат да го решат овој проблем. Возачите ќе ја платат казната и потоа повторно ќе возат брзо. Патем речено, сопствениците на камерите добиваат процент од секоја наплатена парична казна.

Сличен проблем често се појавува кога се воведуваат нови пешачки премини, исто како и разни бариери. Ова на прв поглед придонесува за поголема безбедност во сообраќајот, но често тоа се прави без претходна анализа на вообичаените пешачки патишта, така што премините се поставуваат онаму каде што не им се потребни на пешаците. Оваа околност предизвикува незгоди на местата каде возачите не очекуваат пешак на коловозот, на пример, 200 метри од обележаниот пешачки премин.

И на крајот, евидентно е дека голем број сообраќајни знаци негативно влијае на безбедноста и создава дополнителен ризик. Во стручните кругови се дискутира за бројот и за обликот на сообраќајните знаци кои го одвлекуваат вниманието на возачот. Да ја земеме како пример улицата Нижние Серги во Свердловската област. На делницата на улицата долга еден километар има четириесетина сообраќајни знаци, но пешаците сепак ја преминуваат улицата каде ним им е згодно, без да обрнат внимание на обележаните пешачки премини.

Што треба да се смени?

Сегашните правила и норми во Русија треба да се реформираат така што човечките животи ќе бидат приоритетот, нешто кое многу земји веќе го сторија за бројот на жртвите да се сведе на минимум.

„Некои земји веќе имаат усвоено национална стратегија под називот 'Нулта смртност', со цел да се сведе на минимум бројот на сообраќајни нзгоди. Таму судирите не се третираат како нешто неизбежно. Секоја незгода се толкува како резултат на недостаток во инфрастуктурата. Луѓето прават грешки, а задача на секој сообраќаен инженер е да ја сведе на минимум штетата што таа грешка може да ја предизвика“, истакнува Шумски и додава дека властите во Русија сѐ уште ги применуваат стандардите за организација на сообраќајот кои не се прилагодени за 21 век.

Во некои домени не се неопходни суштински промени и можеби е доволно само да се намали широчината на лентата. Сега нејзината широчина изнесува 3.75 метри, така што обичните патишта личат на автопат. Оваа околност ги предизвикува мотоциклистите да маневрираат помеѓу возилата, а на пешаците им остава тесен простор по должината на зградите. Порталот Probok.net решението го гледа во стеснување на лентите на 3 метри и смета дека тоа би придонело за поголем безбедносен амбиент.

Probok.net исто така се заложува за намалување на ограничувањето на брзината во градовите на 50 километри на час (сега е 60 километри на час), со што во голема мера би се намалил бројот на незгоди.

„Пешакот преживува во 30% од случаите кога ќе го удри автомобил кој се движи со брзина од 60 километри на час, додека ризикот е мошне помал кога автомобилот се движи со брзина од 50 километри на час, зашто според статистиката во таквите незгоди преживуваат 80% од пешаците“, се вели во соопштението од овој портал.

„Ваквото подобрување не изискува големи финансиски вложувања“, вели Шумски. Сè што е потребно се структурни реформи и своевидна револуција на свеста која би овозможила луѓето да се ослободат од застарените навики, принципи и правила.

„На пример, нам ни се потребни правила во кои животот и здравјето на секој човек се поважни од имотот, што е често суштината на проблемот со осигурителните компании. Мислам дека во следниве 5-7 години ситуацијата во земјата може да се измени, но тоа нема да се случи сè дури се придржуваме до старите правила за безбедност кои нè водат во погрешна насока“.

Probok.net предлага да се воведе појасна шема за организација на сообраќајот со помал број сообраќајни знаци (треба да се задржат само оние најважните) и со „издигнати островчиња“ на пешачките премини (односно со издигнати делови на тротоарот помеѓу две ленти). Второво ги штити пешаците во опасни ситуации и ги принудува возачите да забават поради стеснувањето на пешачкиот премин, и воедно ги потсетува дека на ова место од патот може да се појави пешак.

Освен тоа, Probok.net смета дека е корисно да се воведат што повеќе кружни текови на раскрсниците каде често има големи сообраќајни метежи. Кружните текови исто така ги принудуваат возачите да забават и за 45% ја намалуваат веројатноста од незгода. Покрај сето тоа треба да се осмисли и побрз систем за евидентирање на незгодите, така што целиот процес да трае неколку минути и возачите да не мораат да ја чекаат сообраќајната полиција.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња