Неколку десетици чудни и огромни експонати и слики. Заедничко им е само едно нешто – каде и да погледнеш го гледаш Путин. Путин во оклоп на средновековен витез јава на мечка, Путин како суперхерој, Путин во прегратка на некоја баба, Путин од гипс, Путин како лик од стрип...
Во декември 2017 година во Москва беше отворена уште една изложба посветена на рускиот претседател под назив „СУПЕПУТИН“. И неколку години претходно нешто слично беше одржано во Москва и во Лондон. Тогаш Путин беше претставен како Буда, како Јованка Орлеанка, како Че Гевара, како Шерлок Холмс... би било полесно да се наброи како што не беше претставен.
Кашира, Московска област
AFPОрганизаторите на изложбата „СУПЕРПУТИН“ уверуваа дека не станува збор за предизборна агитација, ами дека едноставно имаат позитивен однос кон претседателот. Всушност како и 80% од жителите на Русија, со што се сложуваат и државните и независните агенции за истражување на јавното мислење.
„Го има Путин – ја има и Русија, го нема Путин – ја нема Русија“, оваа мисла брзо стана афоризам.
Ја беше искажал заменикот на раководителот на администрацијата на Кремљ Вјачеслав Володин (сега претседател на долниот дом на рускиот парламент). Но, анкетите сведочат дека и еден средностатистички Русин исто така мисли дека Путин е олицетворение на Русија. Путин е за него гарант за стабилноста, човек кој од пепелта што остана од СССР повторно создаде голема држава.
Јалта, Крим
AFP„Ако го споредиме со Елцин, треба да се цени Путин и она што го направи. Од бездната во која се најдовме по перестројката не се лета директно во космосот. Не чекавме долго и фрижидерите ни се полни, одиме на летување, многумина се отселија од стариот стан и си купија нов, сите возат коли, што пред Путин не ни можевме да го сонуваме“, вели туристичкиот водич Јуриј Бахаев.
„Сепак треба да се собираат резерви на храна зашто Путин не е вечен. Следниот претседател веројатно ќе биде од вашите 'толерантни', и ќе се вратат деведесеттите или нешто уште полошо“, додава Александар Рибаков (57).
„Луѓето се сеќаваат на времињата кога одвај можевме да ги прехраниме своите семејства“, политикологот и поранешен главен советник на Кремљ Глеб Павловски повеќе пати зборуваше дека популарноста на Путин се гради пред сè на сеќавањата од деведесеттите години од минатиот век кога луѓето со месеци не добиваа плати и пензии.
Кога Русите велат „мужик“ мислат на маж кој ќе отвори шише пиво со очниот капак и ќе излезе да се прошета на -40 степени според Целзиус. „Прав мужик“ е најголемата пофалба што еден Русин може да ја добие, и токму така обичните Руси зборуваат за Путин.
Храброст, решителност, сила, самоувереност – сето тоа се особини што Русите му ги припишуваат на својот претседател.
Кога Русија си го врати Крим, рејтингот на Путин уште долго не паѓаше под 80%, а историскиот максимум од 90% беше постигнат во 2015 година кога претседателот донесе одлука за воена интервенција во Сирија. Овие два настани според мислењето на социолозите се најзаслужни за тоа што Путин стана вистински „мужик“.
„Кога си го вративме Крим, му фрливме ракавица на Западот“, објаснува раководителот на одделението за социо-кулутролошки истражувања „Левада Центар“ Алексеј Левинсон. „Луѓето имаат впечаток дека нашата земја се противи на целиот свет. Токму ова според мислењето на мнозинството ја прави Русија голема држава, а Путин силен лидер кој не се исплаши“
Изложбата „СУПЕРПУТИН“, 2017
AFPДали човек како Путин може да направи грешка? Веројатно да. Но, средностатистичкиот Русин не верува во тоа. Рејтингот на Путин ретко страдаше од внатрешно-политичките кризи. Ударот по традиција го прима владата која „не ги исполнува указите“ на претседателот.
Главниот „грев“ на Путин, според истите тие анкети, е во тоа што тој „не знае како живеат обичните Руси“. Познато е дека Путин не минува време на Интернет (тој дури нема ни смартфон). И неопходната информација ја добива од секретарот во папка. „Така што ако Путин нешто не знае, тогаш не знае зашто не му кажале“, веруваат луѓето.
Рејтингот на Путин има паднато само пет пати. И тие пет пати не беа забележителни. Поголемиот дел од експертите сметаат дека тоа се случило зашто Путин официјално ја поддржа реформата на пензискиот систем која беше болна за населението. Но, и тој пад, веруваме, ќе биде привремен. „Слични нешта веќе постоеја, а Путин лесно ја враќаше довербата кај граѓаните“, вели политикологот и претседател на фондот „Петербуршка политика“ Михаил Виноградов.
Во март 2019 година, според податоците на државниот центар за истражување на јавното мислење ВЦИОМ, рејтингот на претседателот го собори антирекордот – 32.7% од Русите веруваат во она што го прави Путин. Сепак, и тоа е веќе видено ниво, вели за Russia Beyond на македонски Левинсон. Рејтингот беше таков и пред настаните на Крим и пред петдневната војна во Грузија.
„Тоа е тоа стабилно ниво на кое се држи рејтингот на Путин долги години: две третини од Русите го гледаат претседателот како симбол на единствена земја и слично. За 20 години немаме видено дека рејтингот паднал под тоа ниво. На луѓето очигледно им е потребно да го сконцентрираат своето внимание на Путин“, смета социологот.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче