Пред и потоа: Како момчињата стануваат мажи во руската армија

Јуриј Чичков
Се ослободиле од вишокот килограми, нафрлиле мускули, станале посериозни, позрели, самоуверени... Фотографот Јуриј Чичков ги сликал војниците на самиот почеток и пред крајот на отслужувањето на воениот рок, па сега можеме да видиме како армијата ги менува руските момчиња.

Јуриј Чичков отсекогаш се занимавал со портрети. Неговите фотографии на руските и на светските ѕвезди, спортисти и политичари често ги имаат красено страните на руските списанија.

„Кој било човек, познат или непознат, секогаш е свет самиот за себе и секогаш е интересен“, вели Чичков.

Јуриј еднаш посакал малку подобро да го истражи човековото лице и да ги следи неговите промени. Тогаш решил да фотографира војници кои одат на задолжително служење на воениот рок.

Првата фотографија е направена во првите денови во армијата, а втората една година подоцна, еден месец пред заминување дома.

Чичков ги има запишано само имињата на луѓето и нивниот роден град или село. Сите останати детали намерно ги изоставил. „Сакав да зборуваат само нивните лица“.

Неговите портрети се најобични, како фотографија за лична карта.

На Чичков му се допаѓа работата на Германецот Мартин Шулер, познат по фотографиите на кои и бездомниците и претседателите изгледаат исто.

„Дојдов во касарната, а пред мене се построи цел одред војници и ми рекоа да изберам. Ми беше непријатно, како да станува збор за некаков кастинг за реклама. Реков дека тоа е доброволен проект и дека, ако некој не сака да учествува не мора“.

„Луѓето во Русија не сакаат премногу да се сликаат, тоа кај нив предизвикува некаков немир“.

Ова не е прв ваков проект, но на Чичков тоа не му пречи. Тоа за него е само инструмент кој отвора различни сфери на животот. „Ако сакате да изградите куќа, сеедно е дали користите чекан, клинци и тули – едни исти инструменти“.

Јуриј не дава никакви коментари за тоа како армијата влијае на неговите јунаци. „Понекогаш е тешко да се каже какви промени настанале. Тоа го чувствуваш само преку фотографиите, на ниво на емоција“.

Единственото нешто што фотографот не можел да не го забележи е тоа дека војниците биле среќни што завршува нивното време во армијата. На сите им недостасувал домот, семејството, пријателите и девојките.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња