Шефот на руската држава зеде учество во официјалната церемонија на отворање на првата фабрика за производство на патнички автомобили „Мерцедес-Бенц“ во Русија, изградена на територијата на индустрискиот парк „Есипово“ во Солнечногорскиот реон на Подмосковјето, соопштува РИА „Новости“.
Во текот на посетата на фабриката Путин ја погледна фабричката лента конструирана според принципот на целосно флексибилно склопување на автомобили со примена на технологијата на ниво „Индустрија 4.0“. Тоа ќе овозможи истовремено производство на неколку автомобилски платформи на една лента.
На Путин му беше прикажана и кратка презентација посветена на фабриката и можностите за производство, по што рускиот претседател го посети погонот за склопување на каросеријата каде што работат заварувачите, како и монтажната лента каде непосредно се склопуваат автомобилите, како и работниот простор во кој шасијата се составува со каросеријата (овој процес работниците го нарекуваат „свадба“).
Рускиот лидер го посети и делот на фабриката наменет за тестирање, каде што се врши контрола на квалитетот и се тестираат готовите автомобили. За време на посетата, тој накратко разговараше со одделни работници во фабриката.
На крајот на посетата Путин беше замолен да се потпише на хаубата на еден автомобил, нешто што тој и го стори.
Германскиот производител на автомобили „Дајмлер“ започна со изградба на својата прва фабрика за производство на патнички автомобили „Мерцедес“ во Русија во јуни 2017 година. Изградбата започна во согласност со посебниот договор за инвестиции, потпишан во февруари истата година. Со договорот се обезбедува даночното оптоварување да остане непроменето во текот на целокупното времетраење на договорот, како и примена на клаузулата за „невлошување на условите“, со што се осигурува стабилност на работењето.
Капацитетот на фабриката изнесува 25000 автомобили годишно. За работа со полн капацитет се потребни повеќе од илјада работни места. Кон крајот на март во фабриката работеа повеќе од 500 луѓе. Околу 30% од работниците живеат во околните населби.
До крајот на годината фабриката треба да почне со локално производство на седанот Е-класа и постепено да го стабилизира производството на теренците GLE, GLC и GLS. Во овој производствен процес концернот инвестира вкупно околу 16 милијарди рубли (преку 250 милиона евра).
За производството ќе биде одговорна новооснованата компанија „Мерседес-Бенц Мануфекчуринг Рус“ со која раководи Аксел Бенсе. Како што претходно соопшти шефот на компанијата „Мерцедес-Бенц Рус“ Јан Мадеја, автомобилите склопени во оваа фабрика од оваа година компанијата ќе може да ги испорачува и на рускиот државен сектор.
Претходно портпаролот на претседателот на Русија Дмитриј Песков изјави дека го доживува како позитивен фактор стремежот на странските компании, вклучувајќи ја и „Мерцедес-Бенц“, да ги заземат местата на рускиот пазар кои беа ослободени со заминувањето на конкуренцијата.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче