Кои се современите руски гении?

Александар Кислов
Постојат ли денес Руси кои можат да се споредат со светски популарните Стив Вознијак, Марк Цукерберг или Илон Маск? Без некои современи Руси ние сега не би знаеле каква е нашата вселена и каде завршува материјалниот свет. Запознајте ги руските гении кои живеат меѓу нас.

Григориј Перељман: самотник кој ја одгатне вселената

Замислете дека сте најпаметен човек на планетата и дека сте решиле една од седумте математички загатки на милениумот. И дека за тоа достигнување меѓународните научни кругови одлучиле да ве наградат и да ви дадат милион долари. Доколку сте одбиле да ја примете оваа награда, доколку сте решиле да се забарикадирале во својот дом и не одговарате на телефонските повици, тогаш вие сте Григориј Перељман.

Рускиот математичар Григориј Перељман. Фотографија со непознат датум преземена од неговата лична папка на Институтот за математика во Санкт Петербург. Перељман ја реши Поенкаровата хипотеза и е главен претендент за Филдсовиот медал, своевидна Нобелова награда за математичари.

Генијалниот математичар од Санкт Петербург стана познат низ целиот свет кога во 2010 година одби да прими толкави пари. Тој уште во 2002 година на Интернет постави доказ за Поенкаровата хипотеза, но на научните кругови им беше потребно доста време да ги „дешифрираат“ лаконските докази за мошне сложната хипотеза зашто Перељман пренебрегнал многу детали, сметајќи дека сето тоа се „подразбира“.

Едноставно кажано, тој ја докажа најинтригантната теорија на минатиот век дека нашата вселена има облик на тродимензионална сфера. На решавањето работел осум години, и за сето тоа време неговите колеги од лабораторијата не знаеле со што се занимава „молчаливиот“ научник.

На прашањето зошто не ги зел парите, генијот во едно од ретките интервјуа одговори: „Јас знам како се управува со вселената. Кажете од која причина тогаш би трчал за милион?“ Освен тоа, тој смета дека неговото откритие подеднакво му припаѓа и на американскиот колега Ричард Хамилтон.

Константин Новосјолов и Андреј Гејм: до откритие со помош на селотејп

Андреј Гејм (51) и неговиот студент Константин Новосјолов (36), обајцата од Манчестерскиот универзитет, во 2010 година ја добија Нобеловата награда за физика.

Тие двајца во 2010 година ја добија Нобеловата награда за откривањето на графенот, материјал кој направи пресврт на глобалната економија. Парадоксот е во тоа што најцврстиот и најтенок материјал на земјата за малку ќе завршел во ѓубре.

Дебелината на графенот е само еден атом. Милијарда вакви слоеви го формираат графитот (од кој, меѓу другото, се прават моливи). Претходно никој никогаш не веруваше за да може да се издвои само еден слој. Новосјолов и Гејм применија обична леплива лента и со нејзина помош од графитот симнаа слоеви со намера да ги истражат под микроскоп, по што ќе завршеле во канта за отпадоци. Излезе дека селотејпот треба да се лепи за графитот и да се одлепува сè дури на него не се формира компактен слој. Едноставно, но генијално.

Андреј Гејм

Сега графенот се применува во најмодерните телефони, автомобили, во индустријата за спортска опрема... Од графенот се прават дури и јакни, со нив се бои коса, тој се тестира и во борбата против рак. А, сето тоа е само почеток.

Јуриј Оганесјан: го прошири материјалниот свет

Што ќе кажете за тоа што човек над 40 години се занимава со еден единствен експеримент, а немало големи изгледи дека тој експеримент ќе роди со плод? Сосема типично за еден Русин, нема што.

Јуриј Оганесјан, академик, научен раководител на лабораторијата за нуклеарни реакции „Г.Н. Фљоров“ на Обединетиот институт за нуклеарно истражувања во Дубна.

Токму тоа го направи физичарот Јуриј Оганесјан. Тој четири децении се обидуваше да ги прошири границите на материјалниот свет, не знаејќи што го чека на крајот – целосен крах или голем успех. сè што гледаме и сè што можеме да опипаме, сè од што сме составени одамна, се чини, е опишано во Периодниот систем на елементи на Менделеев.

Но, во ваквото сфаќање почнаа да се сомневаат кога во 1955 година во САД е добиен 101 хемиски елемент. Физичарите претпоставувале дека можеби има многу повеќе и дека, згора на тоа, постојат елементи (многу потешки од ураниумот) кои не се распаѓаат во текот на стотина илјади, па дури и милион години. Така се појави теоријата „острови на стабилноста“ која претпоставува дека постои материјален свет кој нам не ни е познат и каде владеат некои други закони.

„Баравме во земјата, во примероците од Месечевото тло, во САД беа вршени тестирања со подземни експлозии на атомски бомби, правени се големи акцелератори, но сè беше залудно“, се сеќава Оганесјан.

До првиот „остров“ допливал дури во 2000 година. Тоа беа 114 и 116 елемент, обата добиени по синтетички пат на акцелератор (на Земјата во природна состојба овие елементи не се пронајдени). До 2015 година веќе се појавија шест нови супертешки елементи, а крајот можеби не е тука. Творецот на новите елементи повеќе пати е номиниран за Нобелова награда. Конечно во 2017 година „островот на стабилност“ е пронајден без акцелератор, но 370 светлосни години далеку, во соѕвездието Кентавр...

Игор Митрофанов: човекот кој пронајде вода на Марс

Тој е единствениот човек на светот чии инструменти на вселенските бродови веќе подолго од една деценија систематски ги проучуваат планетите и нивните сателити во Сончевиот систем, во потрага по траги на живот во вселената. Во овој момент во вселената се наоѓаат вкупно шест такви инструменти. Последниот одлета во 2018 година во правец на Меркур.

Игор Митрофанов, раководител на одделението за нуклеарна планетологија на Институтот за космички истражувања при Руската академија на науките и научен раководител на експериментот „Динамички албедо на неутрон“

Митрофанов е заслужен за пронаоѓање вода на Марс и на Месечината. Неговиот инструмент со неутронски детектор го носи американскиот ровер Кјуриосити кој е испратен на „црвената планета“. Митрофанов направи и инструмент кој е испратен на пат за Јупитер.

На крајот на краиштата, сето тоа е потребно само поради една причина, велеше Митрофанов: „Веројатно оваа вода која сега тече низ чешмите стасала на Земјата заедно со кометите од меѓупланетарниот простор. Проучувајќи ја еволуцијата на Меркур и на другите планети околу Земјата ние подобро ги сфаќаме минатото и иднината на нашата планета“.

Жорес Алфјоров: го воведе човештвото во нова фаза на прогрес

Жорес Алфјоров, исто така добитник на Нобеловата награда, учествуваше во трката за развој на ласерските технологии која помеѓу СССР и САД започна во 1968 година. Научниците се натпреваруваа во развојот на полупроводнични ласери, што ја отвори вратата во сосема нов свет на електрониката.

Нобеловецот Жорес Алфјоров во својот кабинет во Државната дума (долниот дом на парламентот) на Руската Федерација.

И Алфјоров стаса прв. Тој прв ја откри технологијата која овозможи подоцнежно создавање ласерски плеери и дискови, мобилни телефони, соларни батерии, ласерски „скалпели“, оптички влакна (без него немаше да постои Интернетот) и многу космички технологии.

Истата 2000 година до истото откритие дојдоа и колегите на Алфјоров во САД, така што Нобеловата награда беше поделена на тројца научници. Но, Алфјоров и понатаму во своите интервјуа нагласува: „Ние порано го започнавме производството на електронски делови. Да не беа деведесеттите, Ајфон и Ајпад сега ќе се произведуваа кај нас, а не во САД“.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња