Руска девојка од село на Инстаграм му се потсмева на градскиот живот и собира милиони прегледи

BiZkettE1/Freepik, PolyaizDerevki
Полина се преселила на село и на Инстаграм објавува смешни фотографии за тоа како дури ни покрај козата не треба да се запостави модата.

На рускиот Инстаграм се појави нова ѕвезда: „Полина од село“(Поля из деревки). Ова е името на профилот на 27-годишната Полина која веќе три години живее на село кое е оддалечено 5 часа возење од Москва. Полина често ја посетуваат родителите и пријателите, но таа живее сама и поради својата безбедност не сака да открие каде се наоѓа нејзиното село.

Девојката објавува неверојатно смешни снимки за својот селски живот, во кои дава иронични коментари на градскиот живот со сите негови вообичаени благодати. Таму таа пронаоѓа своја верзија на спа-центар: леген и корито, а исто така, на пример, опишува една обична селска сауна како раскошна хотелска соба од делукс-класа.

Има Инстаграм поради пријателите

Полина својот блог го води од мај 2017 година. На почетокот објавувала слики само за своите другарки, за да им покаже како се живее на село. Фотографиите толку им се допаднале што ја убедиле Полина да продолжи со нивно објавување. Таа постепено собирала следбеници, а кога стасала до бројот од 5 илјади, одеднаш навалиле нови следбеници. „Милион следбеници собрав за мојот роденден. Помислив: Хакуна матата“, вели Полина за Russia Beyond.

На една слика Полина тврди дека не сака да го изгуби чекорот со градскиот живот. „Тука можам да правам многу работи: лизгање во влажна клупа, цепење дрва, собирање отпадоци на куп, да чекам да ме гризне мравка. Тука се и други видови забава: спа, сопствена скара, сопствен компост... Сигурна сум дека половина од вас не знаат што значи последниот збор“.

Полина има објавено снимка како копа,

како цепи дрва,

како позира со козите,

како пее,

како јаде јаболка.

Но, она што веројатно привлекува илјадници следбеници е нејзината умешност да им се потсмева на луѓето кои се опседнати со разни ствари и појави, како што се модата, фитнесот, здравиот живот, сопствениот изглед.

„Не сакам да заостанувам зад московските трендови, како што се затегната задница, истегнување, клекнување. Девојки, мили мои, како е правилно? Мораме да креваме тегови“, вели Полина на една снимка, покажувајќи за'рѓано железо. „И не смееме да заборавиме на правилна исхрана: бобинки гоџи-фуџи-вуџи“, продолжува Полина со трева и со отровна печурка во рацете.

View this post on Instagram

девочки,вы совершенство .

A post shared by PolyaizDerevki (@polyaizderevki) on

Омилена фраза на сите мотивациски говорници на Инстаграм „Излези од зоната на удобноста“, исто така се најде на удар на ироничните критики на Полина.

„Ништо не ми беше планирано“

Во личните податоци на нејзиниот профил на Инстаграм се има поиграно со стих од популарната песна на групата Бандерос за едноставна девојка од провинција кој сонува за животот на медиумските ѕвезди: „Таа би сакала да живее на Менхетен и да си ги кажуваат тајните со Деми Мур“. Полина има напишано: „Не би сакала да живеам на Менхетен и само со козите ги делам своите тајни“.

Полина претходно има живеено во различни градови: во Владимир, во Москва, во Нижни Новгород, студирала и од време на време работела. Но, еднаш отишла на одмор на село и сфатила дека тоа е тој живот што ѝ се допаѓа. „За мене тоа не беше тешка одлука, ниту нужност. Едноставно дојдов, ми се допадна и останав тука“.

Освен очигледните предности како што се чистиот воздух, уредниот живот без мешаници, без автомобили и толпа луѓе, за оваа девојка на село е најважен погледот на околината.

Животот на село и популарноста

Полина не изгледа како обична жителка на село и не носи стари тренерки како многумина, ами носи обична младешка облека. Но, нејзините сосетки, како што вели хероината од Инстаграм, не прават разлика меѓу „модерна и немодерна“ облека, зашто воопшто не обрнуваат внимание на облекувањето.

„Јас за нив сум само добра сосетка, се посетуваме, сите комуницираат, сите се знаат по име и живеат во слога“.

Полина долго време не се појавувала никаде, освен на Инстаграм. Но, неодамна за првпат „излезе во светот“ и гостуваше во емисијата на еден популарен Јутјуб-блогер.

„Само сакав да кажам нешто за себе, со цел луѓето да ме видат од друг агол, за да ме запознаат“, вели девојката.

Полина има многу понуди за реклами. „Веќе имам поставувано реклами, но не ги прифаќам сите предлози. Јас своите реклами ги снимам со задоволство и кон нив се однесувам како кон креативен процес“, вели Полина.

Со парите што ги заработува од рекламите таа ја средува својата куќа и нема да го напушти селото дури и ако заработува два или три милиони рубли месечно.

„За странските читатели можам да кажам само едно: руското село е најдобро“.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња