Што мислеше Карл Лагерфелд за руските мажи и жени

AFP

Легендарниот моден дизајнер и долгогодишен креативен директор на модната куќа Шанел почина на 19 февруари. Тој е запаметен по својот талент и многуте проекти, вклучувајќи ги и оние што се одржуваа во Русија. Но, Русите, исто така, ќе го паметат по неговите хумористични забелешки за Русија и за нејзините мажи и жени.

„Ако бев жена во Русија, ќе бев лезбејка“, изјави Лагерфелд за францускиот весник „Метро“ по посетата на Русија во 2012 година.

„Мажите во Русија се многу грди. Има неколку убави, како момчето на Наоми Кембел (во тоа време тоа беше рускиот бизнисмен Владислав Доронин), но таму ќе ги видите најубавите жени и најужасните мажи“, заклучи тој.

Карл Лагерфелд присуствуваше на отворањето на бутик „Шанел“ на Кузнецкиот мост во Москва

Како фотограф, Лагерфелд соработуваше со руското издание на „Воуг“. Нејзиниот поранешен главен и одговорен уредник Аљона Долецкаја посвети цело поглавје од своите мемоари на дизајнерот. Нивното пријателство започнало случајно, откако таа спонтано го прегрнала без да го знае она што го знаат сите други: Лагерфелд одбивал контакт со кожа.

Долецкаја си спомнуваше за дизајнерот во интервју за радиото „Говорит Москва“, одбележувајќи го како една од најзначајните фигури во индустријата, но исто така и извонредна личност.

„Треба да кажам дека во модниот свет нема никој како него, само поради неговите добри манири, образование и структурата на неговиот ум. Тој беше многу дарежлив човек“, рече таа.

Модна ревија „Париз-Москва“

Во 2009 година Лагерфелд лично присуствуваше на ревијата на Шанел „Париз-Москва“ во еден од театрите во рускиот главен град. Колекцијата го рефлектираше луксузот на Руската царска куќа, националните и етничките симболи, болшевичката естетика, црвената боја и другите симболи на руското.

Лагерфелд на прес-конференција посветена на календарот на Пирели

Во 2010 година Лагерфелд повторно го посети рускиот главен град за да го претстави календарот на Пирели 2011 што го снимаше. Нему воопшто не му се допаѓаше Москва поради лудите возачи и бескрајните сообраќајни метежи. Сепак, тој додаде дека Москва изгледа убаво во зима, и дека во Русија се чувствува помалку странец одошто во Кина или Јапонија. „Истите продавници како во Париз, а ако заборавиме на Кремљ, архитектурата е иста. И како што знаеме од времето на Наполеон, Москва не е толку далеку“, рече тој во интервјуто за рускиот „Вог“ во 2011 година.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња