Почина главниот конструктор на системот за управување на ракетниот систем за стратешка намена „Јарс“

Слободан Ѓукиќ
Главниот конструктор на Научно-производствениот центар за автоматика и производство на специјални инструменти Сергеј Казаков почина на 12 февруари во 66 година од животот, истакнуваат од неговата компанија.

Научно-производствениот центар за автоматика и специјални инструменти „Академик Пилјугин“ (НПЦАП) се занимава со развој на комплексни системи за управување кои се монтираат на вселенските ракети-носачи, блоковите со ракетни мотори, но и на интерконтиненталните балистички ракети. Оваа компанија учествуваше во изработката на системот за управување кај вселенските ракети-носачи „Протон-М“, „Зенит“ и „Ангара“, како и во воената програма која подразбираше ракетни системи за стратешка намена како што се „Топол“, „Топол-М“, „Булава“ и „Јарс“.

„Нашето претпријатие претрпе ненадоместлива загуба со прераната смрт на главниот конструктор на НПЦАП Сергеј Казаков. Тој почина на 12 февруари оваа година во 66 година од животот по долго боледување“, се вели во соопштението на оваа компанија кое го пренесува интернет-порталот РИА „Новости“.

Пред седум години Сергеј Казаков беше промовиран во главен конструктор на управувачки системи на најсложените ракетно-космички комплекси.

Сергеј Васиљевич Казаков е роден на 08.06.1953 година во Москва. Во својата 23 година како надарен студент го завршува престижниот Московски технички универзитет, по што веднаш почнува да работи во Научно-производствениот центар за автоматика и специјални инструменти НПЦАП. Добитник е на Сребрен медал кој го носи името на познатиот руски конструктор на ракетно-космичка техника и академик Владимир Фјодорович Уткин „за остварени резултати во научната и практичната работа во сферата на космонаутиката и ракетната техника“. Тој го доби овој медал врз основа на успешно завршениот проект за создавање, производство, тестирање и практична употреба на новите системи за управување на борбените ракетни комплекси 15Ж60, 15Ж61 (БЖРК), 15Ж65, ПГРК 15Ж55 (Топол-М), „Торнадо-С“, „Булава“, како и на проектот за модернизација на системот за управување за „Топол-М“.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња