Руска Инстаграм бабушка: „Блогери има прст и плева, но дали сте виделе некого како мене?“ (ФОТО)

Кипријановна е феномен: Отиде во пензија за да се зафркава со младите, правеше шпага, се прослави и прави пари!

„Во хајп сум од 1952 година“, вели блогерката Олга Кипријановна. Свој профил на Инстаграм отворила пред две години, а денес има преку 235 илјади следачи.

Олга ги имитира популарните блогери, учествува во сите Инстаграм предизвици и снима смешни скечеви од животот.

Сепак, не е сама во тоа. Ѝ помага синот, има снимател, група сценаристи, споредни актери и мајстор на монтажа.

„Не знам дали мојот блог би бил толку популарен кога би била помлада“, признава Олга. „ Блогери има прст и плева, но дали сте виделе некого како мене?“

Олга е родена 1952 година во затворениот град Северодвинск (Архангелска област) и целиот работен век била забарка. Се пензионирала пред 6 години и решила да се пресели кај синот-студент во Санкт Петербург.

Си барала нови занимации, си купила фотоапарат, се запознала со нови луѓе, нашла модна агенција и првпат во животот одела на модна писта. „Страшно сакав нови впечатоци. И сето тоа на крај ме доведе до идејата да водам блог“.

„Дали ми е здодевно како пензионер? Погледнете ја оваа шпага и самите најдете го одговорот!“

Олга од детство се занимавала со спорт: одбојка, гимнастика, лизгање – сѐ ја привлекувало. Лете активно вози велосипед, а зиме се занимава со скијачко трчање. Се откажала од алпско скијање, сепак, години се тоа, вели... Иако признава дека се чувствува како да има 30.

Олга додава дека има негативен однос спрема пластичните операции. „Јас сум јас. А како ќе се разликувам од другите ако направам операција?“

„Ми велат, што правиш, жено?! Седи и плети чорапи! А јас не сакам и точка!“

За да човек биде успешен мора многу да работи и само она што го сака, сигурна е Олга. 

„Во СССР многу размислувавме за тоа „што ќе речат другите“? А треба да се живее само онака како што вам ви се допаѓа!“

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња