За помалку од 24 часа: Пронајдени исчезнатите пејзажи на Крим од Третјаковската галерија

museumsnob/ t.me/Global Look Press
Во брзата акција на руското Министерство за внатрешни работи и на Федералната служба за безбедност, за помалку од 24 часа од спектакуларната кражба среде бел ден, пред посетителите и обезбедувањето, во еден од најпознатите изложбени простори на светот, московската Третјаковска галерија, пронајдено е однесеното платно на познатиот руски сликар, пејзаж со исклучителна убавина „Ај Петри, Крим“ на Архип Куинџи, а крадецот е уапсен.

Како што беше соопштено, во селото Заречје во Подмосковје, уапсен е 31-годишен маж кој на органите на редот им е познат од претходно. Имено, во декември минатата година против него е покрената и кривична постапка за поседување наркотици, поради што има забрана за излез од земјата.

На снимката од видеонадзорот во Третјаковската галерија се гледа како крадецот пред очите на посетителите и на обезбедувањето ладнокрвно ѝ приоѓа на сликата, го вади платното од рамката и мирно заминува.

Очевидците велат дека изгледал како музејски работник поради што тоа не предизвикало никакво сомневање. Според расположливите податоци надвор го чекало бело теренско возило од странско производство со кое заминал. Како што подоцна самиот призна во полицијата, не се раководел од никакви причини на љубов кон уметноста, ами дека кривичното дело го направил од чисто користољубие. Според руското законодавство му се заканува затворска казна од десет години и парична казна од 500 илјади американски долари, што зависи од соработката со истражните органи, вели репортерот на телевизијата „Росија 24“, укажувајќи дека претходно ќе мора да одговори на прашањето дали грабежот го извршил по нарачка и дали имал соучесници.

Крадецот го призна стореното кривично дело, а исто така откри дека сликата се наоѓа во еден недовршен градежен објект во Подмосковје, каде и беше пронајдена, а според прелиминарните информации таа нема видливо оштетувања, иако детална експертиза допрва следува.

Архип Иванович Куинџи 1842-1910, е еден од најзначајните руски ликовни уметници, познат по неповторливиот манир на сликање романтични пејзажи. Украденото, а потоа пронајдено дело од помал формат, масло на хартија и платно, беше исчезнато во периодот помеѓу 1898 и 1908 година.

Архип Куинџи

Според процените на руското Министерство за култура вредноста на сликата која се чува во Рускиот музеј во Санкт Петербург, а која во Третјаковската галерија беше изложена од есента на исклучително посетената гостинска изложба, изнесува дванаесет милиони рубли (околу 160 илјади евра), иако некои стручњаци оперираат со цифра од милион американски долари. Во последнава четвртина век имаше малку аукциски продажби на делата на Куинџи кои би служеле како репер. Сепак, едно од уметничките ремек-дела „Брезова шумичка“ продадено е во 2008 година по цена од три милиони американски долари во Сотби во Њујорк.

„Ај Петри“ на Куинџи

Полицијата го пронајде крадецот на платното на Архип Куинџи врз основа на камерата од видеонадзорот.

Во самата Третјаковска галерија и надвор од неа се наоѓаат неколку десетини видеокамери, меѓу кои еден дел припаѓа на системот „Безбеден град“, а дел на системите за видеонадзор на разни ресори и компании.

По направениот фоторобот, со помош на очевидците, полициските стручњаци најпрво ја проучија снимката од видеокамерите, го идентификуваа возилото со кое дошол крадецот, па потоа го следеа неговото движење до селото Заречје во Одинцовскиот реон во Московската област. Во полицијата инаку постоеше страв дека сторителот ќе се обиде да се ослободи од уметничкото дело доколку до него стаса информацијата дека е откриен, па сите детали од операцијата беа држени во тајност.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња