Што се случи со девојките од групата Тату?

Јуриј Желудјев/Global Look Press
Порано двете 16-годишни девојки од Русија ги „тресеа“ интернационалните топ-листи со својата песна за заемната љубов. Но, еве, минаа веќе десет години од распаѓањето на групата. За тоа време обете поминаа низ рацете на психолозите, ја искусија емиграцијата, борбата против ракот и целосно губење на гласот.

Сега веќе не постои повод за тврдење дека со синглот „All the Things She Said“ нешто не е во ред. Оваа песна во 2002 година ја изведуваше групата Тату, руски поп-дует кој беше составен од Елена Волкова и Елена Катина. Двете ученички во школска униформа (куси карирани сукњички и бели доколенки) кои имаа наполнето 16 години се бакнуваа на видоклипот и пееја за тоа како се лудо вљубени една во друга.

Тоа е така само на видеоклипот. Во приватниот живот тие никогаш не беа лезбејки. „Јас ја доживувам својата улога... како филм. Никогаш не сум била лезбејка. Никогаш не ме привлекувале девојките“ изјави Катина во 2013 година за „Дејли бист“.

Зад целата таа шоу-програма стоеја двајца продуценти, двајца возрасни мажи. Тие ги убедија двете членки на детскиот ансамбл „Непоседи“ да глумат нетрадиционални односи зашто видоа голем потенцијал во експлоатацијата на таа тема. Излезе дека имале право.

Трекот 15 недели беше на топ-листите во Велика Британија и една недела се наоѓаше на првото место. Во Америка се проби на Билборд топ-20. Групата Тату продаде милиони албуми низ целиот свет, а во седум земји албумот стана златен, додека во пет платинест. Еден хонорар за концерт во Јапонија изнесуваше половина милион долари. „Во Азија бевме популарни зашто таму целата порноиндустрија се засновуваше на девојки од школска возраст, а ние излегувавме на сцена токму во тоа својство“, вели Волкова. Кога се вратија од Јапонија во Москва секоја од нив си куп стан.

Но, групата Тату се распадна во 2009 година, кога беше на врвот на популарноста. По 10 години заедничка работа Катина и Волкова дојдоа до заклучок дека и на една и на другата им е потребна солистичка кариера.

Рак, операција и целосно губење на гласот

Жолтиот печат многу пишуваше за она што тогаш се случи со контроверзната група. Поранешниот продуцент Борис Ренски во интервју раскажа дека Волкова неколку пати саботирала концерти. Тоа се случи во Калифорнија, каде концертот беше подготвуван половина година. Волкова во последен момент одбила да влезе во авион и одеднаш почувствувала аерофобија, така што американските промотери ја ставија групата на црна листа.

Како и да е, Катина и Волкова зборуваа за тоа дека се премногу изморени една од друга, но уште неколку години продолжија повремено да даваат концерти за големи хонорари и заедно снимија реклама за чоколади во Јапонија.

Тогаш веќе имаа 23-24 години. Волкова имаше две деца од различни мажи со кои се раздели. „Родив, се прибрав и почнав понатаму да работам“, велеше таа.

Волкова наскоро сними неколку сопствени синглови (во прво време се обиде да ја задржи репутацијата на лезбејка), еднаш глумеше во еден руски хорор филм и започна линија обувки заедно со италијански дизајнери.

Тоа траеше до 2012 година кога дозна дека има рак на штитната жлезда и дека мора да се оперира. Дијагнозата ја криеше од публиката. Сите мислеа дека гласот на Јулија станал „чкрипав“ поради пушење, алкохол и наркотици. „Криев зашто таквите работи не треба да се афишираат и на тоа да се добива на популарност. Тогаш не сакав луѓето да ме сожалуваат“, изјави во 2017 година таа во телевизиската шоу-програма „Тајна вредна милион“.

Во текот на операцијата целосно ѝ беа отстранети штитната жлезда и туморот, но ѝ беше повреден гласниот нерв и така таа го изгуби гласот. Закрепнуваше три години, одеше на нови операции во Израел и во Германија. Лекарите ѝ велеа дека гласните жици повеќе нема да се оспособат. Успеаја да ја спасат лекарите во Кореја. „По операцијата еден месец морав да молчам и да не испуштам ниту еден звук. Но, поминаа и три месеци, а јас сè уште се плашев да почнам да зборувам“, вели Волкова. Но, сепак проговори. Дури и почна да пее.

„Бев убедена дека луѓето ќе навалат на концерти. Но, тоа не се случи“.

Животот на Лена Катина по Тату не беше исполнет со толку драматични ситуации, но и таа доживуваше духовна криза. „Знаете, навистина мислев дека ние (Тату) сме големи ѕвезди. Бев убедена дека, дури и ако се распадне дуетот, и мене и Јулка ќе нè зграпчат продуцентите. Но, тоа не се случи“, изјави Катина во едно интервју. „Тоа беше добра поука. Шлаканица. Ми беше тешко, не знаев што да правам. Дури помислив да продолжам со школување, до добијам нова специјалност. Имам диплома за психолог, но нема сигурно да работам по струката!“ Таа и самата почнала да оди на психолог, а потоа решила на два месеци да отпатува во Лос Анџелес кај своите пријатели-музичари. Таму и остана.

Катина во 2013 година се омажи за српскиот рок-музичар Саша Кузмановиќ. Минаа низ две свадбени церемонии (една „српска“ во Словенија, а другата „руска“ во Москва). Роди син, сними мини албум на шпански и замина на турнеја низ Латинска Америка. Дејв Оде направи ремикс на нејзиниот сингл „Never forget“ на англиски јазик со кој изби на првото место на топ-листата Билборд денс.

Во 2017 година се врати во Русија за повторно да стекне популарност во татковината и повторно да запее на руски.

„Ако пушиш – пуши. Ако пушиш – пуши.

Но, не заборавај да дишеш. Што сакав да ти кажам.

Кога сакаш – сакај. Ако сакаш – сакај.

Но, не заборавај да леташ.

Што сакав да ти кажам“

Можат ли поранешните членки на групата Тату повторно да се обединат?

Групата „Тату“, Јулија Волкова и Елена Катина на церемонијата на отворањето на 22 Зимски олимписки игри во Сочи во 2014 година.

Во текот на сиве овие години по распаѓањето на групата во медиумите неколку пати се појавија гласови дека Волкова и Катина ќе го обноват познатиот дует. И секогаш овие гласови беа проследени со стотици коментари со воодушевување како што е: „Боже мој! Тату се враќаат!!!!!“ По сè изгледа, нивното враќање би било успешно.

Но, како што велеше Катина „таа врата е затворена“. Навистина имаше такви обиди, но тие секогаш завршуваа со кавги. Тие дури и на заедничките прес-конференции седеа што подалеку една од друга и одделно одговараа на прашањата. Доколку и многу би сакале да се пробаат во улогата на лезбејки, тоа не би им тргнало од рака.

Во 2014 година Волкова изјави: „Ми се чини дека лезбејките естетски изгледаат многу попријатно од двајца мажи кои се држат за рака и се бакнуваат. Сакам да кажам дека не сум против геевите, но би сакала мојот син да биде прав маж, а не геј“.Ова го вели Волкова, која долго време беше олицетворение на ЛГБТ-заедницата во Русија.

Катина на Фејсбук напиша: „Можам да кажам само едно: Бог нè учи да живееме во љубов, да бидеме толерантни и да не ги осудуваме другите луѓе! Љубовта е љубов, тоа е извонредно чувство!“

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња