Новогодишна честитка на претседателот на Русија Владимир Владимирович Путин

Скриншот
Претседателот на Русија, како и секоја година, ѝ се обрати на нацијата со новогодишна честитка и притоа ги повика граѓаните на Русија да се здружат во единствен тим за да може земјата успешно да се развива и за да може секој да ги почувствува позитивните промени. Путин истовремено ја истакна важноста на давањето помош на сите на кои им е потребна.

„Почитувани граѓани на Русија, драги пријатели!

Се ближи новата 2019 година. Зад нас останува декември, преполн со настани и грижи, кога брзавме да ги завршиме неодложните работи, кога ги прецизиравме плановите за иднината и, се разбира, се подготвувавме за празникот.

А сега со возбуда и надеж ја очекуваме Новата година, гледаме восхит во очите на децата, чувствуваме како се радуваат родителите, бабите и дедовците, ако целото семејство е собрано во овие моменти, а нивните срца се загреани со чувствителност и внимание... И сфаќаме дека во тоа и се состои новогодишната магија. Неа ја создава дарежливоста на нашата душа – таа е потребна и на празник и во делник, кога ги поддржуваме оние на кои им е потребна помош, кои се осамени или болни. Затоа што навистина не постои туѓа неволја, а милосрдието секогаш се одѕива со добри дела, дарувајќи радост и сочувство.

Драги пријатели!

Секој има сега некои свои желби, но гледано во целина, сите ние сакаме нашите блиски да бидат здрави, во домот да владее слога, да им се радуваме на децата, да живееме во мир, а нашите желби, дури и оние најскришните, да се остварат!

Во новогодишната ноќ, како и во детството, замислуваме некоја желба, очекуваме да нѐ следи среќата и сѐ да ни поаѓа од рака. И нека ни се оствари сето тоа. Но сепак, ние добро знаеме дека за себе, за своето семејство и својата земја можеме да постигнеме нешто подобро само со сопствени сили и со заедничка, уиграна работа.

Ни претстои решавање на многу насушни задачи – во економијата, науката и технологиите, во здравството, образованието и културата. И што е најважно, чекор по чекор да ги подигаме стандардот и квалитетот на животот, за сите граѓани на Русија, секој од нас, во годината која веќе настапува, да ги почувствуваме промените кон подобро. Тоа можеме да го сториме само заедно. Помошници никогаш не сме имале, ниту ќе имаме. Поради тоа е важно да бидеме сложен, единствен и силен тим. И нека пријателството и добрите надежи кои сега сите нѐ обединуваат, да нѐ следат и во иднина. Да ни помагаат во работата и достигнувањето на заедничките цели.

Драги пријатели!

Уште само неколку секунди останаа до Новата 2019 година. Да им посакаме среќа на оние кои се до нас, на сите кои ни се драги да им кажеме најтопли зборови, да им се заблагодариме на родителите, нежно и силно да ги гушнеме децата! Да си ги отвориме срцата едни спрема други! Кога милиони луѓе ќе ги обземат такви светли чувства, светот се исполнува со љубов и доверба.

Искрено ви посакувам радост и благосостојба, а на нашата татковина, нашата сакана Русија, успех и процут.

Ви го честитам празникот!
Нека ви е среќна Новата 2019 година!“

Оваа година сенка врз новогодишната прослава фрли трагедијата во Магнитогорск, каде во експлозија на гас според последните информации загинаа четири лица, а под урнатините можело да останат 40 луѓе. Путин пристигна во Челјабинската област и веднаш отиде во оперативниот штаб на Министерството за вонредни ситуации на местото, а потоа го погледна урнатиот дел од зградата и отиде во болницата, каде посети момче кое спасителите го извлекоа од урнатините. Рускиот претседател им наложи на локалните власти да не штедат средства при вдомувањето на настраданите и да им помогнат во изработката на нови документи.

Новогодишното обраќање беше снимено неколку дена порано, а во новогодишната ноќ претседателот Путин дополнително ги повика граѓаните на Русија да се сетат на своите сонародници кои го загубија животот во експлозијата на гас во станбената зграда во Магнитогорск.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња