„Рускиот командос не е Рамбо“: 5 големи заблуди за Спецназ

Алексеј Сухоруков/Sputnik
Пензионираниот офицер на елитните специјални единици во разговор со новинарот на Russia Beyond-Македонија ни ги открива сите заблуди што постојат за Спецназ.

1. Рускиот спецназовец не е снагатор од филм

Една од најголемите невистини е таа дека спецназовецот е граден како Силвестер Сталоне во познатиот филм „Рамбо“. Човек како Џон Рамбо никогаш нема да се изгуби во човечка толпа, што е повеќе од потребно. „Тој секогаш ќе се издвојува од толпата. А, за време на марш и на подолги операции ќе му бидат потребни многу храна и вода за да ги одржи своите мускули“, вели нашиот соговорник.

Вистинскиот спецназовец ќе мора да биде во состојба долго да трча, да ползи, а притоа да не јаде и да не спие. Тоа се обично луѓе високи околу 170 сантиметри, но кои пукаат брзо и прецизно.

„Да, постојат митралесци. Силни како волови и навистина личат на Рамбо. Но, таквите борци обично излегуваат од превозно средство на самото место каде се изведува операцијата. Тие никогаш не одат на долги маршеви“.

2. Спецназовецот знае боречки вештини, но кога е на задача тие не му се потребни

Уште една заблуда е тоа дека спецназовецот задолжително знае кунг-фу.

„Боречките вештини се потребни само доколку двајца идиоти се најдат на бришан простор без автоматски пушки, пиштоли (дури и празни), без ножеви, војнички ашови, без камења во рацете. Ама, каков камен, без најобичен стап! Спецназовецот само во такви услови би применил боречки вештини“.

Од друга страна, боречките вештини се мошне потребни во текот на обуката за јакнење на човековиот карактер. За да не бега како без глава штом ќе завијат куршумите.

3. Специјализација, а не обука за сè што постои

Немојте да мислите дека спецназовецот знае и може сè. Тој не е супермен.

Секој има своја специјалност и свои задачи. Еден знае како се работи во град и во толпа, друг во планини и во шуми. Трет мора да знае странски јазици како мајчиниот, а четвртиот на растојание од 1.5 километри да погоди верверица право в око. Секој има своја задача и своја специјалност.

„Моја специјалност е работа во шума и на ридест терен, антитероризам. Излегувате од хеликоптер, од автомобил или од камион и одите ден или два до целта“, вели нашиот соговорник.

„Се движите само по темнина за непријателот да не ве забележи. Преку ден спиеш во скривница. Некој секогаш дежура. Спиеме во смени. Штом ќе стасате до целта имате еден или два дена за да ја извршите задачата“.

4. Спецназовецот изведува различни задачи: од ликвидација до наведување артилерија

„Мојата единица беше задолжена за чистење на територијата. На нападот му претходеше долго набљудување, собирање податоци. Се случуваше една или две недели да ги чекаме непријателите во заседа на некој рид или покрај шумска патека. Имаше задачи и во урбани средини, но поретко“, вели поранешниот спецназовец.

За работа во град постои посебна обука. Тука обично се бара човек или група луѓе во зграда или во транспортно средство. Постојат единици кои работат само на фронт. Нивната главна задача е ликвидација на живата сила. Се прикрадуваат, изведуваат молскавичен напад и заминуваат.

„Понекогаш влегуваш длабоко во територијата на непријателот, 3-5 километри, и пренесуваш координати за напад на артилеријата или на авијацијата. Откако ќе го проучиш објектот, ја испраќаш информацијата на командата, а тие планираат и изведуваат напад. Тебе ти останува кратко време за да се повлечеш“.

5. Спецназот користи руско оружје (со исклучок на пиштолот)

„На задача можеш да одиш дури и без облека, но никако без автомат. Ако зборуваме сериозно постојат четири главни нешта: основно и резервно средство, средства за врска и за прва помош. Тоа е задолжително“, вели нашиот соговорник.

Опремата зависи од местото и од должината на траењето на операцијата: дали ќе биде потребен придушувач, колку ќе биде оддалечен непријателот за време на стрелањето, дали е ден или ноќ, во затворен или на отворен простор, дали е тоа зграда, поле, шума или рид?

Во зависност од сево наведено се избира оружје, подолг автомат калашников, покус Витез, или нешто трето.

„Јас обично работев со снајперска пушка, автомат и обичен пиштол. Изборот на оружје е голем – она што ти го дала татковината. Главно сè е од домашно производство, пушки ОРСИС Т-5000, различни модели Калашников, снајперски пушки Винторез, ВСК, ВСВ. Но пиштолот е австриски Глок. Тоа е она што обично го имав кога бев на задача“.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња