Ниту мразовите никако да ги потераат сивите китови од бреговите на руска Чукотка кон Калифорнија

Global Look Press

Сивите китови сѐ уште се наоѓаат во крајбрежјето на Чукотка и не се брзаат да тргнат кон топлите брегови на Калифорнија, без оглед на суровите северни мразови, соопшти службата за односи со јавноста на националниот парк Берингија.

Во исто време во овој момент вработените во националниот парк Берингија следат повеќе од десет сиви китови на подрачјето на ’ртот Чаплин, се вели во соопштението. Во плитките води, речиси на самиот раб, китовите ги вадат малите ракови од тлото. Откако добро ќе се нахранат и акумулираат доволен слој на поткожно сало, ќе тргнат на долго патување кон топлите брегови на Северна Америка. Кај калифорниските и мексиканските брегови речиси и не јадат, бидејќи во јужните географски ширини за нив има далеку помалку храна отколку на Арктикот.

Според тврдењата на биолозите, во последно време сивите китови сѐ подолго се задржуваат на Чукотка. Научниците го поврзуваат тоа со доцното формирање на ледената покривка во Чукотското море и северниот дел на Беринговото море. Така минатата година сиви китови беа регистрирани на југоистокот на Чукотскиот полуостров дури на 26 декември, што е исклучително доцна.

Сивите китови се наоѓаат на меѓународната Црвена листа на загрозени видови. Тие достигнуваат должина до 15 метри, а тежина до 37 тони. Престојуваат исклучително во северниот дел на Тихиот океан. По должината на морскиот брег на Чукотскиот полуостров се среќаваат претставници на калифорниско-чукотската популација која ја сочинуваат 22 илјади примероци. Во плитките води на Беринговото и Чукотското море сивите китови поминуваат значителен период, во текот на топлиот дел на годината, сѐ до првиот мраз. Китовите тука ќе се натоват, а потоа тргнуваат да презимат во Калифорнија.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња