Руското Интернет-издание за образование и воспитување „Мел“ објави подолга статија под наслов „100 години без секс: историја на сексуалното воспитување во 20 век“, а ние ви предлагаме скусена верзија на текстот.
До револуцијата од 1917 година децата на благородниците дознавале за сексот по правило од своите слуги. Анкетите од дваесеттите години од минатиот век покажуваат дека токму слугите им раскажувале на момчињата за самозадоволувањето, а првото сексуално искуство го имале со слугинките.
Физиолошкото воспитување било насочено кон борбата со раниот развој на половиот инстинкт. До 14 година на момчињата им зборувале за репродукцијата, давајќи им примери само од зоологијата, а од 15 година педагозите предупредувале на опасноста од венерични болести и за сексот пред бракот.
Се сметало дека на девојчињата воопшто не би требало да им се зборува ништо на оваа тема за да не се вознемируваат нивните детски души. „Моралот е покорисен од знаењето на физиологијата“, пишувал педагогот и првиот член на МОК Алексеј Бутовски во брошурата за физичко воспитување од 1910 година.
По револуцијата од 1917 година дошло времето на слободна љубов: дозволени биле абортусите, хомосексуалноста престанала да се третира како злосторство, а се размислувало и за целосно откажување од брачниот сојуз.
Советскиот сексолог Игор Кон пишувал дека во Петроград во 1923 година кај 18-годишните работници сексуално искуство веќе имале 47% од момчињата и 67% од девојките.
Но, властите биле конзервативни во врска со ова прашање и се залагале младите луѓе да ја чуваат невиноста до бракот. Биле печатени книжулиња во кои предупредувале за опасноста од честите сексуални контакти и на тоа дека мастурбацијата предизвикува ментални аберации.
Родителите и понатаму избегнувале да разговараат со своите деца за сексот. Децата дознавале сенешто од врсниците и од стриповите во кои се појавиле голем број примитивни сексуални сцени.
„Целосната сексуална слобода“ се сметала за еден вид лошо наследство на капитализмот, а тоа значи дека било нешто што не можело да се допушти. Затоа во СССР повторно бил забранет абортусот, воведена е кривична одговорност за содомија и за поседување порнографски материјал (кој било приказ на полов орган се сметал за порнографија).
Московски студенти во Анапа во 60-те години.
Евгениј Тиханов/SputnikВоопшто, било забрането да се пишува за сексот. Темата ја избегнувале и списанијата за возрасни и главната советска енциклопедија. Се предлагало со децата да се зборува за моралот и да се насочи нивната енергија на општествената работа, на фискултурата, на книгите...
Кон средината на осумдесеттите години од минатиот век воведен е предметот „Хигиена и сексуално воспитување“ за учениците од осмо одделение и „Етика и психологија на семејниот живот“ за 9 и 10 одделение. Но, во суштина ништо не се сменило: учителите кои сиот живот молчеле за сексот ни сега не можеле да ги најдат „вистинските зборови“.
Додека државата молчеше, почнаа да се појавуваат организации за борба против сида и венерични болести, па дури и центар за формирање сексуална култура кај младите. Во 1989 година за првпат е преведена на руски француската „Енциклопедија на сексуалниот живот“ за деца од 7 до 9 години и таа подолго време беше главниот извор на раното сексуално воспитување.
ТАТУ
Виталиј Белоусов/TASSВо деведесеттите години од минатиот век на телевизија се појавуваат првите еротски сцени, а списанијата за млади почнуваат да пишуваат за сексот. Во списанијата „Кул“ и „Браво“ се одговараше на интимните писма нa читателите. Во 1996 година се појави списанието „16“ кое беше посветено само на сексот. Секој трети тинејџер црпеше информации од списанието за кое повеќе не постоеја забранети теми. Медиумите престанаа да зборуваат за непосакуваниот секс пред бракот и почнаа да рекламираат средства за контрацепција.
Со масовното ширење на Интернетот тинејџерите влегоа во онлајн-просторот каде Гугл одговараше на сите нивни прашања.
Весниците и телевизиите повторно ја заобиколуваат темата за сексот. Рубриките за секс исчезнаа од многу списанија за млади уште во првите години на новиот век, а онаму каде што не исчезнаа, информацијата стана минимална и не толку отворена.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче