Американска команда: Руски Су-27 при пресретнување ги доведе во опасност животите на нашите пилоти

Су-27

Су-27

Вадим Савицкиј/Global Look Press
Руски ловец Су-27 е ангажиран за пресретнување летачки објекти кои се приближуваат на руската граница. Станува збор за извидувачки авион на Војската на САД модел ЕР-3Е, кој се наоѓал во состав на воздухопловството на нејзината Воена морнарица. Рускиот ловец ја воочил целта и од безбедно растојание потсетил веднаш да се промени курсот што било направено.

Дежурните средства за контрола на воздушниот простор регистрирале непознато летало кое се наоѓало над неутралните води во Црното море, а кое се движело во насока на руската територија. Веднаш бил ангажиран еден од дежурните борбени апарати Су-27 на кој му било наредено да тргне во насока на „летачкиот натрапник“ и да ја расчисти ситуацијата. Набрзо рускиот авион стасал до летачкиот објект каде од безбедно растојание извршил негова идентификација и тргнал во операција за негово пренасочување од моменталниот курс, што набргу и било сторено.

„Ризично пресретнување“ кое можело да биде кобно за американскиот извидувач

Командата на ВМ на САД изјави дека во тоа време рускиот Су-27 извел „ризично пресретнување“ на американскиот извидувачки авион над акваторијата на Црното море (со напомена дека целиот настан се случувал над неутралните води).

Како што се наведува во соопштението, рускиот ловец со невообичаено голема брзина и на растојание кое се карактеризира како „небезбедно“, извел маневар за пресретнување кој можел да го загрози американското летало, но и животите на неговиот екипаж. Потоа истиот авион, како што пренесуваат американските воени извори, повторно пролетал непосредно покрај ЕР-3, користејќи притоа опасен маневар во кој моторите биле во режим на дополнително согорување со карактеристичен пламен кој „бревта“ од млазниците на авионот.

Руското Министерство за одбрана ги одби сите вакви тврдења на американските колеги, и пренесе дека оваа активност била направена во согласност со пропишаните стандарди кога станува збор за мерките на безбедност.

Американците објавија и видеоматеријал на кој наводно се гледа споменатата ситуација. На снимката се гледа како руски борбен авион Су-27 пролетува покрај американскиот авион, каде изведува пропишан маневар за предупредување (во овој случај занесување на леталото надесно заради видливост на борбениот арсенал од класата в-в со кој располага).

Акција на руските противподморнички авиони во Норвешкото море

Новинарите кои се наоѓаа на палубата на американскиот воен брод „Mount Whitney“ кој инаку учествува во големата воена вежба на НАТО која овие денови се одвива во Норвешкото море, фотографираа руски специјални авиони за лов на непријателски подморници Ту-142МК „Александр Можајски“.

Руското Министерство за одбрана подоцна ја потврди оваа информација, при што додаде дека во таа мисија не е ангажиран само еден руски авион како што пренесоа француските новинари, ами два. „На втори ноември годинава, два противподморнички авиони Т-142 кои се наоѓаат во составот на Воено-поморските сили на Русија изведоа планирана мисија во воздушното пространство над неутралните води на Норвешкото море“, пренесува информативната служба на Министерството за одбрана.

Интензивна воена активност во близина на руската граница

Претставници на ВМ на САД , како што веќе рековме, изјавија дека пресретнувањето на американскиот авион ЕР-3 од страна на рускиот ловец Су-27 било небезбедна постапка, Тие дури и рекоа дека рускиот авион прелетал на оддалеченост од само 1.5 метри од врвот на крилото на американското летало, пресекувајќи му го агресивно курсот на летот.

Неколку месеци претходно, во мај годинава, руски ловец Су-27 исто така имаше блиска средба со американскиот противподморнички авион Boeing P-8 „Poseidon“ над акваторијата на Балтичкото море. Во јуни 2017 година, потенцијалниот инцидент со истите учесници се случи над акваторијата на Црно море.

Сиве овие инциденти се регистрирани во непосредна близина на руските територијални води. 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња