Од „Црна смрт“ до „Балалајка“: Рекордите што ги поставиле советските воени авиони

МиГ-29

Global Look Press
Секој од овие пет советски воени авиони има оставено трага во историјата на воздухопловството. Овие авиони успевале да остварат достигнувања кои претходно делувале невозможно.

Ил-2

Иљушин Ил-2 „Штурмовик“ е воен авион кој е најмногу произведуван во историјата. Тоа бил офанзивен авион направен кон крајот на триесеттите години од минатиот век и бил произведуван за време на Втората светска војна. Направени се повеќе од 36.000 примероци Ил-2.

Главна специфичност на овој авион била неговата оклопеност. Неговите конкуренти, како што е германскиот бомбардер Ју-87 „Штука“ биле лесно оклопени зашто ставањето на оклоп драстично би ја зголемило масата на авионот. Решението кон кое прибегнал авиоинженерот Сергеј Иљушин било челичниот оклоп да се претвори во основен, односно заштитен дел на трупот на леталото. Така овој авион бил добро заштитен од оган од земја. Ил-2 го добил прекарот „летачки тенк“. Германците го нарекувале „бетонски бомбардер“ и „црна смрт“. Нападите на ескадрила Ил-2 имале разорувачки и демолирачки ефект врз германските единици.

Но, Ил-2 бил ранлив на нападите од многу побрзите германски ловци зашто на задниот дел од Штурмовик немало оклоп. Поради тоа на почетокот од војната, кога советското воено воздухопловство немало доволно ловци за покривање на „летачките тенкови“ загубите на Ил-2 биле огромни. Еден Ил-2 бил соборуван на секоја 10 борбена мисија. Од 1943 година ситуацијата донекаде била поправена, па во просек еден Штурмовик траел 26 мисии.

МиГ-15

МиГ-15 кој го дизајнирале Микојан-Груевич во доцните четириесетти години од минатиот век стана најпроизведуваниот млазен авион на светот. Направени се околу 16.000 вакви авиони. Го имаат користено 40 земји. Последниот е повлечен од употреба релативно неодамна во 2006 година и тоа во Албанија. Неговиот победнички круг се одигра за време на Корејската војна. Тогаш надмина многу западни авиони, докажувајќи ја ефикасноста на советската технологија. „Не само што е побрз од сè што правиме, ами веќе се произведува во огромни количества“, изјавил тогашниот началник на британското воено воздухопловство по повод појавувањето на авионот МиГ-15.

Велат дека единствено F-86 „Сејбр“ (Sabre) бил вистински ривал за советските авиони. За време на Корејската војна советскиот пилот Евгениј Пепелаев летал на апаратот МиГ-15 и бил најдобар пилот во оваа војна. Во 38 воздушни битки уништил над 20 непријателски летала, вклучувајќи 18 „Сајбери“. Самиот Пепелаев летал на три авиони МиГ-15.

МиГ-21

МиГ-21 е најпроизведуваниот суперсоничен авион во историјата на воздухопловството со над 12.000 направени парчиња. Исто така има постигнато и рекордна брзина во раните шеесетти години од минатиот век – 2.388 километри на час. Благодарение на големото производство беше евтин, и тоа неколку пати поевтин од американскиот конкурент -4 „Фантом“. МиГ-21 е првиот советски авион кој претежно се потпирал на ракети.

МиГ-21 е лесен авион кој може брзо да се искачува. Тоа му помогна на овој авион да бега од ракетите на „Фантом“ за време на војната во Виетнам. Го доби прекарот „Балалајка“ според рускиот традиционален инструмент, благодарение на долната силуета која асоцирала на него. Овој авион и понатаму е во оперативна служба во некои земји.

МиГ-29

Уште еден МиГ, овој пат МиГ-29, кој има уникатни карактеристики кои му даваат способност за изведување акробатски маневри кои другите авиони претходно не можеа да ги изведат. Во 1988 година на аеромитингот Фарнборо, пилотите на МиГ-29 ги воодушевија набљудувачите кога го изведоа маневарот „ѕвоно“ кој претходно никој не успеал да го направи со млазен авион. Во еден момент, додека се искачува, брзината на авионот паѓа на нула што му овозможува да застане на место.

Пред извесно време една видеоснимка од Кралскиот меѓународен аеромитинг од Обединетото Кралство која покажува како МиГ-29 полетува речиси вертикално, стана многу популарна. Велат дека за време на тестирањето на леталото во раните осумдесетти години од минатиот век на пилотите им било потребно време да го натераат авионот да се заврти околу својата оска зашто тој самиот од себе „излегувал“ од овој опасен начин на летање.

Су-27

Суперманеврабилниот ловец на Сухој Су-27 е правен речиси во истото време кога и МиГ-29. Правен е за мисиите за остварување на воздушна супериорност и официјално е влезен во употреба во 1990 година. Но, уште за време на тестирањето на леталото поставени се определени рекорди. Во 1986 година советскиот пилот Виктор Пугачов се искачил на висина од 3.000 метри за само 25.4 секунди. Подоцна истиот пилот го подигна Су-27 на висина од 12.000 метри за помалку од една минута, поточно за 58 секунди. Овие рекорди сè уште не се надминати.

Во 1989 година Пугачов го изведе сложениот маневар „Кобра“ на аеромитингот Ле Бурж. Маневарот потоа почнаа да го нарекуваат по него. За време на овој маневар, авионот лета напред речиси вертикално, на своите крила од опашката, потврдувајќи ги суперманеврабилните способности. Вкупно Су-27 има поставено околу 30 рекорди.

Советски подморници кои сѐ уште држат светски рекорди. 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња