Кога човек чини 300 евра: Кој и како паѓа во ропство во Русија

Общественное движение «Альтернатива»
Новинарката на порталот Russia Beyond-Македонија присуствуваше на рација во која се ослободени луѓе од ропство. Во Русија има над милион луѓе кои фактички се со статус на ропство.

На полицајците кои ја спроведуваа им се оттргна од рацете силно, брзо и вешто. Пластичните папучи кои ѝ паднаа од нозете останаа пред влезот на вратата од зградата. Истрча боса колку што ја држат нозете низ мрачните дворови. И нејзината „другарка“ избега од полициското возило на сличен начин, така што искористи погоден момент и исчезна во мракот.

Бела ја гледа сета таа мешаница од автомобилот низ стаклото на шофершајбната. И таа е изведена од истиот стан со девојките што избегаа. Само што за разлика од нив таа послушно седеше во автомобилот бидејќи таа и пријавила.

Проклетството на вуду-магијата

Југозападна Москва, реон Тјопли стан, 18 километри од Кремљ. Типска зграда. Повеќекатниците се целосно идентични и со празни дворишта. Ако не знаеш руски и не можеш да ги прочиташ називите на улиците, никогаш нема да сфатиш каде се наоѓаш. Десно продавница без назив, отворена е постојано и огради. Лево исто продавница без назив, отворена нонстоп и повторно огради.

Тука живееле Бела и Џој, уште една девојка од борделот во соседната улица. Тие разменувале пораки и понекогаш се поклопувале на „работното место“ на улица.

На Бела ѝ била понудена работа во Русија додека сѐ уште била во Нигерија. За волја на вистината, не било кажано за каква работа точно станува збор, но цврсто ѝ било ветено дека сѐ ќе биде во ред. Ѝ извадила фан-карта и ја одвеле во Русија за време на Светското првенство во фудбал кога не беа потребни визи. Се вели дека на тој начин се префрлени голем број девојки. На московскиот аеродром Бела ја пречекала жена која станала нејзин подводаџија и ѝ го зела пасошот. Ја одвеле во стан во реонот Тјопли стан каде веќе се наоѓале три девојки од Нигерија. Ѝ дале сметка за „откуп“ од 55 илјади американски долари кои требала да ги заработи со проституција. Ѝ се заканиле со голем проблем што ќе го има доколку се обиде контактира со полицијата.

Џој има малку поинаква приказна. Таа во Нигерија присуствувала на сеанси на вуду-магија, а на една од нив ја проколнале. За да ѝ ја тргнат магијата морала да плати, па затоа прифатила понуда до пари да дојде во Русија. „Донесовме кокошка и гулаб и ги заклавме, а нивната крв ја излеавме во чаша и ја измешавме со алкохол. Јас го испив тоа, а Баба Лау рече дека на мене ќе биде фрлена клетва ако не платам“, раскажува Џој.

Но, продолжението на приказната е идентично како и кај другите девојки. Ја довеле во Москва, ѝ дале сметка за „откуп“, секој ден ја носеле на „работното место“ на улица, а доколку се случело нешто непредвидено, ѝ рекле дека ќе ѝ го уништат пасошот. Макрото ѝ велела: „По доаѓањето во Русија и јас се плашев. Но, кога одев на работа бев горда“. Потоа ѝ раскажала приказна за случај кога клиентот сакал да ја исфрли девојката низ прозорец, а таа самата од страв скокнала. Ѝ дала совет: „Стој настрана од прозорците. Господ ќе даде, ќе го исплатиш долгот“.

Џој и Бела кон крајот на летото се поврзале со волонтери од Алтернатива, руска организација која се занимава со ослободување на луѓето од ропство, и ги замолиле да ги ослободат и другите девојки. Џој била ослободена прва, а Бела една недела подоцна.

Како се купуваат луѓе

Според процените на непрофитната организација која се бори против ропството „WalkFree“ бројот на луѓе кои во Русија паднале во ропство во Русија изнесува нешто повеќе од еден милион. Во целиот свет постојат 45.8 милиони вакви луѓе. Во индексот на глобалното ропство на оваа организација (GlobalSlaveryIndex), Русија се наоѓа на 64 место, што значи дека на секој илјадити жител доаѓаат по 5.5 робови. Русија не води своја статистика во врска со ова прашање.

„Нам тоа ни е смешно и неверојатно што некој може да поверува во зло што се нанесува со вуду-магија. Некои жени-подводаџии ги заплашувале девојките со тврдењата дека нивните мажи се пријатели со Путин. Тие верувале во тоа. Тие се необразовани и не сфаќаат дека ако останеш без пасош можеш да побараш друг, и дека вуду-магијата е глупост“, вели Олег Мељников, раководител на Алтернатива.

Олег Мељников

Седиме во еден наргиле-бар во центарот на Москва во забавниот центар „Красни октјабр“. Во близина е канцеларијата на Алтернатива, современоопремен простор во мансардата, таканаречен лофт. Тука сосема комотно би можело да биде седиште на некоја дизајнерска и рекламна агенција. На ѕидот се наоѓа табла на која пишува „Суден е денот наш“, а тоа значи дека од со Јужен Судан постои договор за спасување луѓе во соработка со локалната полиција. Алтернатива во моментов активно се шири низ светот.

Според Олег, сексуалната ориентација, како и приказната со Нигеријците, е само дел од современета робовска „индустрија“. Работното ропство сѐ уште е распространето, а организирано е според пробана шема.

Луѓето од провинција се во потрага по работа во големите градови. Притоа, немаат пари дури ни за хотел. Неколку дена поминуваат на железничката станица, гледаат огласи. Потоа им приоѓаат регрутери и им нудат работа „на југ“. Никакви посебни квалификации не се потребни, а добро се плаќа.

Човекот се согласува. Им нудат со чашка да ја прослават новата работа. А, во алкохолот налеваат азалептин и клофелин. Така што тие ги преспиваат следните два дена. Кога ќе се разбудат, сфаќаат дека се наоѓаат во Дагестан, во фабрика, без пасош и без телефон. Тие сакаат да заминат, но тогаш им велат: „Ти си купен. Или плати за слободата, или работи“.

„Човекот си помислува дека ќе помине таму еден месец и дека ќе го пуштат. Но, по еден месец му велат дека исчезнал цемент или овен, дека е должен за хранатата и слично. Кога луѓето се обидуваат да избегаат, најчесто ги фаќаат, ги претепуваат, и повторно ги испраќаат на работа“, вели Олег.

Тој ги наведува цените. Роб за работа се продава за околу 25 илјади рубли (325 евра), а девојка која нуди сексуални услуги помеѓу 150 и 200 илјади рубли (2.000-2.600 евра). Инвалид во количка или постара жена чинат 50 илјади рубли (650 евра), а мали деца потребни за просење околу 150 илјади рубли (2.000) евра.

„Поучен случај. Постара жена го изгубила видот кога била млада. Живеела сама во Луганск. Пред шест години кај неа дошле луѓе кои ѝ рекле дека во Русија постои начин да го поврати видот“, раскажува Олег. „Ја довеле во Москва, ѝ ги зашиле очите и ја наместиле кај Курската железничка станица кадешто собирала милостина. И колу повеќе ѝ загнојувале очите, толку повеќе пари ѝ давале“.

Тежината на проблемот

Ноќта по упадот во нигерискиот бордел во полициската станица се најдоа тројца. Бела, една од оние девојки кои се обидоа да избегаат (втората ја фатија) и макрото, крупен Нигериец во црвени панталони и бледа жолта карирана маица. Соседите тврдат дека тој е новинар и дека работи на еден од московските факултети. Како што излезе, тој паралелно се „занимавал со бордели“, дава мито, се договара со полицијата, организира обезбедување. Како што се покажа на крајот, сите други Африканки од борделот, освен Бела, „го вратиле долгот“, а со проституција се занимавале по своја волја. Само што на Бела никој не ѝ верува. Затоа седиме во полиција три часа.

Активистите тврдат дека сѐ зависи од реонот, сите полицајци не се исти. Бела едноставно нема среќа, а некаде на ваквите девојки им помагаат. Врз основа на можностите што ги имаат, секако.

Активистите од Граѓанска поддршка, невладина организација, смета дека законодавтсвото во Русија во оваа област не е добро регулирано. Собирањето докази, соочувањето, сослушувањето, сето тоа трае со месеци.

„А, кога човек ќе се ослободи од заробеништво, што понатаму? За тие луѓе не се грижат, да кажеме, во некој центар, зашто такви нема во Русија. Во најдобар случај луѓето се враќаат да живеат онаму од каде што дошле. Ги повикуваат на суд да сведочат, а тие не можат да дојдат и случајот се затвора“, се жали Мељников.

Заштитникот на човековите права во Руската Федерација Татјана Москаљова не одговори на обраќањето на порталот Russia Beyond-Македонија. Нити во Министерството за внатрешни работи не сакаа да го коментираат проблемот на ропството и борбата против него, давајќи само податоци за кривичните дела. Според овие податоци, во Русија минатата година поради недозволено „користење робовски труд“ покренати се 6 кривични постапки, а поради трговија со луѓе – 21. Според членот „киднапирање луѓе“ водени се 347 процеси, а на основа на „незаконско лишување од слобода“ 458. Вкупно 859 случаи кои се однесуваат на современото ропство.

Чудни луѓе

Една недела подоцна Џој седи на задното седиште од кола и патува во привремено слесување, куќа чие користење е обезбедено од нигериската дијаспора, додека сѐ не се среди. Таа не сака да се врати во Нигерија по сето она што ѝ се случило. По пет минути прашува кога конечнно ќе добие микрофон. Џој сака да се занимава со пеење и да настапува пред публика. Таа мора да вежба.

Потоа прашува како да најде руски маж. Активистката која го вози автомобилот се врти и ѝ вели: „Ако сакаш да останеш во Русија, ќе мора да научиш да живееш сама“.

Во последниве седум години Алтернатива има ослободено околу илјада луѓе. Тоа, според нив, за Русија е малку. Телефонски пријави кои стасале по пат на специјалната линија има многу повеќе. Но, не може да им се помогне на сите, зашто нема доволно пари. Сто илјади рубли или околу петстотини американски долари месечно, колку што се собираат од донации, покриваат пет насто од месечните потреби. Од тие средства треба да се купат билети за враќање дома, да се обезбедат пари за лекар, храна, да се платат курсевите за интеграција во општеството. А, сето тоа не може да се покрие со доброволни прилози. Алтернатива не добива државни субвенции. Речиси сите пари доаѓаат од бизнисот на Мељников, односно од неколкуте фабрики, хотели, споменатиот наргиле-бар во кој разговаравме.

Во текот на разговор Мељников упорно им се јавува на познаници, барајќи преведувачи за жртвите, и при секој споменат еветуален лош исход, чука во дрво „да не чуе злото“. Мељников на шега вели дека сами себеси си личат на сицилијанска мафија, со оглед на тоа дека се наоѓаат во полутемен наргиле-бар, и тука одлучуваат кога и кого ќе фатат.

„Ние најверојатно сме најчудните волонтери што некогаш си ги видела, нели?“, прашува тој. Притоа се добива впечаток дека нему улогата на мистериозен волонтер му се допаѓа. Но, јавно не го признава тоа. Официијално вели дека со задоволство би се занимавал со нешто друго, но дека за тоа сѐ уште не е време. А, и рака на срце, жал му е да го напушти сево ова.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња