Запознајте ја Татјана Сорокина, Русинката која има одгледано 81 дете!

Татјана со неколку свои деца (јуни 2018 година)

Татјана со неколку свои деца (јуни 2018 година)

Татјана Сорокина
Во последниве три децении Татјана и нејзиниот сопруг се грижеле за 79 посвоени деца и деца на чување, како и за две свои родени.

Куќата на семејството Сорокини во селото Расвет (Ростовска област, јужна Русија) однадвор не се разликува од која било друга куќа во соседството. Тоа е еднокатна куќа опкружена со градина со метална порта. На прв поглед не би можеле да погодите дека тоа е дом на најголемото семејство во Русија кое чувало деца и кое досега има одгледано 81 дете.

„Моментално живееме со 15 деца (11 момчиња и четири девојчиња)“, вели матријархатот на ова семејство Татјана Сорокина која има 67 години. „Три деца студираат на академија, двајцата постари синови (18 и 20 години) студираат на универзитет, а останатите живеат со своите семејства“.

Таа објаснува дека дури 81 дете има живеено во нејзиното семејство во текот на последниве 30 години, со максимален број од 23 во иста куќа во периодот од 1991 до 1993 година. Како е тоа возможно и зошто воопшто се земаат толку многу деца? Оваа херојска мајка ја сподели својата приказна со Russia Beyond-Македонија.

Како започна сè

Татјана, Михаил и нивната ќерка Ана (1972)

Сè започнало во 1968 година во Махачкала (1.893 километри од Москва), кога 18-годишната Татјана го запознала својот иден сопруг Михаил Сорокин кој имал 23 години. Тој израснал во дом за деца без родители, така што му било важно да основа свое семејство. Додека и двајцата биле вработени, Татјана ја родила ќерката Ана (1970), а малку подоцна на свет дошол нивниот син Иван (1973). За жал, момчето го погодила сериозна болест и по една лекарска грешка се здобил со траен инвалидитет.

Иако родителите не планирале да посвојуваат деца, судбината имала поинакви планови. Ја напуштиле Махачкала со план да бараат работа во Волгодонск. На својот пат запреле во градот Цимљанск. Тука делеле стан со жена која барала да се грижат за нејзиното едногодишно девојче, додека таа заминала да „бара подобар живот“. Жената се вратила пет години подоцна и решила девојчето да го даде во дом за деца. Тогаш Сорокини решиле да го посвојат девојчето.

Тоа било само почеток. Во текот на следните години тие во својот дом примиле не само деца без родители, ами и деца со инвалидитет, меѓу кои и три момчиња на кои им била потребна операција на лицето и три девојчиња кои имале труење со радиоактивно зрачење. Во 1989 година, со 11 посвоени и две родени деца, Семејството Сорокини станале првото семејство во Советскиот Сојуз кое добило статус на таканаречено семејно сиропиталиште, што било државна иницијатива за на децата да им се овозможи да живеат во вистинско семејство, а не во сиропиталиште, а при тоа да не мораат да минуваат низ процедурата на посвојување.

Септември 1991

Да ја скратиме приказната, во текот на 30 години Татјана и Михаил предано подигнале 79 деца. За жал, Михаил починал пред шест години.

Семејно стебло (1969-2007)

Финансии

Локалните власти и Рускиот детски фонд му помагаат на ова семејство на различни начини. Во 1990 година семејството од трособен стан се преселило во своја куќа и добило минибус од фондот. Во 2002 година добиле возило, но го замениле за комби со осум седишта. За жал, во 2015 година минибусот се нашол во сообраќајна несреќа, па затоа бил расходуван.

„Потребен ни е минибус зашто не можеме никаде да одиме... Децата често немаат што да прават во селото за време на распустот“, вели Татјана. „Им купив некаква спортска опрема, дома играат пинг-понг, а на училиште фудбал, но би било навистина убаво понекогаш да одат на рибарење или да посетиме други вакви семејства“.

Март 2017

Семејството успева да сврзе крај со крај. Добиваат финансиска помош од државата од 9458 рубли (околу 122 евра) месечно за секое дете во програмата за чување, но моментално тоа се однесува на осум од петнаесет деца. Останатите не ја добиваат оваа поддршка зашто не се официјално посвоени.

Јули 2017

„Обично трошиме околу 250 рубли (3.2 евра) по лице дневно за храна, 500 рубли (6.4 евра) по дете за останатите трошоци и околу 1.000 рубли (12.8 евра) за други работи, како што се играчки, облека, лекови и училиште“, вели таа. „Мојот сопруг почина пред неколку години така што некои деца ја добиваат неговата пензија зашто изгубиле родител. Едно дете добива инвалидска помош. Од 1999 година исто така добиваме поддршка за инвалидност 25.000 рубли (320 евра) месечно“.

Поголемиот дел од средствата одат за набавка на прехранбени производи и облека. Овој месец Сорокини исто така се подготвуваат за почетокот на учебната година во септември, што значи дека вкупно ќе потрошат околу 100.000 рубли (1.280 евра).

Колку е доволно?

Семејна фотографија (2016)

Сите деца кои се примени во семејството на Татјана ја нарекуваат „мамо“ и сите станале чесни и морални луѓе. Поголемиот дел од нив завршиле факултет, се вработиле, основале свое семејство. Сите одржуваат контакт со Татјана и ѝ помагаат. Нејзината родена ќерка тргнала по нејзините стапки и чува деца.

Еден од посвоените синови на Татјана ја бакнува мајка си пред да замине во војска (мај 2018)

„Често нè посетуваат сосема непознати луѓе за да видат како живееме“, вели Татјана. „Многу родители стапуваат во контакт со мене преку Интернет, барајќи помош. Понекогаш моите совети им помагаат, понекогаш и јас ги имам истите проблеми. Многумина од оние кои нè посетуваат земаат деца на чување или посвојуваат“.

Семејна фотографија (2018)

Всушност, не се поставува прашање колку деца се премногу, ами попрво станува збор за тоа колку родителите имаат љубов, смета оваа херојска мајка. „Подобро е да се дозволи на семејство да прими неколку деца и да се види како им оди. Ако децата се земаат само за да се користат парите, тоа ќе биде очигледно и децата треба да бидат одземени. Но, тоа е многу болно за детето, така што во последниве неколку години примивме само деца кои ги напуштиле други луѓе што ги чувале. На хартија тоа изгледа лесно, но во стварноста децата понекогаш сакаат љубов, бакнежи и убав збор, а не само боршч и каша“.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња