Секс на првиот состанок во Русија? Ништо необично

Getty Images
Заборавете на правилото за трет состанок. Тоа е од минатиот век.

„Се запознавме во еден бар, испивме неколку пијачки и по неколку часа отидовме кај неа. Не беше мој тип, но јас не знам да одбијам жена која ми предлага секс, особено ако не е ептен антипатична“, раскажува еден московјанин приказна позната на многумина: се сретнале двајца возрасни и завршиле во кревет.

Некои работи во Русија се сепак покомплицирани одошто изгледаат на прв поглед, а сексот на првиот состанок е една од нив.

Игра на мачка и глувче

Општоприфатено е мислењето дека Русинките избегнуваат секс на првиот состанок. За тоа постојат повеќе причини, а најчеста од нив е сомнежот. Мислите за можните негативни последици им пречат на многу Русинки да се опуштат. Сексот на првиот состанок, секако, не може да биде причина за уништен живот, но исто така општоприфатено е дека пристојните жени не се однесуваат така.

„Жената мора да внимава на својот углед. Таа не може да се согласи на секс со секој маж на којшто ќе наиде“ вели 20-годишната московјанка Ана.

Многумина исто така мислат дека на мажот треба да му се даде шанса да се покаже како освојувач.

„Се верува дека мажите уживаат во освојувањето на женското срце кое на почетокот изгледа како непристапна тврдина“, вели Елизавета (32).

Некои истражувања на јавното мислење сведочат дека поголем дел од машката популација го дели ова мислење. Психологот Татјана Шишкина вели дека 25 отсто од претставниците на посилниот пол се сложуваат дека пред сексот им е потребен период на запознавање и играње мачка и глувче. На овој начин жената го зачувува својот углед, а мажот добива можност да ги совлада сите бариери и да си докаже себеси и на светот колку е силен. На крајот на краиштата, постои мислење дека руските мажи не ги почитуваат жените на кои мошне лесно може да им се пријде.

Жителите на големите градови како што е Москва сепак велат дека резултатите на ваквите анкети се чисти будалаштини. „Жените се исти суштества како и ние, и тие имаат исти желби и потреби. Единствената разлика е во тоа што не е општоприфатено тие гласно да зборуваат за своите желби“, вели Александар (29) кој имал најмалку две подолги врски кои почнале со секс на првиот состанок.

Како исчезна правилото за трет состанок?

Како што излегува, мнозинството од нашите соговорници-мажи се ентузијасти кога станува збор за можност уште на првиот состанок да одведат некого во кревет. Исто така велат дека не им е својствено да не ја ценат жената која се согласила на секс на првиот состанок. Напротив, како што се изрази еден московјанин „машката самодоверба во овој случај може само да расте“.

За Русинките од нашето време правилото за трет состанок е нешто од минатиот век и многумина мислат дека првиот состанок е вистинско време за „премолчена согласност“. Под определени околности, секако.

Жената може да се согласи на секс на првиот состанок од причини кои баш и не зависат од конкретниот маж. Да кажеме дека имала напорен ден, или дека сака да се забавува, да излезе од состојбата на шок откако дознала дека нејзиниот поранешен спиел со некоја нејзина другарка. Можеби не се сеќава кога последен пат имала секс, можеби нема каде да преноќи и едноставно решила таа вечер да биде 'лоша девојка'“, вели московјанката Викторија.

За да дојде до секс во раната фаза на познанството потребно е тој маж сепак да биде мошне привлечен. „На крајот на краиштата, и на девојките им треба секс! Понекогаш исто толку многу колку и на мажите“, вели Јулија (29).

Русинките од една страна се свесни дека мажите можат да го изгубат интересот за неа зашто толку брзо се „согласила“, а од друга страна, подготвени се и самите да изгубат секаква почит кон мажите со таква гледна точка.

Сепак, се чини дека постои барем едно правило кое важи за сите Русинки: што и да правите, немојте отворено да предлагате секс. „Ако нешто не поднесувам, тоа се предлозите од типот 'ајде да одиме кај мене дома'“, вели 27-годишната Александра од Москва.

Можеби овој вид отвореност, недвосмисленост и може да помине или, згора на тоа, е потребна во некои други култури, но во Русија ќе биде доживеана само како ладен туш.

Еве што вели една Русинка која живее во Германија:

„Ми приоѓа еден колега (знам дека има жена и дете кои во моментот не се во градот) и ме повикува во бар или во станот на пиво. Ми вели дека му се допаѓам и дека сака да ме одведе во кревет. Не можев да си дојдам на себе од изненадување! Во Русија ме викале на пијалак, би почекале да се напијам, па да ме завеат или да се обидат насилно. Сѐ уште не знам што да мислам за овој експлицитен и учтив германски предлог“.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња