Списокот на сите луѓе што ги познавал Иљја Еренбург (1891 – 1967) е бесконечен и на него сигурно ги има сите најголеми умови на 20 век. Веќе го споменавме Ленин. Еренбург има поминато 8 години во Париз, а негови најдобри пријатели биле Пабло Пикасо, Диего Ривера, Амадео Модилјани и други познати сликари.
Подоцна се запознал со Владимир Мајаковски, со Борис Пастернак и со Ана Ахматова. За време на граѓанската војна во Шпанија се сретнал со Хемингвеј. По Втората светска војна учествувал на Светскиот совет за мир и се запознал со многумина претставници на левицата во политиката и кај научниците, вклучувајќи ги Фредерик Жолио и Алберт Ајнштајн.
Ривера, Модиљани и Еренбург на цртежoт на Маревна 1916. „Кога ќе заврши војната?“
„Во Советскиот Сојуз не постоел друг писател со таков авторитет и со такви врски на Запад“, вели биографот на Еренбург Бенедикт Сарнов. Токму тоа била причината советските власти да го сметаат Еренбург за незаменлива фигура, а тоа можеби и му го спасило животот.
„Наскоро ќе ги елиминираат сите Евреи во Будимпешта, Киев, Алжир и на многу други места... Ќе ги палат и ќе ги закопуваат живи, ќе ги наросуваат полињата со нивната крв“. Ова звучи како цитат на Хитлеровиот план за Холокаустот, но ова се реченици од првиот роман на Еренбург издаден во 1922 година.
Оваа сатирична книга носи наслов „Необичните авантури на Хулио Хуренито“ и содржи многу предвидувања за иднината на Европа и на светот. За жал, најлошите од нив станале вистина. Покрај Холокаустот, Еренбург ја предвидел и Хирошима. Еден научник во романот измислува оружје за масовно уништување, а Американците кои го контролираат тоа оружје го насочуваат кон Јапонија.
Публицистот Леонид Жуковски има напишано: „Сè уште се чудам на предвидувањата од ' Хулио Хуренито' кои во целост се остварија. Дали тој тоа случајно го погодил? Но, дали е можно да се предвиди и германскиот фашизам и неговата италијанска разновидност, па дури и атомската бомба што Американците ја фрлија на Јапонците? Претпоставувам дека младиот Еренбург немал ништо заедничко ниту со Нострадамус, ниту со Ванѓа или со Месинг. Тоа било нешто сосема друго: бистриот ум и брзата реакција му овозможиле да ги види основните црти на цел еден народ и да предвиди како тие ќе се развиваат во иднината. Во раните векови за ваква дарба човека можеле да го стават на клада или да го прогласат за ненормален“.
Младиот Иљја Еренбург
На почетокот иако бил скептичен кон револуцијата, Еренбург подоцна им се приклучил на комунистите и ја комбинирал високата уметност, слободата, западниот стил на животот (го обожавал Париз во кој ја минал младоста, велејќи дека тоа е неговата „животна школа“) и лојалноста на Москва.
„Во триесеттите години од минатиот век фашизмот почнал да зајакнува, а Еренбург многу помалку барал од оние кои всушност можеле да го запрат“, пишува публицистот Александар Мелихов. Еренбург пишувал за советскиот печат, го величал Јосиф Сталин и молчел за време на чистките пред и по војната во кои настрадале многумина негови пријатели“.
„Не го сакав Сталин, но му верував и се плашев од него“, признава Еренбург во своите мемоари. „Во разговорите со пријателите го нарекував 'газда', како и сите останати“.
Како комунист и советски Евреин Еренбург ги мразел Германците од дното на душата и кога започнала Втората светска војна се посветил на кревањето на духот на Црвената армија. Неговата позната статија од 1941 година со наслов „Убиј“ имала за задача да ја разбуди воинственоста, желбата за одмазда и омразата кај советските војници. „Повеќе нема да зборуваме. Нема да се возбудуваме. Само ќе убиваме. Ако не убиете макар еден Германец во денот, сметајте дека сте прокоцкале ден од животот“.
Еренбург на фронтот
Лоскутов/SputnikАдолф Хитлер велел дека Еренбург е „куќен Евреин на Сталин“ и ветил дека ќе го обеси веднаш штом ќе падне Москва. Германската пропаганда од Еренбург направила монструм, тврдејќи дека повикува на силување на германските жени и убивање на германските деца.
Но, Еренбург нагласувал дека советската омраза е насочена само кон германскиот окупатор, а не кон целата нација. Во мемоарите напишал: „Во 1945 година бев во еден германски град што го бевме освоиле претходниот ден. Ми рекоа да одам во болница и да им објаснам дека никој нема да им наштети ниту на лекарите, ниту на пациентите. Главниот лекар не можеше да се смири, повторувајќи дека Иљја Еренбург е многу агресивен... Морав да му кажам дека Иљја Еренбург е сега во Москва за да се смири“.
По смртта на Сталин, Еренбург, како многумина други бил сигурен за својот живот, но не нашол заеднички јазик со новиот генерален секретар на ЦК на КПСС Никита Хрушчов. Сепак, Еренбург го дал името на новата ера која следуваше: оттепель – затоплување. Под овој наслов го објавил и романот од 1954 година во кој го опишува потолерантниот живот. Подоцна овој термин се користел со иронија.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче