Спасен руски алпинист кој недела дена висеше на карпа на сурова пакистанска планина

Ана Пиунова и Александар Гуков

Ана Пиунова и Александар Гуков

Anna Piunova/mountain.ru

Рускиот алпинист од Санкт Петербург Александар Гуков е евакуиран од стрмната падина на планината Латок 1 во Пакистан, на која без опрема беше заглавен недела дена, пренесуваат руските медиуми.  

Александар Гуков

 Пилотите на пакистанското Воено воздухопловство го евакуираа Гуков откако се разидоа облаците, соопшти координаторот на спасувачката операција Ана Пиунова. Според неа, лекарите не констатирале поголеми измрзнатини, меѓутоа пациентот е многу слаб и тешко зборува.

Александар Гуков

Рускиот алпинист е префрлен во воената болница во пакистанскиот град Скарди, на одделението за интензивна нега и се наоѓа во критична состојба, велат од амбасадата на Русија во Пакистан.

Четириесетгодишниот Гуков тргна во освојување на 7145 метри високиот врв на планината Латок 1 со колегата Сергеј Глазунов од Иркутск. Руските алпинисти понесоа храна за пет дена. На 22 јули го напуштија кампот што се наоѓаше на висина од 6500 метри, планирајќи да го освојат врвот за еден ден, за што ја известија и Пиунова преку СМС порака. Тоа, за жал, не им успеа, а следните три дена не беше можно да се стапи во контакт со нив.

На 25 јули Глазунов падна и загина. Кај него во ранецот остана поголемиот дел од опремата – јажето и другите неопходни работи.

Гуков остана заглавен на приодот кон планинскиот врв без каква било шанса да се спушти сам, а спасувањето со хеликоптер не беше изводливо поради временските услови кои беа неповолни за евакуација.

Гуков заглавен на приодот до планинскиот врв
Гуков заглавен на приодот до планинскиот врв
Пакистанскиот одред пилоти и спасувачи кој му притекна напомош на Александар

Како што Глазунов и Гуков претходно запишаа на платформата за собирање пари за оваа експедиција, сѐ уште никој нема успеано да се искачи на врвот на планината од нејзината северна страна. Нешто слично се обидоа американски алпинисти летото 1978 година, но на висина од 7000 метри беа присилени да се откажат и да се спуштат. Инаку, двајцата руски алпинисти се обидоа да стигнат до врвот на Латок 1 и минатата година, но во тоа ги спречија временските услови. Според пишувањето на медиумите, тие беа учесници во експедицијата која на тој планински врв сакаше да сними филм под наслов „Ништо не е засекогаш невозможно“.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња