За руската република Јакутија, која се наоѓа во студениот Сибир, јули е долгоочекуваното време за одмор од седумте месеци зима која трае од октомври до април. Тоа е ретко време кога жителите на овој регион можат да излезат на улица без страв дека ќе им замрзнат очилата, време кога милозливото сонце сјае на небото повеќе од дванаесет часа дневно наместо зимските два часа.
А сега замислете си колку се разочараа Сибирците кога во петокот, 20 јули, излегоа надвор и не го видоа сонцето.
Регионалниот информативен сајт „Јакутија 24” пишува дека Евено-Битантајскиот и Жиганскиот реон од 11:00 до 14:00 часот поради непозната причина биле обвиени во мрак. Фотографиите од очевидците покажуваат темни силуети на дрвјата и зградите со позадина црвено небо. Злокобната атмосфера ја засилуваше тешкиот воздух, преполн со црн прав.
„Надвор не можеше да се дише”, изјави за сајтот Sakha Daily очевидец на овие настани. Другите велат дека во нивните домови одненадеж се појавил гареж, дека некој ги претворил бурињата со вода во буриња со отпад и дека на околните езера по помрачувањето останал слој од прашина.
Додека локалните жители ги обвинуваат мрачните сили за сѐ, стручњаците изнесоа поверојатно објаснување: причина се бројните шумски пожари во Јакутија и другите реони на Сибир.
Во Сибир е сезона на пожари. Од мај веќе изгореа десетици хектари шума. Иако повеќето пожари се стотици километри оддалечени од градовите кои ги зафати помрачувањето, чадот и прашината од некои жаришта се шират над половина планета. Еден од пожарите, кој почна на 3 јули, предизвика чадна завеса која за 11 дена помина преку 8000 километри, минувајќи преку североистокот на Русија и Алјаска во централна Канада пред да почне да се разидува.
Чадните завеси кои настануваа од толку големи пожари можат просто да ја покријат земјата и да го исполнат воздухот со загадени гасови, велат научниците. Меѓутоа, до денес не се донесени конечни заклучоци за помрачувањето во Јакутија. Можеби причината лежи во комбинацијата од природни и антропогени фактори, како што е индустриското загадување во регионот.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче