„Излезе дека мојот сопруг ме изневерува, колку може да биде опасен олинклузив одморот!“. Видеото на Јутјуб со овој наслов го стави 54-годишна домаќинка од Краснодар (1500 километри од Москва), а истото веднаш стана сензација. За три недели, видеото е гледано од повеќе од 2 милиони луѓе.
Хероината Елена Колотилова својот канал на Јутјуб го има наречено „МАМА отличника“ (мајка на одличен ученик) пред три години, во април 2015 година.
Можеби Колотилова се запознала со Јутјуб благодарение на трите деца - сите тие имаат свои канали во социјалната мрежа. Најмалиот - 14-годишниот Лев, дури има и опрема за осветлување на своето биро.
Сепак никој не очекуваше 54-годишната жена да ја надмине по популарност помладата генерација јутјубери во семејството, кои очигледно вложуваат повеќе ресурси во своите видеа. Иако ќерката има канал на Јутјуб Mimi Lissa со 1 милион претплатници (таму таа пушта видеа на својата ќерка), а останатите нејзини деца исто така имаат необјасниво голема публика, Елена Колотилова ги држи во џеб.
Тажното откритие, кое го уништи животот на Колотилова (и ја започна драмата која ја претвори во ѕвезда), се случи на 24 јуни, кога 54-годишната жена добила потврда дека нејзиниот маж ја изневерува. Скршената жена ги снима првите минути од нејзиниот гнев и го става видео на Јутјуб.
„Секој пат кога доаѓаме во Анапа (руски град на Црното Море, познат по своите летни одморалишта) Михајлич (Колотилова го вика својот маж со татковото име) почнува да дивее. Тој оди во „Акапулко“ (локално кафуле) и го поминува таму целиот ден, цела ноќ, иако затвораат на полноќ. Се прави дека се прибира, но кога сите ќе легнеме, тој излегува. Вечерва воопшто не се прибра. Каснав и се вратив (во хотелот) ... а тој игра тенис на маса со аниматорката - млада девојка со импресивни димензии, поголеми од мене. И таа ми вели: „Здраво, мама“. Се насмевнав и поминав покрај неа. Тоа е целосен срам“, вели видно вознемирено жената во камерата, додека нејзината ќерка лежи во креветот одзади.
Иако Колотилова не дава никакви докази за неверството и сета епизода се засновува исклучиво на нејзините зборови, срцепарателниот клип стана моментален успех и за кратко достигна 2.2 милиони прегледи. Потоа нејзиниот Јутјуб-канал посветен на готвење и други слични работи, се претвори во вистинска семејна сага, исполнета со драма и болка.
„Ќе кажете - Елена Павлова повторно сака да привлече внимание. Не, не е така - тоа е животот. Вистинскиот живот“, вели Колотилова во заклучокот на тажното видео, во кое го открива неверството на нејзиниот маж.
Наскоро Колотилова сфаќа дека нејзината слава се шири надвор од Јутјуб и е надвор од контрола.
Големите телевизиски канали и локалните весници почнуваат да се јавуваат, па дури и да ѝ нудат пари за интервју. Жената доби и понуди од Јутјуб-блогери да снимаат заеднички видеа - во еден од нејзините клипови таа го покажува екранот од телефонот со една од понудите.
Неочекуваната слава очигледно ја фаќа Колотилова неподготвена - жената постојано ги одбива понудите со лошо прикриена омраза кон угледот.
„Да не сте полуделе?! Нема да давам никакви интервјуа. И без тоа ми е лошо, а вие постојано ми праќате пораки. Се разбира, сега ќе дојдам (во ТВ студио) да се посрамам пред целата земја (саркастично)“, вели жената во видеото со наслов „Телевизиите ме нападнаа!“.
Изневерил или не, сопругот на Колотилова изгледа без да сака дал почеток на ново поглавје во животот на жена си, претворајќи ја во ѕвезда на Јутјуб ... со скршено срце.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче