Главниот руски боксер во тешка категорија Александар Поветкин безмалку пет години по поразот од Владимир Кличко во септември ќе има можност да освои дури три шампионски титули, пишува порталот „Спорт Експрес“.
Имено, како што е официјално потврдено, „рускиот витез“ Поветкин ќе го предизвика првакот на светот во организација на WBA, IBF и WBO Ентони Џошуа на 22 септември на легендарниот стадион „Вембли“ во Лондон. Поветкин ќе го прослави својот 39 роденден три недели порано, потсетуваат руските медиуми.
28-годишниот Џошуа, кој по освојувањето на Олимписките игри во Лондон премина во професионалните боксери и оттогаш не знае за пораз, несомнено важи за најопасниот ривал на планетата, пишува авторот на текстот. Британецот во март со едногласна одлука на судиите го победи Новозеланѓанецот Џозеф Паркер и ги обедини титулите во три од четирите најпрестижни верзии на натпреварувањето во тешка категорија WBA, IBF и WBO.
„Едвај чекам да се да се вратам во рингот, крајот на март ми се чини премногу далеку. Поветкин е сериозен предизвикувач и јас соодветно ќе се подготвам за тој меч. Тој има сериозна биографија, и само будала може да ги потцени неговите квалитети. Иако не престанав да тренирам, ме очекуваат десет, физички и ментално исклучително напорни недели. Ќе се проверувам себеси за да бидам сигурен дека таа славна ноќ за британскиот бокс во рингот ќе влезам во полна форма“, рече Ентони.
Како што пишува новинарот на најпознатото руско спортско гласило, Џошуа, без оглед колку е политички коректни, никако не може да биде воодушевен од мечот со рускиот ветеран, бидејќи е опседнат со обединување на сите четири титули во тешка категорија и со борбата против Американецот Вајдлер за појасот што му недостига. И тука, според рускиот весник, Поветкин има шанса. Пред сѐ во споредба со ривалот тој речиси нема што да загуби. Сите титули се на другата страна, Џошуа има предност од аспект на годините, а тоа значи во брзина и издржливост.
Витезот не може да биде фаворит на букмејкерите. Сепак, тоа не значи дека тој не може да победи. И тоа како може, и Џошуа го знае тоа, но ако се стекнат неколку фактори, констатира авторот на текстот. И колку и да изгледа парадоксално, претстојната борба за Поветкин ќе значи повеќе отколку за Британецот. Ако загуби тоа ќе биде голем удар за неговата репутација. Пред Џошуа се уште десетина години, сосем доволно да се врати во холивудски стил, рушејќи сѐ пред себе. Сепак, Поветкин нема да има друга шанса да освои шампионски титули. Во пресрет на овој меч Поветкин одеше речиси пет години, откако загуби од Кличко. И тогаш беа во игра три титули, но рускиот борец не беше подготвен да му ги одземе на Украинецот. Сепак, продолжи да работи напорно и двапати беше блиску до мечеви за титулата. Меѓутоа, поради чудните случаи со допинг во 2016 година пропадна одмерувањето на силите со Вајлдер и Бермејн Стиверн. Иако се чинеше дека тоа е крај на кариерата на „рускиот витез“, тој го издржа тешкиот период, одигра три добри меча и ја натера среќата да му се сврти, наведува рускиот портал.
„Моја цел отсекогаш беше меч за титулата шампион на светот. Се борев за да се сретнам со најсилниот противник. Таа прилика ќе ми се даде на 22 септември“, ги пренесува „Скај Спортс“ зборовите на Поветкин.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче