Започнува воената вежба „Словенско братство 2018“

Слободан Ѓукиќ
На полигоните во близина на Новоросијск пристигнаа околу 1.000 елитни падобранци од три пријателски земји кои заеднички ќе учествуваат на вежбата „Словенско братство 2018“. Руските, белоруските и српските специјалци за време на оваа вежба ќе создадат заеднички команден штаб и мешовита баталјонско-тактичка група која ќе мора да исполни мошне сериозен план и програма на вежбите. Во вежбите е планирана употреба на најсовремена борбена и специјална техника.

Четвртата по ред заедничка руско-белоруско-српска воена вежба „Словенско братство 2018“ ќе ги собере падобранските единици од три пријателски држави на полигонот „Раевски“ кој се наоѓа недалеку од градот Новоросијск на брегот на Црно Море. Основната цел на оваа вежба е подигање на нивото на интеракција и меѓусебно содејство во рамките на обединетата баталјонско-тактичка група за време на изведувањето на борбените дејствија против терористичките формации и извидувачко-диверзантските единици на условен непријател.

Вкупна моќ на ангажираните сили

Планирано е во текот на овие вежби падобранските единци на трите различни армии заеднички да решат задачи кои се максимално приближени на реалните борбени ситуации, како и да применат нови методи и постапки во тактиката на антитерористичката борба. Една од целите на заедничката вежба е подготовка и активно учество на мешовитата тактичка група во специјална операција за откривање и елиминација на центарот за обука на терористички формации кој се наоѓа во зоната на нејзина одговорност.

Воздушно-десантната војска на Русија во оваа вежба ќе учествува со еден падобранско-десантен баталјон на Кубањскиот полк кој се наоѓа во составот на 7 гардиска воздушно-десантна планинска дивизија. Вкупно ќе бидат ангажирани околу 700 руски падобранци, со околу 500 единици борбена техника. Воздушно-транспортните единици на Јужниот воен округ за таа цел обезбедија 12 авиони и хеликоптери на фронтовската, армиската и транспортната авијација.

Српската војска на вежбата ќе испрати самостојна падобранско-десантна чета од 50 лица од составот на Специјалната бригада. Белорусите од Витебск ќе испратат 250 падобранци со комплетна борбена техника (две аеромобилни чети од составот на Силите специјални операции на Војската на Белорусија). Тие на полигонот „Раевски“ ќе донесат и околу 40 единици борбена техника (БТР-80 плус транспортни и борбени автомобили МАЗ).

Вкупната ангажирана сила во составот на мешовитата баталјонско-тактичка група е проценета на 1.000 луѓе.

Сместување

Самостојната падобранска чета од Србија ќе биде прифатена од единиците на воздушно-десантниот баталјон од составот на 7 гардиска падобранска дивизија, додека белорускиот контингент со својата техника ќе биде разместен на автономна база од баталјонски тип АПЛ-500. Тој е подигнат непосредно покрај полигонот „Раевски“. Станува збор за современ комплекс за теренско логорување на самостојни воени единици од рангот баталјон кои обезбедуваат заокружен циклус на работа и одмор онака како што е во касарните. Овој мобилен теренски пункт е составен од неколку десетина пневматски објекти на надувување со капацитет од 500 војници и офицери. Служи за среднорочен или за долгорочен престој на баталјонско-тактички групи во теренски услови на места кои се оддалечени од комуникациите и од линиите за снабдување.

На заедничката воена вежба „Словенско братство 2018“ за првпат заеднички ќе дејствуваат современите примероци на борбената техника специјализирани за воздушно-десантните единици како што се БМД-4М, БТР-МДМ „Ракушка“ и падобранскиот тенк кој може да десантира од авионот 2С25 „Спрут-СД“. Единиците ќе бидат вмрежени со елементи на комплекс на командување и управување од новата генерација „Андромеда“ и со современи средства за противелектронска борба.

Сценарио на вежбата

Со вежбата ќе раководи змаеник-командантот на ВДВ за мировни операции и групата КСОР (Колективни сили за рапидно реагирање во рамките на ОДКБ), генерал-потполковник Александар Вјазников. Коментирајќи го планот за заедничката вежба „Словенско братство 2018“ во која се ангажирани падобрански сили од три различни земји, генералот нагласи дека ќе се вежбаат различни варијанти на борбено ангажирање на мултинационалната тактичка борбена група од рангот баталјон, при изведување тактички задачи кои имаат мировен и антитерористички карактер.

Во текот на подготвителната етапа на вежбата единиците кои образуваа заедничка тактичка група под команда на гардискиот полковник Андреј Кондрашкин, ќе имаат задача да подготват техника за десантирање и за изведување на главниот дел на вежбата, така што ќе го запознаат теренот каде ќе се изведе десантот, а кој се наоѓа во Кримскиот реон на Краснодарскиот крај и на полигонот „Раевски“.

Во главниот дел од вежбата ангажираните единици треба да извршат падобрански десант и веднаш потоа да стапат во борба со условниот непријател. Основната цел на оваа етапа од вежбата е заземање на аеродромот кој се наоѓа под контрола на терористичките формации, уништување на нивниот команден пункт и организација на офанзива во реонот каде се блокирани главните сили на непријателот. Паралелно со борбените дејствија, дел од единиците мораат да обезбедат сигурни маршрути за снабдување преку кои на загрозеното население ќе им биде испорачана хуманитарна помош, а кои се наоѓаат во непрооден планински терен. Линиите за снабдување непрекинато ќе бидат под огнот на терористите кои ќе вршат постојани напади на силите за обезбедување, но и да поставуваат заседи од патролни групи.

Полигонот за вежби на кој мултинационалната тактичка борбена група ќе ги вежба своите активности располага со комплетна инфраструктура. Создадени се услови за вежбање ситуација како што се операции за извидување како дење, така и ноќе, изведување десантно-офанзивни борбени дејствија во пасивно планинско подрачје со совладување препреки кои симулираат карпи, водени текови и слично.

Почетокот на активната фаза на вежбата со планираната динамика е закажан за 26 јуни.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња