Кобната судбина на советските вундеркинди: Генијални деца кои трагично го завршиле животот

Овие млади гении скапо платиле за својот талент. Можеле да создаваат ремек-дела со кои ќе го восхитувале сиот свет, но не можеле да ги надминат здравствените и интелектуалните проблеми кои ги чинеле живот.

Ника Турбина

Ника Турбина, девојче од Крим кое своевремено била нарекувана „новата Ана Ахматова“ е една од најпознатите руски поетеси. Но, судбината била сурова кон неа.

Ника на четири години започнала да пишува и да им ги чита своите стихови на родителите. Тоа не била лирика која обично ја пишуваат децата, ами сериозна поезија на возрасен поет.

Јавноста ја забележала Турбина, а потоа следеле цела низа признанија и награди. Имала 9 години кога во Москва била објавена нејзината прва стихозбирка под наслов „Несредени белешки“ (на руски „Черновик“). Книгата е преведена на 12 јазици, а во Венеција доби „Златен лав“ за поезија.

Малкумина знаеле дека Ника од детството имала бронхијална астма и дека поради тоа постојано имала несоница и била во депресија. За себе велела дека е „ноќна птица“. „Само ноќе чувствувам дека сум заштитена од овој свет, од ова врева, турканици и проблеми“, велела Ника.

Минаа години, Ника порасна и сè помалку се интересираше за љубителите на нејзината поезија. Се обидуваше да го најде своето место во животот, се омажи и студираше филмска уметност. Ништо од тоа не ѝ помогна – последните години од животот ги мина како зависник од наркотици и алкохол.

Имаше само 27 години кога на 11 мај 2002 година падна од петтиот кат. Сè уште не е јасно дали станува збор за убиство или за несреќен случај.

Надја Рушева

Своите први цртежи Надја Рушева ги има направено кога татко ѝ ѝ читал сказни. Не одела во училиште за сликање, но стручњаците биле импресионирани од нејзината техника и од чувството за стил.

Имаше само 12 години кога беше организирана нејзината прва изложба на слики, а потоа следуваа 15 самостојни изложби во различни земји од светот. Нејзините слики се едноставни, но полни со живот, енергија и динамика.

Импресионирана од романот „Мајсторот и Маргарита“ на Михаил Булгаков, Надја има создадено цела серија илустрации за овој роман. Подоцна Елена Булгакова, сопругата на покојниот руски писател, ги опиша како нешто најдобро што некогаш го видела.

Надја сакаше да стане карикатурист, но оваа нејзина желба не се оствари. Умре ненадејно на 17 години од мозочен удар до кој дошло поради вродена мана на артеријата во мозокот. Не стаса да заврши ни училиште.

Павел Конопљов

Павел Конопљов беше советски вундеркинд во осумдесеттите години од минатиот век. Како тригодишно дете решаваше сложени математички задачи, од пет години свиреше клавир, а веќе во осмата година беше добар физичар. И покрај сето ова се однесуваше како обично дете и му пишуваше писма на Дедо Мраз.

Реши да ѝ се посвети на математиката и се запиша на Московскиот државен универзитет кога имаше само 15 години. Меѓу првите пишуваше програми за првите руски компјутери.

Но, сите постигнати успеси ги поништи тешкото психичко растројство кое го принуди Павел да им се обрати на лекарите. За жал, своите последни денови ги мина на психијатриската клиника каде почина во својата 29 година од тромб на артеријата на белите дробови.

Саша Путрја

Саша Путрја во својата 11 година веќе имаше 2.000 слики. Нејзиниот татко беше сликар, па таа тргна по неговите стапки. Ги сликаше луѓето што ги среќаваше, измислуваше ликови за ликови за кои читала, а исто така и животни во човечка облека. Дури има насликано и икона на Пресвета Богородица.

Кога во 1986 година го одгледала индискиот филм „Диско-танчар“ Саша се вљубила во Индија. Имаше насликано портрет на Индира Ганди, а исто така и мажи и жени во индиска облека. Се насликала и себеси како Индијка. Секогаш со себе го носеше портретот на филмскиот глумец Митун Чакраборти.

За жал, веќе во петтата година беше откриено дека Саша боледува од леукемија. Потоа успеа да живее и да работи уште 6 години, сè до својата смрт во 1989 година.

И покрај краткиот живот уметничкото наследство на Саша Путрја не е заборавено Од 1989 до 2005 година се организирани 112 изложби на нејзините творби. Нејзини слики се објавени во Австрија, а во Полтава (Украина) денес се наоѓа детската галерија на слики „Саша Путрја“.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња