На гости кај браќата Руси: Како да го испочитувате домаќинот?

Getty Images
Доколку некој Русин ве повика на гости, можете да бидете сигурни дека ви е наклонет. Останува само да се „избламирате“ на гости, односно да обрнете внимание на определени детали од рускиот гостински бонтон.

Русите понекогаш не канат на гости дури ни луѓе со кои со години се познаваат. Или немаат доволно доверба во нив, или сметаат дека нивниот стан не е доволно добро уреден за да се примат определени луѓе (на Русите им е важно што ќе помисли гостинот за нивниот стан). Доколку сте еден од „избраните“, не би било лошо да знаете неколку важни правила за однесување на гости.

Не одете на гости со празни раце

Не треба да носите скап подарок зашто не одите на роденден, но сепак размислете што би требале да „додадете“ на трпезата. Таков е обичајот. Тоа може да биде нешто слатко или вино. Русите имаат обичај гостите да ги послужат со она што го донеле. Затоа е најдобро да го донесете она што и самите најмногу го сакате.

Доколку во таа куќа има деца, земете нешто и за нив – киндер-јајце, боенка или нешто друго, зависно од возраста.

Папучи

Ако одите на гости кај Руси, имајте предвид дека обувките ќе ви останат во претсобјето. Русите не одат обуени низ дома, а за гостите имаат папучи. Тие папучи можат да бидат и четири броја поголеми, со прорези или со цветчиња, но нема што да се прави – прифатете го она што ви го нудат за да не се навреди домаќинот.

Евентуално можете со себе да си земете свои „домашни“ обувки и да се преобуете кога ќе влезете.

Екскурзија низ станот

Дури и да живее во мал двособен стан, домаќинот најверојатно најпрво ќе ве прошета низ своето место на живеење. Можеби евентуално ќе ја прескокне спалната соба, но сето останато ќе ви го покаже – и каде можете да измиете раце, и кој е на фотографијата во дневна соба, и кога е купен новиот телевизор...

Ова е своевиден ритуал во кој вашата улога е да покажете барем минимална заинтересираност за она што домаќинот ќе ви го покаже. Прашајте го за некоја дреболија или пофалете нешто во станот, од куртоазија. Потоа ќе ви биде понудено да седнете. За волја на вистината, домаќинот може да се расприкаже за својот стан, што значи дека ќе стоите сè дури тој самиот не се измори од стоење. Не е учтиво да седнете пред да ви биде тоа понудено.

Внимателно со пешкирите

Доколку во бањата има повеќе пешкири, внимавајте кој ќе го употребите. На некои тоа им е сеедно, но постојат луѓе кои нерадо го делат својот пешкир со кого било.

Најверојатно најпрво ќе ви биде покажано кој пешкир е подготвен за вас (за време на веќе споменатата екскурзија). Доколку тоа не се случи, тогаш е подобро да прашате кој пешкир можете да го користите.

Треба ли да се понудите за помош?

Не грижете се, веројатно нема да добиете никаква „задача“, но сепак не би било лошо да се понудите да помогнете, на пример да ги поставите чиниите на маса или да ги соберете по вечерата. На домаќините тоа ќе им годи, а „валкана работа“ секако нема да добиете вие, ами некој од блиските (доколку не сте само вие на гости).

Да се пие или не?

Ова е повеќе реторичко прашање. Секако пијте. Но, имајте предвид дека во секое руско друштво постојат луѓе кои сметаат дека нивна обврска е да ги напијат сите луѓе во опкружувањето. Доколку на некој таков човек му се стори дека не сте испиле доволно, постои опасност да се впуштите со него во алкохолна битка. Бидете сигурни дека за него победата е прашање на честа.

Ако не можете или не сакате да пиете, сепак првата чаша треба да ја подигнете и да наздравите со домаќинот (освен ако не сте болни или бремени). Барем навлажнете ја усната.

Не спуштајте ја чашата за време на здравицата

Кога Русите ќе почнат да кажуваат здравица, тоа може и да потрае. Говорникот често започнува „од пред Христа“ и толку се занесува што ни самиот тој не знае до каде стасал и кога ќе заврши, но не очајувајте. Мошне е важно да не ја спуштите чашата пред крајот на здравицата зашто тоа би било знак на непочитување. Можете да ја спуштите чашата дури откако ќе наздравите или откако барем малку ќе пивнете од чашата заедно со останатите.

Кога треба да се стане и да се замине?

Ова е мошне суптилна работа. Никој нема да ви каже дека е време да заминете (тоа би било грубо). Самите треба да почувствувате. Згора на тоа, колку што вечерата се приближува кон крајот и чиниите се празнат, домаќинот ќе ве нуди сè дури не се изеде сè. Но, тоа не значи дека треба да се изеде и последното нешто на масата. Во определен момент сепак треба да запрете, да му се заблагодарите на домаќинот и да заминете. Денес е обичај да заминете дома пред полноќ. Подобро е да заминете порано, одошто домаќинот да каже „Баш убаво што дојдовте!“ или домаќинката да почне да ги мие садовите.

Прочитајте уште: Разбивање митови: Не, Русите не наздравуваат со зборовите „На здаровје!“

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња