Последни информации за пожарот во Кемерово: повеќе од 60 загинати

Луѓе полагаат цвеќе пред трговскиот центар во сибирскиот град Кемерово, Русија

Луѓе полагаат цвеќе пред трговскиот центар во сибирскиот град Кемерово, Русија

AP
Најмалку 64 лица, повеќето деца, загинаа во огнената стихија која на 25 март зафати трговски центар во сибирскиот град Кемерово. Причината за трагедијата сѐ уште не е утврдена, но сигурно е дека во зградата не била обезбедена адекватна противпожарна заштита.

Во Кемерово, регионален центар во Сибир, 3600 километри од Москва, на 25 март 2018 изби стравичен пожар. Огнот го зафати трикатниот трговски центар „Зимњаја вишња “ (Зимска вишна). Се претпоставува дека пожарот почнал во детската зона во близина на киното на третиот кат. Сведоците тврдат дека пожарниот аларм не се огласил, па голем број луѓе останал заробен во зградата која веќе била зафатена од пламенот.

Денес, 26 март, до 14:00 часот трговскиот центар делумно и понатаму гори. 230 пожарникари веќе 24 часа се борат против огнената стихија. Руското министерство за вонредни состојби официјално соопшти дека загинале 64 лица, повеќето деца. Во неделата деца од неколку училишни одделенија отишле во трговскиот центар да го прослават почетокот на рускиот пролетен распуст. Во пожарот исто така настрадаа околу 200 животни од малата зоолошка градина на третиот кат.  

Чад се крева над трговскиот центар во сибирскиот град Кемерово, 25 март 2018.

Што е причина за несреќата?

И понатаму не се знае како дошло до трагедијата. Постојат претпоставки дека некое дете играјќи си предизвикало пламен или дека е во прашање краток електричен спој на инсталациите. Во секој случај, сведоците наведуваат дека никој не им помогнал на луѓето кога почнал пожарот. „Не се огласи пожарниот аларм, ништо. Дури и вратите за евакуација во приземјето беа заклучени. Уште не сфаќам како успеавме да побегнеме од оваа огнена замка“, изјави Дмитриј Хорошавцев, кој се наоѓал во зградата за време на несреќата.

Антон Горелкин, рускиот пратеник од Кемеровската област, напиша на „Фејсбук“: „Пожарниот аларм и противпожарниот систем потполно откажаа. Кога избил пожарот, во близина немало ниту еден апарат за гаснење пожар. Еден исправен апарат на вистинското место можеше да го спречи сето тоа“. Горелкин претпоставува дека трговскиот центар имал сериозни проблеми со безбедносните системи, а фактот дека локалните власти ја одобриле неговата работа можеби укажува на корупција.

Пожарникари пред трговскиот центар по пожарот, 26 март 2018.

„Во Кемерово имаме неколку трговски центри кои се изградени на потполно ист начин: евтина пластика, лавиринти од ходници и сомнителна сопственичка документација. Сите тие треба да бидат проверени и, ако постои и најмало отстапување од правилата, треба да бидат затворени. Не постои мито кое може да плати за детски живот“, продолжува Горелкин. А Владимир Чернов, заменик-губернатор на Кемеровската област, изјави дека властите имаат многу прашања за сопствениците на трговскиот центар.

На 26 март официјални лица од рускиот Истражен комитет соопштија дека пожарниот аларм бил деактивиран од еден од чуварите на трговскиот центар „Зимњаја вишња“ откако избил пожарот. „Се разгледува можноста за негово приведување“, велат официјалните лица.

„Ужасна лекција”

Властите на Кемеровската област на 26 март објавија тридневна жалост. Но, и пред официјалната жалост луѓето од Русија и целиот свет почнаа да упатуваат изрази на тага и сочувство со семејствата на загинатите и рускиот народ. „Неделен ден во голем град, трговски центар во кој си играат деца. Тоа е глетка која на сите им е блиска и препознатлива... Плачам и ги гушкам своите деца“, напиша на „Фејсбук“ Галина Јузефович, книжевен критичар.

Човек реагира на глетката на пожарот. Фотографија од 25 март 2018.

Објавени се голем број на пораки со слична содржина. „Телефонските повици на децата кои се заробени во пожарот и се збогуваат со своите најблиски и најмили се нешто што го кине срцето. На семејствата им упатувам најискрени зборови на поддршка во ваков страшен животен момент“, напиша Марија Захарова, портпаролката на руското Министерство за надворешни работи. „Секој кој е одговорен за тоа, за противпожарната безбедност, за безбедноста на децата, треба да биде пронајден и именуван. Ова е тешка лекција за сите нас“.

Освен жалење, основната реакција на трагедијата се гневот и желбата за правда. „Оние кои се одговорни за затворените врати за евакуација треба да бидат казнети... Ова е страшна лекција”, напиша на „Твитер“ новинарот Василиј Конов.

Многумина ги обвинуваат локалните власти за неспособност и недостиг на реакција. Губернаторот Аман Тулеев изјави дека во пожарот загубил блиска роднина, 11-годишно девојче, и дека ова е „заедничка несреќа“.

Цвеќе, свеќи и играчки пред трговскиот центар „Зимњаја вишња“ каде во пожар загинаа најмалку 64 лица.

Жителите на Москва носат цвеќе и детски играчки пред зградата на претставништвото на администрацијата на Кемеровската област при владата на Русија. Во Кемерово се формираа долги колони од луѓе пред центарот за трансфузија на крв. По само два часа утрото на 26 март лекарите соопштија дека собрале доволно крв.

Доколку сакате да им помогнете на преживеаните и на луѓето кои во пожарот загубија членови на семејството, парите можете да ги донирате преку сајтот на Рускиот црвен крст (одделение за Кемеровската област).

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња